Правдико

   

Речиси 1.000 нови жртви на семејно насилство во 2018 година

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во согласност со статистиката на Министерството за труд и социјална работа, во 2018 година вкупниот број новоевидентирани жртви на семејно насилство изнесува 919 лица, од кои 665 се жени, 140 мажи и 104 деца.

Вицепремиерката и  министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска посетија еден од шелтер-центрите во кои се засолнети жртви на семејно насилство. Министерката Шекеринска во шелтер-центарот разговараше со припадничка на АРМ, жртва на семејно насилство, која е сместена таму со своите деца, и го пренесе апелот да прекине молкот за овие случаи.

„Денеска, сакам да ја испратам пораката до сите граѓани на нашата земја, но и до сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија: семејното насилство не им се случува само на други. Тоа е околу нас, ги допира луѓето со кои соработуваме, со кои живееме, со кои се дружиме и не смееме да останеме неми“, рече министерката Шекеринска.

Таа додаде дека во Министерството за одбрана и во Армијата ќе бидат формирани тимови и ќе бидат отворени телефонски линии за пријавување на семејното насилство.

Министерката Царовска ги повика жртвите да го пријавуваат насилството и да бараат заштита од државата.

„Секој човек, секоја жена, треба да се чувствува безбедно во својот дом и во средината во која живее. Ова е основно право и сигурност што ние како држава мора да ги гарантираме. За да ја реализираме оваа цел, мора да работиме сите заедно и да воспоставиме ефикасни механизми, но и тесна соработка со невладиниот сектор и сите засегнати страни. Паралелно, истанбулската конвенција ни дава рамка за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така и превенција, подигнување на јавната свест, како и воспоставување институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство и нивна повторна интеграција во општеството“, изјави Царовска.

Во моментот функционираат 4 регионални центри за лица жртви на семејно насилство – во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а дејноста на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе е проширена и со жртви на сексуално насилство, каде што згрижувањето трае до 6 месеци. МТСП инвестира и во објект во кој ќе биде сместен центар за советување жртви на насилство во општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и во Скопје отворени се и 3 центри за жртви на сексуално насилство.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико