Расте притисокот врз грчката влада | Правдико

Правдико

   

Расте притисокот врз грчката влада

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Грчката влада доцни со спроведувањето на реформите на кои се обврза со третиот пакет за помош на Грција, народот протестира против нив, а Брисел бара да се забрза темпото.

0,,18767207_303,00

Протести во центарот на Атина: ученици, заедно со нивните учители, демонстрираат против слабата опременост на училиштата. „Немаме доволно учители, немаме учебници, некои училишта веќе немаат школски автобуси. Ситуацијата е многу тешка и поради тоа демонстрираме“ – вели 14-годишната Елени.

Фериботи не возат кон островите оти штрајкуваат екипажите. Демонстрациите против политиката на штедење веќе не се толку жестоки, колку на почетокот на кризата, но сега и од левичарите предводената влада на Грција ја почувствува лутината на народот. Третата реформска програма предвидува многу натамошни кратења.

Дубиозните кредити најголем проблем – со социјални последици

Владата заостанува со реализацијата на долгата листа на реформи, поради тоа се одолговлекува и исплатата на две милијарди евра од програмата за помош. „Сега ни е потребен знак на доверба дека Грција повторно ќе се врати на вистинскиот пат, дека економијата се опоравува и е обезбедена финансиска стабилност. Голем чекор во таа насока би бил успешен крај на првата проверка на програмата“, предупреди потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис при минатонеделната посета на Атина.

Првата проверка требаше првобитно да биде извршена уште во октомври, но временскиот план се измести поради изборите што се одржаа во септември. А разговорите меѓу владата и кредиторите постојано запнуваат кај одредени точки. Така, Комисијата на ЕУ и ММФ (Меѓународниот монетарен фонд) притискаат за пониски законски пречки за ставање имоти на принудни лицитации. Билансите на банките се полни со дубиозни кредити – многумина сопственици на недвижности веќе не можат да ги отплатуваат кредитите. Владата сака колку што е можно да избегне такви тешки социјални потези. „Владата е заинтересирана ситните должници (кои земале кредит за да купат или градат сопствено живеалиште) да не бидат протерани од становите или куќите, а кредитите за претпријатијата да бидат така регулирани, што претпријатијата би можеле да продолжат да работат“ – вели Теодорос Параскевопулос, советник во министерството за социјални прашања.

Парламентот на викендот го усвои законот за рекапитализација на грчките банки, но уште не е разјаснет односот спрема дубиозните кредити. Домбровскис смета дека тука мора заеднички да се најде „некој избалансиран компромис“.

Како да се зачува социјалната рамнотежа?

Првобитно планираното покачување на данокот на недвижности коалиционата влада во Атина го повлече. Таа се обидува во сите можни делови на програмата да ги ублажи негативните социјални последици, вели советникот Параскевопулос: „Фактичкиот проблем е како да се спроведат обврските и да се зачува социјалната рамнотежа. Тоа е многу тешко, оти кредиторите се индиферентни по ова прашање – велат, нас тоа не не’ интересира“.

Домбровскис како претставник на кредиторите покажа прагматизам: грчката влада, како што рече, е слободна да донесува решенија се’ додека може да ги исполнува утврдените буџетски цели.

Денеска и утре гостин на владата е еврокомесарот за монетарни прашања, Французинот Пјер Московиси. На прес-конференција во Атина и тој побара консеквентно спроведување на реформите. „Солидарност и одговорност се два поврзани поима“ – рече Московиси. Тој најави дека на 9. ноември еврогрупата ќе донесе важни решенија за Грција, но нагласи дека Атина сега мора брзо да ги спроведе реформите.

Редовните посети од Брисел покажуваат: кредиторите не се вистински задоволни од напредокот во спроведувањето на реформската програма предвидена со третиот пакет за помош на Грција.

Извор: DW

Препорачуваме

Партнери на Правдико