Регионалната соработка е клучна за борба против терористите, велат експертите | Правдико

Правдико

   

Регионалната соработка е клучна за борба против терористите, велат експертите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Владите во југоисточна Европа се сé позагрижени поради растечката поддршка за радикалните терористички групи во регионот.

Со оглед на тоа што опасноста од тероризам на глобално ниво расте, експертите и официјалните претставници во југоисточна Европа велат дека е потребна потесна прекугранична соработка меѓу агенциите на тајните служби и властите.

KRUNOphoto

„Опасноста од џихадистите може да се спречи со добра разузнавачка работа и соработка на полицијата на регионално ниво“, рече за SETimes воениот аналитичар Александар Радиќ.

Според Хрватската агенција за безбедност, стотици борци од југоисточна Европа учествуваа во судирите во Сирија и Ирак од 2012 година.

„Трендот на прифаќање на радикалното толкување на Исламот во Југоисточна Европа е во пораст. Истиот е дополнително засилен со исклучително лошата економска ситуација, како и појавата на одреден број верски службеници во државите од регионот кои ги прифаќаат и шират радикалните ставови“, се вели во извештајот на агенцијата објавен во септември.

Соработката меѓу властите во регионот е важна, бидејќи поддржувачите на џихадистите ги користат Интернет и социјалните мрежи за да ги шират екстремистичките ставови и да привлекуваат поддржувачи.

„Тероризмот одамна ги премина границите на само една држава. Затоа соработката со партнерските агенции, како во балканскиот регион, така и пошироко, е препознаена како потреба и обврска“, изјави за SETimes Ирена Јововиќ, портпаролка на црногорската Агенција за национална безбедност.

Прибирањето криминално-разузнавачки информации за организаторите и извршителите на тероризам и организиран криминал во Босна и Херцеговина (БиХ) е помогнато со тековната соработка меѓу регионалните и меѓународните безбедносни агенции. „Глобалното и мобилното дејствување на радикалните терористички и други организирани криминални групи бара глобално дејствување. Затоа соработката со Разузнавачко-сигурносната агенција на БиХ и другите партнерски агенции во БиХ и во странство мора да се интензивира и да се подигне на уште повисоко ниво“, рече за SETimes Кристина Јозиќ, портпарол на Државната агенција за истраги и заштита.

Според македонските безбедносни служби, соработката со агенциите во регионот се одвива секојдневно. „Македонија е дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот. Тероризмот е глобална закана и следствено на тоа, никој не може да биде изземен од ризикот од напади. Имаме редовни контакти со сите служби во регионот и пошироко и на дневно ниво разменуваме информации кои би можеле да бидат од значење за нас или за нив“, велат од македонската полиција.

Според Иван Бабановски, професор на Факултетот за безбедност во Скопје, терористичките организации обединуваат различни идеолошки и верски платформи. Тој додаде дека како одговор на тоа, агенциите од регионот мора да создадат заедничка платформа за дејствување за сите земји во регионот.

„Најголем дел од тие групи и организации се под команда на Ал каеда. Бидејќи Балканот е простор на кој живеат голем број ветерани од поранешните војни, особено од БиХ и Косово, регионот мора да направи конкретни оперативни планови“, рече Бабановски за SETimes.

Извор: SETimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико