Разрешен директорот на струшката болница по случајот со родилката Веапоска | Правдико

Правдико

   

Разрешен директорот на струшката болница по случајот со родилката Веапоска

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека е разрешен директорот на струшката болница доктор Мухамед Асани, по случајот во кој што без матка, бубрег и јајник остана родилка од Дебар, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат во неговиот дом, во засебен инспекциски надзор, најде илегална ординација.

„Донесена е одлуката да се разреши директорот на струшката болница и во текот на денешниот или на утрешниот ден ќе биде назначен нов директор. Во тек се сите други постапки во однос на активностите и на другите институции коишто беа вклучени во овој случај“, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Со одлука на министерот вчера беше формирана нова комисија која ќе го истражува случајот со родилката Јалдз Веапоска од Дебар.

„Вчера донесов одлука за формирање на нова комисија. Тоа е законска можност којашто ја има Министерството за здравство. Онаа првата Комисија исто така беше формирана на барање на МЗ, но тогаш преку Лекарската комора, но со оглед на неколку интервенции и барања коишто ги имаше прво од семејството на родилката, понатаму од неколку институции, како на пример Хелсиншкиот комитет за човекови права, донесов одлука да се формира уште една комисија, која што ќе ја водат директорите на Клиниките на урологија, КАРИЛ, гинекологија, директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат и коишто ќе треба да направат анализа на случајот“, рече Филипче.

Родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, остана без матка, бубрег и еден јајник при породување со царски рез во август лани кај гинекогот, д-р Мухамед Асани. Откако состојбата ѝ станала критична, ја префрлиле на скопските клиники, а кога се разбудила од кома дознала дека ѝ се извадени органите. Лекарската комора не пронајде грешка во постапувањето на лекарот кој е и директор на болницата во Струга, а Веаповска против него поднесе кривична пријава во струшкото обвинителство.

Извор: Радио слободна Европа

Партнери на Правдико