Родителите на децата со посебни потреби доставија барања до институциите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Родителите на децата со посебни потреби вчера пред Собранието ги повторија барањата, кои, како што рекоа, ги доставиле до сите релевантни институции и до партиите пред молкот на изборите. Тие истакнуваат дека барањата се остварливи и дека многу малку треба да се направи за да стапат во сила, со што ќе им се подобрат условите на децата со посебни потреби.
Зоран Мијалков, родител на дете со посебни потреби, рече дека едно од барањата е и обезбедување иднина на нивните деца по смртта на родителите, и тоа преку нивниот имот, кој би ѝ го отстапиле на државата, а за возврат таа да се грижи за нив до крајот на животот, со обезбедување пристојни услови.
– Денеска кампуваме токму овде пред совеста на оние што можат нешто да направат за нас и физички да нѐ видат и слушнат. Има закони што гарантираат права за нашите деца, а некои од нив, за жал, се само на хартија. Ние сме за проактивни мерки. Ние, родителите, се нудиме како волонтери и ги нудиме нашите имоти и сакаме да бидеме партнери со институциите – истакна Мијалков.
Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими ги посети родителите и им вети дека ќе оствари средба со нив, бидејќи, како што рече, веќе ги добил барањата, и дека за повеќето од нив тој ќе даде поддршка.
– Како прв човек на Министерството имаат подадена рака од мене. Барањата, оние што првично ги видов во делот на законските измени, како министер им ветувам дека ќе ги разгледаме и најголем дел од барањата што се однесуваат на работата на Министерството за труд и социјална политика е прифатлив. Во делот на условите им кажав дека нивното здружение може да се вклучи во регистарот што го води Министерството и заеднички да најдеме можности за отворање нови дневни центри низ целата држава што ќе функционираат како самоодржливи, а не да се чека само помош од државата – рече Ибрахими.
Според Здружението на родителите на децата со посебни потреби, некои од барањата можат да се исполнат за шест месеци, а дел од нив за три години, бидејќи, како што велат, тие немаат никакви финансиски импликации.
Извор: Нова Македонија