Рокот за консултации и сугестии на ЕНЕР зголемен од 10 на 20 дена | Правдико

Правдико

   

Рокот за консултации и сугестии на ЕНЕР зголемен од 10 на 20 дена

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Рокот за консултации на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија – ЕНЕР (ener.gov.mk) се зголемува од 10 на 20 дена, одлучи Владата на последната седница. Одлуката придонесува најголем дел од предлог-законите задолжително да се објавуваат на регистарот пред да одат во владина постапка.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, рече дека во период од 20 дена јавните корисници ќе имаат шанса да ги испраќаат своите коментари и на тој начин да се вклучат во креирањето на новите предлог-закони со цел  да го подобрат нивниот квалитет.

– Со оваа одлука на Владата се придонесува и за поголема транспарентност, отвореност, навременост и одговорност при подготовката на предлог-законите. Зголемувањето на рокот за консултации има цел да поттикне поголема вклученост на граѓаните и на пошироката јавност во подготовката на прописите за коишто тие самите се заинтересирани. На тој начин креаторите на политиките ќе носат одлуки засновани на аргументи и во консултација со граѓаните – рече Манчевски на прес-конференција.

Тој додаде дека во согласност со програмата на Владата, со целосна примена на ЕНЕР, ќе се овозможи системски и отворен дијалог и со бизнис-заедницата затоа што консултациите придонесуваат за градење меѓусебна доверба, развивање на квалитетот на демократијата, но и подобрување на процесот на креирање на јавните политики.

Манчевски рече дека сите закони што ќе одат во редовна постапка задолжително ќе одат на ЕНЕР и дека ќе се залагаат воопшто да нема или, како што рече, само во екстремни случаи да одат предлог-закони во скратена постапка кога ќе нема друг избор.

– Досегашната пракса беше поинаква. Собранието и претходната Влада најчесто ги носеа законите по скратена постапка. Само во периодот од 2011 до 2016 година над 50 проценти од законите се носени во скратена постапка. Екстремен случај е 2015 година кога над 70 проценти од сите закони се носени во скратена постапка. Оваа пракса на Собранието и Владата не им давала шанса на граѓаните да коментираат, да даваат свои сугестии и препораки на објавените предлог-законски решенија преку ЕНЕР. Граѓаните не беа вклучени во подготовката на најголем дел на предлог-законите. Тоа време заврши – рече министерот за информатичко општество и администрација.

Извор:Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико