Регионалната соработка резултираше со апсење на познат нарко-бос | Правдико

Правдико

   

Регионалната соработка резултираше со апсење на познат нарко-бос

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Апсењето на наводниот балкански нарко-бос Дарко Шариќ е резултат на интензивната соработка меѓу Србија и Црна Гора, велат официјалните претставници, поздравувајќи го апсењето на еден од најозлогласените осомничени криминалци од регионот.

DRAZENphoto1

Апсењето на Шариќ на 18-ти март во Белград беше акција која ги вклучи полициските агенции и тајни служби од целиот свет. Тој е обвинет во Србија за шверц на 5,7 тони кокаин и перење на најмалку 22 милиони евра, рече Миљко Радисављевиќ, српскиот обвинител за организиран криминал.

Шариќ беше во бегство од октомври 2009 година, кога пратка од 2,7 тони кокаин која тој наводно ја организирал беше откриена од страна на полицијата во близина на атланскиот брег на Уругвај.

Црна Гора и Србија објавија дека работеле заедно на операцијата повеќе од една година.

„Во август 2013 година формиравме заеднички оперативен тим со нашите колеги од Србија и нашата соработка резултираше со апсење на Шариќ“, рече за SETimes црногорскиот министер за правда, Душко Марковиќ.

На 24-ти февруари адвокатот на Шариќ контактираше со белградските власти за да им го понуди неговото предавање. Шариќ беше транспортиран во Подгорица, каде што се сретна со својата мајка и ќерка, а потоа беше пренесен во белградскиот затвор.

„Не би можеле да го лоцираме, ниту да го приведеме Дарко Шариќ без помошта на полицијата и нашите колеги од Црна Гора“, изјави за новинарите српскиот премиер Ивица Дачиќ. „Ова е уште еден доказ за важноста на регионалната соработка. Апсењето на Шариќ е показател за посветеноста на регионалната соработка и е показател за решеноста на владата на Србијa за борба против криминалот и корупцијата.“

Марко Ницовиќ, член на Меѓународната асоцијација на полициски началници, се согласува.

„Апсењето на Шариќ е добра вест за полицијата, за граѓаните, за регионалната безбедност. Тоа е потврда за професионалниот пристап на безбедносно-информативните агенции“, рече тој за SETimes.

Но, како што додаде, „Шариќ сигурно соработувал со министрите од претходната влада и, исто така, финансирал политички партии. Тој, исто така, има силни врски со високи претставници на економскиот и финансискиот сектор. Мислам дека неговото апсење може да биде многу непријатно за некои поранешни и сегашни политичари“.

На крајот од 2011 година црногорските медиуми објавија извештај дека поранешниот премиер Игор Лукшиќ и поранешниот министер за надворешни работи Милан Рочен комуницирале со Шариќ непосредно пред локалните избори во Црна Гора. Двајцата политичари го негираа извештајот.

Српскиот дневен весник Блиц во јануари 2013 година објави дека Дачиќ имал неколку состаноци со Родољуб Радуловиќ, еден од осомничените највисоки членови на групата на Шариќ. Дачиќ рече дека во тоа време не знаел оти Радуловиќ и Шариќ се соработници. Радуловиќ е обвинет за шверц на кокаин како дел од организацијата на Шариќ во февруари 2013 година.

Граѓанските претставници во Црна Гора објавија дека апсењето е добра вест.

„Регионалната соработка и европската интеграција во следниот период можат значително да ја подобрат работата на црногорското правосудство“, рече за SETimes Далиборка Уљаревиќ, извршен директор на подгоричкиот Центар за граѓанско образование.

Граѓаните, исто така, го поздравија апсењето и велат дека Шариќ треба да добие голема казна.

„Ако обвинителството добро си ја заврши работата, нема сомневање дека Шариќ го чека долга затворка казна“, рече за SETimes Милован Љушиќ, градежен работник од Котор. Но, многу е важно државата да го одземе целиот негов нелегално стекнат имот. Така државата ќе ја покаже својата посветеност на борбата против озлогласените криминалци, каков што е Шариќ.“

Европската комисија, исто така, го поздрави апсењето на Шариќ.

„Тоа ја потврди подготвеноста на Србија да придонесе во борбата против меѓународните групи за шверц со дрога, што беше позитивно оценето во извештајот за напредокот во 2013 година. Сега очекуваме ефикасен судски процес за овој случај, во согласност со европските стандарди“, се вели во изјавата на комисијата од 18-ти март.

Извор: SETimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико