Кои се роковите за бришење на осудите од казнената евиденција
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Казнената евиденција се води за сите лица осудени за кривични дела извршени на територијата на Република Македонија, како и за лицата осудени за кривични дела од странски судови ако пресудите од странските судови се доставени до државните органи на Република Македонија. Бришење на осудата од казнената евиденција настанува преку рехабилитација која покрај бришење на осудата опфаќа и значи предвремен престанок на казните што се состојат во забрани и на казната протерување странец од земјата и правните последици од осудата.
Рехабилитацијата на осудено лице може да настапи по сила на закон (законска рехабилитација) или врз основа на судска одлука (судска рехабилитација).
Рехабилитираното лице се смета за неосудувано, а податоците за бришаната осуда не се даваат никому. Со рехабилитацијата не се гиба во правата на трети лица кои се засноваат врз осудата.
Законска рехабилитација
Осудата за изречената алтернативна мерка освен условна осуда и осудата со која сторителот на кривичното дело е ослободен од казна се бришат од казнената евиденција ако осудениот во рок од една година од денот на правосилноста на судската одлука не стори ново кривично дело.
– Условната осуда се брише од казнената евиденција по една година откако ќе помине времето за проверка ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.
– Осудата на парична казна и казната забрана на управување со моторно возило, изречена како единствена казна, се брише од казнената евидеиција кога ќе поминат три години од денот на извршената, застарената или простената казна ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.
– Осудите на затвор до три години се бришат од казнената евиденција кога ќе поминат пет години од денот на издржаната, застарената или простената казна ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.
Повеќе осуди на исто лице можат да се бришат од казнената евиденција само истовремено и тоа ако постојат услови за бришење на секоја од тие осуди.
Судска рехабилитација
По протекот на три години од денот на издржаната, застарената или простената казна судот може да определи да престанат правните последици од осудата што се однесуваат на забрана на стекнување на определени права.
По протекот на две години од денот на примената на казната привремена забрана за вршење одделна дејност на правното лице, судот може да одлучи забраната да престане.
Забрани
По протекот од две години од денот на примената на казните: забрана за добивање дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право утврдено со посебен закон, забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно – приватно партнерство, забрана за основање на нови правни лица или забрана за користење на субвенции и други поволни кредити, судот може да одлучи забраните да престанат пред истекот на рокот на времето за кое се изречени.
По протекот на три години од денот на применувањето на казните забрана на вршење на професија, дејност или должност и забрана за управување со моторно возило и времено протерување странец од земјата, како и на казната трајна забрана за вршење дејност на правното лице, судот може да одлучи да престанат.
При одлучувањето за рехабилитација судот ќе го земе предвид однесувањето на осудениот по осудата, околноста дали ја надоместил штетата, дали ја вратил имотната корист, како и други околности од значење за оваа одлука.
Осуда на затвор
Судот може, на молба на осудениот да определи да се брише од казнена евиденција осудата на затвор:
– над три години до пет години во рок од пет години;
– над пет години до десет години во рок од десет години;
– над десет години до 20 години и од 40 години во рок од 20 години од денот на издржаната, застарената или простената казна, ако во тоа време осудениот не изврши ново кривично дело.
При одлучувањето за бришењето на осудата, судот ќе води сметка за поведението на осудениот по издржаната казна, за природата на кривичното дело и за другите околности што можат да бидат од значење за оцената за оправданоста на бришењето на осудата.
Казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот. Никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност. На граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварување на нивните права во странство.
–ПРАВДИКО–