Решавање на спор преку Постојаниот избран суд – Арбитража
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија e постојана арбитражна институција основана согласно со Законот за стопанските комори и Статутот на Стопанската комора на Македонија.
Арбитражата при Стопанската комора на Македонија е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Република Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност.
Како институција надлежна за арбитражно решавање на домашни спорови и на спорови со меѓународен елемент, Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, функционира од 1993 година. Во изминатиов период, работењето на Арбитражата при Стопанската комора на Македонија се одвиваше согласно со автономните арбитражни правила на институцијата. На 20 април 2011 година е донесен нов Правилник за работата на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, со цел осовременување на арбитражното решавање на споровите и имплементирање на актуелните трендови во оваа сфера.
Како да се договори надлежност на арбитражата?
Договарањето на надлежноста на арбитражата се врши со писмен договор, кој може да биде во вид на арбитражна клаузула предвидена во основниот договор или во вид на посебен договор со кој на недвосмислен начин се утврдува дека надлежност за решавање на одреден спор ќе има Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со утврдените правила на постапката.
За договарање на надлежноста на Арбитражата за решавање на евентуалните спорови меѓу деловните партнери, се препорачува во договорите да се внесува следнава клаузула:
“Сите спорови кои ќе произлезат од овој договор или во врска со него, вклучувајќи ги споровите за неговата полноважност, ќе се решаваат пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со одредбите на Правилникот на Постојаниот избран суд – Арбитража”.
Покрај тоа, договорните страни во арбитражната клаузула можат да го договорат составот на арбитражниот суд (арбитер поединец или арбитражен совет од тројца арбитри), јазикот или местото на арбитражата.
Организација
Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија своите надлежности ги врши преку претседателот на Арбитражата, потпретседателите и другите членови на претседателството, преку секретарот на Арбитражата и арбитрите кои како арбитри-поединци или во арбитражни совети постапуваат во споровите пред Арбитражата или во врска со нив.
Прашањата поврзани со трошоците на постапката пред Арбитражата се регулирани со Правила за трошоците на постапката.
Претседател на Постојаниот избран суд -Арбитража при Стопанската комора на Македонија е проф. д-р Арсен Јаневски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први”при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” – Скопје. Секретар на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија е м-р Елена Милевска.
Членови на претседателството на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија се:
-
Проф. д-р Арсен Јаневски, Правен факултет “Јустинијан Први” Скопје;
-
Проф. д-р Татјана Зороска Камиловска, Правен факултет “Јустинијан Први” Скопје;
-
Проф. д-р Тони Дескоски, Правен факултет “Јустинијан Први” Скопје;
-
д-р Горан Рафајловски, Рафајловски консалтинг Скопје;
-
Бранко Азески, Стопанска комора на Македонија
-
Ѓорѓи Петрушев, Тиквеш АД Скопје
-
Александра Наќева Ружин, Еуролинк осигурување АД Скопје;
-
Мирјана Марковска Андревска, М&А Скопје и
-
Билјана Чакмакова, Адвокатско друштво Чакмакова Адвокати Скопје.
Надлежност на арбитражниот суд
Арбитражниот суд при Арбитражата е надлежен за решавање на одреден спор доколку странките тоа го договориле.
Странките можат да договорат надлежност на Арбитражниот суд при Арбитражата за решавање на спорови за права со кои странките слободно располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Република Македонија.
Претседателството на арбитражата може да донесе одлука со која ќе го отфрли решавањето на одреден спор дури и ако е договорена надлежност на арбитражен суд при Арбитражата, доколку арбитражната спогодба се однесува на права со кои странките не можат слободно да располагаат.
Пред арбитражниот суд на Арбитражата можат да се решаваат спорови со и без меѓународен елемент. Спорот е со меѓународен елемент доколку:
а) барем една од странките, во времето на склучувањето на арбитражната спогодба, е физичко лице со живеалиште или трајно престојувалиште надвор од
територијата на Република Македонија, или е правно лице чие седиште не е на територијата на Република Македонија или
б) местото каде треба да се изврши значителен дел од обврските на трговскиот однос или местото со кое предметот на спорот е во најтесна врска, не се наоѓа на територијата на Република Македонија.
Зошто да се договори надлежност на арбитражата?
Многубројни се причините поради кои треба да се договара надлежноста на арбитражата. Некои од причините се следни:
Непристрасност во одлучувањето – Со изборот на арбитер странките можат да го сведат ризикот на пристрасност во одлучувањето на најмала можна мера
Стручност- Арбитрите кои учествуваат во решавањето на споровите се познати и признати експерти во својата област и за својата независност и непристрасност во постапката се должни да дадат писмена изјава.
Степени на одлучување- Во арбитражната постапка за предметот на спорот се одлучува во еден степен.
Брзина на постапката– Вообичаено траење на арбитражната постапка е 3-6 месеци.
Кратки рокови– Роковите што ги одредува Арбитражниот суд за поднесување на поднесоците не би требало да се подолги од 30 дена.
Доверливост –Арбитражните рочишта се затворени за јавноста. Целата документација во врска со арбитражната постапка се смета за доверлива, а донесената пресуда може да се објави само во согласност со странките.
Правосилност и извршност на арбитражната одлука – Арбитражната пресуда е конечна и ги обврзува странките. Арбитражната пресуда е правосилна и извршна.
Странките се обврзуваат пресудата да ја извршат без одлагање, но доколку не се исполни доброволно, истата може да се изврши по пат на присилно извршување.
ПОВЕДУВАЊЕ И ТЕК НА АРБИТРАЖНАТА ПОСТАПКА
Ако странките не се договориле поинаку, арбитражната постапка се покренува со тужба. Тужбата се предава до Арбитражата и мора да ги содржи наредните податоци:
а) полно име на странките (фирма и седиште на правното лице, запишани во Централниот регистрар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар и нивен застапник или полномошник ако го имаат);
б) адреса на странките, телефон, телефакс и адреса на електронско сандаче за прием на писмена
в) тужбеното барање;
г) факти врз кои се базира тужбеното барање;
д) докази;
ѓ) арбитражната спогодба, ако е склучена;
е) име на арбитерот;
ж) ознака за вредноста на предметот на спорот
з) потпис на подносителот, односно електронски потпис.
Кон тужбата мора да се приложи препис на главниот или на арбитражниот договор (ако тој не е содржан во главниот договор), ако такви исправи постојат.
Тужителот, кон тужбата треба да ги приложи сите исправи коишто ги смета за важни или може да се повика на исправи или на други докази што има
намера да ги поднесе.
Секретарот на Арбитражата ја доставува тужбата и нејзините прилози до тужениот и го наведува рокот за поднесување на одговор на тужба. Одговорот на
тужбата се поднесува во седиштето на Арбитражата, а секретарот на Арбитражата го доставува заедно со прилозите до тужителот и до арбитражниот суд. Ако странките поинаку не се договориле, во текот на арбитражната постапка, секоја странка може да ја измени или да ја дополни својата тужба или одговорот на тужбата, освен во случај кога Арбитражниот суд смета дека не е целисходно да се дозволат такви промени, со оглед на одолговлекувањето кое би го предизвикало нивното задоцнето преземање, или на штетата којашто би можела да ја претрпи другата странка, или со оглед на други околности.
Кога Арбитражниот совет смета дека предметот е расправен, така што може да донесе одлука, ќе соопшти дека расправата е заклучена и после тоа
Арбитражниот совет ќе се повлече на заседавање и гласање поради донесување одлука.
Арбитражната пресуда е конечна и ги обврзува странките. Странките се обврзуваат пресудата да ја извршат без одлагање.Арбитражниот суд е должен да ја образложи арбитражната пресуда, освен ако странките не се договорат дека образложение не е потребно. Арбитражната пресуда може да се објави само во солгасност на двете странки.