Ризици од употребата на лични податоци од страна на разузнавачките служби
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Разузнавачките и безбедносните служби имаат легитимни причини поврзани со нивните правни мандати за собирање, чување, обработка и откривање на лични податоци. Лицата на кои се однесуваат податоците можат да бидат легитимни цели на интерес поради сомневање за вклученост во шпионажа и тероризам, на пример. Потребата за собирање на такви информации се разликува од држава до држава и од служба до служба, според конкретните правни одговорности на службата.
Меѓутоа постои опасност од прешироко собирање на лични податоци. Процесот за одредување, на пример, дали осомничено лице е вклучено во терористички активности ја зема предвид можноста дека собраните информации ќе доведат до негативен заклучок. Очигледно, во таква ситуација, првичното собирање на информации не може да се нарече несоодветно; меѓутоа, штом службата ќе одреди дека лицето не е вклучено, таа не треба да продолжи да собира информаци и (или, да ги задржува и употребува информациите кои ги има собрано). Ако се прави тоа се јавува ризик службата да биде во искушение да собира информации во се поголем круг — на пример, собирање на информации за лица поврзани со осомничениот или организациите на граѓанското општество на кое им припаѓаат.
Ова може да има негативен ефект, и да ги доведе лицата во состојба на страв од учество во такви законски граѓански организации како синдикати, сепаратистички политички партии, и групи за заштита на животната средина или против нуклеарната енергија. Исто така постои поопшта опасност дека личните податоци кои се чуваат во документите на разузнавачка служба можат да се злоупотребат — од службеници во држави во транзиција, на пример, за уцена на политичките противници или за замолчување на новинари.
Понекогаш се тврди дека само чувањето, класификувањето, анализата и задржувањето на информации од разузнавачките служби е бенигно. Иако собирањето на лични податоци предизвикува поочигледни закани, нивното чување е потенцијално штетно бидејќи личните податоци се тесно поврзани со личната автономија. Контролата што лицата ја имаат врз сопствените животи — а особено изборот кој го прават во поглед на личните детали (на кого, во која мерка и за која цели ќе одберат да ги откријат) — се нарушува кога на владините служби им е дозволено да собираат лични податоци од повеќе извори.
Во собирањето на лични информации за индивидуалните лица, разузнавачките служби добиваат одредена контрола врз субјектите на тие информации. Во најлоши случаи, личните податоци кои ги имаат службите можат да се користат несоодветно за вршење на притисок врз политичари и новинари. Дури и самото знаење дека службите имаат лични податоци може да биде психолошки проблем за тие лица, дури и ако никогаш не се случи некое штетно откривање. Слично, учеството во граѓанското општество може да биде ограничено од знаењето (или постојниот сомнеж) дека информациите околу одредени форми на политички, индустриски и општествени активности се чуваат во безбедносните документи.
Имајќи ја на ум често кажаната потреба за чување на безбедносни информации долги временски периоди, можноста за штета може да влијае врз лицата долг низ години или децении. Информации поврзани со активностите на лицето во младоста, можат во некои случаи да бидат задржани до староста на тоа лице, дури и ако неговиот или нејзиниот подоцнежен живот не дава никакви причини тој или таа да се третира како безбедносен ризик.
Понатаму, личните податоци кои ги чуваат безбедносните служби можат да бидат делумни, неточни или застарени. Во екстремни случаи, дури можеле да бидат и добиени од извори со желба да му наштетат на тоа лице поради лично непријателство или љубомора. Слично на тоа, извори мотивирани од парична награда може да бидат поттикнати да претеруваат или украсуваат факти кога даваат информации за луѓе. Други ризици поврзани со чувањето на лични податоци го вклучуваат неверојатниот капацитет на некои безбедносни служби да ги поврзат, низ привилегиран пристап, информациите за едно лице содржани во инаку одвоени бази на податоци како што се оние за спроведување закони, здравствените и даночните.
Ризиците, се разбира не завршуваат со чување, класификување и анализа на личните податоци. Исто така постојат ризици поврзани со нивната употреба. Некои употреби се легитимни (како безбедносната проверка), додека другите немаат толку кредибилитет (како расно или верско профилирање или вршењето на тајно влијание врз лицето). Откривање на податоци во медиумите без да се наведе нивниот извор може, на пример, да предизвика на лицето на кое се однесуваат информациите штета и губење на разни можности. Неговиот или нејзиниот професионален статус може да биде под влијание, како низ одбивањето така и низ губењето на безбедносниот сертификат и, погенерално, неговата или нејзината репутација може да биде оштетена.
Слично на тоа, откривањето на неподржани или неточни податоци на странски влади може да резултира во одбивањето на можности за патување или полошо .Разузнавачките служби имаат силен интерес да се осигурат дека информациите кои ги имаат за легитимни цели се фер, точни и ажурирани. Ефективноста и репутацијата на службата може да биде под негативно влијание ако открие, даде совети за или работи според неточни, некомплетни или застарени информации.
Без разлика, постојат одредени ризици инхерентни на разузнавачката работа кои одат во прилог на барањето за надворешна контрола и надзор над процедурите за ракување со информации. Особено притисокот кој го чувствуваат службите да предвидат идни безбедносни ризици може да поттикне прекумерно собирање на информации за се поголем број на лица.
Технолошките промени, како подобрувањата во откривањето на податоци, можат слично на тоа да поттикнат собирање и чување на големи количества на лични информации — како податоци од електронска пошта, интернет пребарувања, авионски резервации и финансиски трансакции.
Извадок од : Надзор над службите за разузнавање: Прирачник Автор: Иан Леих–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Како да ги заштитите вашите лични податоци
– Прирачник за заштита на личните податоци во секторот: Осигурување
– Прирачник за заштита на личните податоци во секторот банкарство
– Прирачник за заштита на личните податоци при вршење видео надзор
– Прирачник за начинот на користење на личните податоци за цели на вршење на директен маркетинг
– Дали Ви е повредено правото на заштита на личните податоци