Реакција на ССМ на толкувањето на ЗРО од страна на МТСП за исплата на висината на надоместок на плата | Правдико

Правдико

   

Реакција на ССМ на толкувањето на ЗРО од страна на МТСП за исплата на висината на надоместок на плата

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Сојузот на синдикатите на Македонија не се согласува со соопштението на Министерството за труд и социјална политика и толкувањето на Законот за работните односи, а со кое директно се влијае и се придонесува за намалување на платите на работниците во одредени дејности.

Укажуваме дека согласно член 12, ст. 3 од Законот за работните односи „Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.“

Од тука, кога со колективен договор се утврдени поповолни права за работниците (ОКД за приватниот сектор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и вработените во приватниот сектор), работодавачите од приватниот сектор не можат да го применуваат член 112, ст.7 од Законот за работните односи во услови кога со член 18, ст.1 и ст.3 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството се уредени поповолни права за работниците.

Сите работодавачи кои ќе го применат само член 112, ст.7 од ЗРО и спротивно на член 18, ст.1 и ст3 ги намалат платите на работниците, во наредниот период по надминување на кризата ќе бидат утужени со оглед на тоа што паричните побарувања од работен однос застаруваат во рок од три години од денот на настанувањето на обврската.

Дополнително укажуваме дека за толкувањето на поимот виша сила, одлуки на Владата на Република Северна Македонија, со кои целосно се забрани работата на правните субјекти во одредени дејности, а заради спречување на внесување и ширење на коронавирусот КОВИД – 19, не претставуваат виша сила како што е наведено во соопштението.

Во прилог ги доставуваме и членовите од Законот за работните односи и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството за да биде појасно, од кои причини е нашата реакција.

Закон за работните односи

Согласно член 105 од ЗРО, „Работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување.“

Согласно член 112, ст.7 од ЗРО „Ако работникот не може да ја врши работата поради виша сила, има право на половина од платата, на која инаку би имал право, ако би работел “, а според ст.10 „Во случај на прекин на работниот процес од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му издаде решение и да му плати 70% од платата за период до три месеца во тековната година“

Согласно член 12, ст. 3 од ЗРО „Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.“
Согласно членм 115 од ЗРО „ Паричните побарувања од работен однос застаруваат во рок од три години од денот на настанувањето на обврската.“

Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството

Член 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството предвидува дека „Овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и вработените во приватниот сектор.“

Согласно член 15, ст.1 „Работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договор за вработување.“

Согласно член 18, ст.1 „ Работодавачот кај кого настанале потешкотии во работењето, врз основа на изготвената програма со која се обезбедува надминување на настанатите проблеми врз основа на согласност од синдикатот може да утврди отстапување од пресметковната вредност за единица коефициент за најниска група на сложеност, со тоа што намалувањето на пресметковната вредност за единица коефициент за најниска група на сложеност не може да изнесува повеќе од 20% и не може да трае подолго од 6 месеци.“, а согласно ст.3 од истиот член „Работодавачот е должен на работниците да им изврши исплата на разликата меѓу пресметковната вредност за единица коефициент за најниска група на сложеност за одделни групи на сложеност и помалку исплатената плата во смисла на ставовите 1 и 2 на овој член, во рок од 6 месеци по надминувањето на тешкотиите. “

Согласно член 32 „ Надоместокот на плата на работникот за време на прекин на работниот процес од деловни причини изнесува 70% од неговата плата за период до 3 месеци во тековната година.“

Согласно член 39 „ Со колективен договор на ниво на гранка односно оддел, односно на ниво на работодавач се уредуваат причините, условите и постапката за воведување на привремен принуден одмор.“

Со почит,
Сојуз на синдикатите на Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико