Правдико

   

Рокови на застареност кај кривичното гонење и извршување на казната

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

cekanПосле протекувањето на определено време од извршувањето на кривично дело, определено како рок на застареност во Кривичниот законик на РМ, не може да се спроведе гонење против сторителот на тоа дело, а доколку е преземено и во законскиот рок не дојде до правосилна судска одлука во тој случај постапката која се води против сторителот ќе се запре.

Застареност на кривичното гонење

Согласно Кривичниот Законик на Република Македонија (чл. 107) кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат:

1) 30 години од извршувањето на кривично дело за кое според законот може да се изрече казна доживотен затвор,

2) 20 години од извршувањето на кривично дело за кое според законот може да се изрече затвор над десет години,

3) десет години од извршувањето на кривично дело за кое според законот може да се изрече затвор над пет години,

4) пет години од извршувањето на кривично дело за кое според законот може да се изрече затвор над три години,

5) три години од извршувањето на кривично дело за кое според законот може да се изрече затвор над една година и

6) две години од извршувањето на кривично дело за кое според законот може да се изрече затвор до една година или парична казна.

Застарувањето на кривичното гонење почнува од денот кога е сторено кривичното дело или настапила последицата. Ако делото е сторено спрема дете застарувањето на кривичното гонење почнува од денот на неговото полнолетство. Тоа  не тече за времето за кое според законот гонењето не може да започне или да продолжи. Прекинување на застарувањето настанува  со секое процесно дејствие што се презема заради гонење на сторителот поради стореното кривично дело. Застарувањето се прекинува и кога сторителот во времето додека тече рокот на застареност ќе стори, исто така, тешко или потешко кривично дело.

За секој прекин застарувањето почнува повторно да тече.  Исто така застареност на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење (апсолутна застареност).

Застареност на извршувањето на казната

Застареноста на извршување на казната подразбира неможност да се започне со извршување на изречената казна, со изминувањето на рокот, кој во законот е определен како рок на застареност, почнувајќи од денот на правосилноста на судската одлука.

Доколку со закон   поинаку не е определено изречената казна не може да се изврши кога ќе поминат:

1) 30 години од осуда на доживотен затвор,

2) 20 години од осуда на затвор над десет години,

3) десет години од осуда на затвор над пет години,

4) пет години од осуда на затвор над три години,

5) три години од осуда на затвор над една година и

6) две години од осуда на затвор до една година или на парична казна.

Кај правните лица застарувањето на извршувањето на паричната казна и казната одземање на дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право утврдено со посебен закон настапува кога ќе поминат три години од денот на правосилноста на пресудата со која се изречени.

justice_1734676cЗастареност на извршувањето на споредните казни , на мерките на безбедност, алтернативните мерки, конфискација на имотот и одземање на предмети

– Застареност на извршувањето на парична казна како споредна казна настапува кога ќе поминат две години од денот на правосилноста на пресудата со која е изречена таа казна.

– Застареност на извршувањето на мерките на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, задолжително психијатриско лекување на слобода и задолжително лекување на алкохоличари и наркомани настапува кога ќе поминат пет годиии од денот на правосилноста на одлуката, со која се изречени тие мерки.

– Застареност на извршувањето на казните забрана на вршење на професија, дејност или должност, забрана на управување со моторно возило и времено протерување странец од земјата, настапува кога ќе помине времето за кое се изречени тие казни.

– Застареност на алтернативните мерки општокорисна работа и куќен затвор настапува кога ќе поминат две години од денот на правосилноста на пресудата со која се изречени тие мерки.

Извршувањето на посебните мерки на конфискација на имот и одземање на предмети не застарува.

Застарувањето на извршувањето на казната почнува од денот кога пресудата станала правосилна, а ако условната осуда е отповикана од денот кога одлуката за отповикување станала правосилна. Застарувањето не тече за времето за кое според законот извршувањето на казната не може да се преземе. Мирувањето на застареноста може да биде предизвикано само со правни, а не и со фактички пречки за извршување на казната и на другите санкции и мерки. По престанокот на законската пречка застарувањето си продолжува да тече.

Застареност на извршувањето на казната настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршувањето на казната (апсолутна застареност).

Кривичните дела против човечноста и меѓународното право како што се: геноцид, Злосторство против човечноста, Воено злосторство против ранети и болни, Воено злосторство против воени заробеници, Употреба на недозволени средства на борба, Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства, Злоупотреба на хемиско или биолошко оружје и Организирање на група и поттикнување на извршување геноцид и воени злосторства НЕ ЗАСТАРУВААТ.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– За колку време застаруваат сообраќајните прекршоци?

Партнери на Правдико