Регионалната соработка клучна за запирање на нелегалната имиграција | Правдико

Правдико

   

Регионалната соработка клучна за запирање на нелегалната имиграција

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Илјадници илегални имигранти ги користат балканските земји како можност да влезат во земјите-членки на ЕУ. Неодамнешните апсења на шест лица во Србија осомничени за шверц на луѓе повторно фрлија светлина на проблемот со илегалните имигранти.

BILJANAphoto

Службата за борба против организираниот криминал уапси шест лица осомничени дека биле дел од групата која им помагала на илегалните имигранти да ги поминат границите на Македонија и Србија. Имигрантите се главно од Сирија, Пакистан и Палестина.

Обвинетите наплаќале по 9.000 евра за група која била нелегално пренесувана од областа Прешево во јужна Србија во Белград. Групите биле составени од 30 до 80 илегални имигранти.

„Меѓу имигрантите имаше и малолетни лица и деца, и тие биле транспортирани со камиони и комбиња во нечовечки услови“, соопшти српската полиција.

Двајца членови на организираната криминална група беа уапсени пред два месеци. По апсењата овој месец Обвинителството за организиран криминал во Србија поднесе обвинение против нив.

„До октомври оваа година вкупно 7.025 луѓе се обиделе нелегално да влезат во Србија“, се вели во изјавата за SETimes на Министерството за внатрешни работи на Србија.

Според полицијата, скоро 6.500 од нив заглавиле меѓу два гранични премини, 329 се обиделе да ги избегнат граничните контроли, 121 се обиделе да искористат туѓ пасош, а 97 ги фалсификувале документите.

Иако голем број илегални имигранти рекле дека сакаат да добијат азил во Србија, властите велат дека малкумина аплицирале за таков статус. Наместо тоа, имигрантите ги напуштаат центрите за азил и нелегално се обидуваат да влезат во земјите-членки на ЕУ.

Полицијата покренува прекршочни постапки и одредува парични казни или затвор за оние што не се баратели на азил.

На крајот од минатиот месец во Прешево беа откриени осуммина имигранти на меѓународен воз. Седум државјани на Сирија и еден државјанин на Авганистан се криеле во возот, кој сообраќа од грчката до германската граница.

Тие беа откриени откако апаратот за мерење на концентрацијата на јаглероден диоксид покажал повисока вредност на овој гас, поради што полицајците го тргнале царинскиот печат и го отвориле вагонот.

Иво Котевски, помошник на министерот за односи со јавноста во македонското Министерство за внатрешни работи, рече дека во текот на првите 10 месеци од оваа година во земјата се откриени 1.300 илегални имигранти.

„Најпрво тие доаѓаа од неколку земји, некои од нив беа веднаш враќани на границата, додека остатокот од нив беа сместувани во центарот за баратели на азил во Визбегово“, рече Котевски за SETimes. „Во текот на првите девет месеци од оваа година, 80 извршители беа обвинети за шверц на имигранти во земјата.“

Тој истакна дека има потреба од регионална соработка за да се спречат случаите на шверц на имигранти и шверц на луѓе.

„Регионалната соработка е на многу високо ниво, но секогаш има простор за подобрување“, рече Котевски. „Заеднички контакт центар за регионална соработка со Македонија е отворен со Албанија, Бугарија, Србија и Косово. Исто така, долж зелената линија има заеднички/мешани патроли со другите земји со кои Македонија ја дели границата. Се реализираат заеднички обуки и вежби, заеднички гранични контроли, редовни состаноци на сите нивоа. Сите овие активности се спроведуваат со цел да се спречат и затворат нелегалните гранични премини.“

Извор: SETimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико