Правдико

   

Романија во борба против се‘присутната корупција

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во Романија не поминува речиси ни ден без да биде поведена нова постапка поради корупција против познати личности и политичари. Се чини никој не е веќе недопирлив. И ЕУ ја фали борбата против корупцијата.

Facade of the Palace of Parliament in Bucharest

Во Романија предизвикуваат внимание бројните апсења на познати луѓе од политиката, судството, новинарството и стопанството. Тие покажуваат колкав замав зела корупцијата. Во земјата малку нешто функционира без мито, сеедно дали се работи за добри оценки во училиште, за литературни награди или за лиценци за големите меѓународни концерни без распишување јавни тендери.

Последново моментно го претставува најголемиот корупциски скандал во Романија-аферата Мајкрософт. Во 2004 година романската држава купила лиценци за програми од Мајкрософт кои требало да служат за опремување на училиштата. Постои сомневање дека во џебовите на некои од посредувачите-обвинети се деловни луѓе и девет поранешни министри-исчезнале милионски суми.

Лисици во највисоките кругови

Во минатите години поради поткуп и злоупотреба на службена положба беа осудени над 1.500 лица, половината од нив на водечки позиции: поранешни министри, градоначалници, судии или раководители на државни служби. Бројките зборуваат сами за себе. Во меѓувреме осум екс-министри се осудени на повеќегодишни казни затвор: биланс кој во најновиот мониторинг-извештај на Европската комисија за Романија доби позитивна оценка.

Би било преурането да се шпекулира околу консеквенците на овие мерки, првенствено околу тоа дали тие ќе предизвикаат подлабока промена врз романскиот менталитет. Но, едно е непобитно: целата испреплетена мрежа на политиката и деловните кругови се заканува да се раскине под притисокот на антикурупциската служба, ДНА. Многумина набљудувачи очекуваат судството да го принуди целокупниот политички систем да се подложи себе си на радикална реформа. Се чини никој не останува поштеден, ниту влијателните медиумски компании, кои и самите јавно и‘ објавија битка на корупцијата, ни политичарите од сите провиниенции. Личностите кои во изминатите 20 години биле на водечки позиции сега јавно се апсат и се водат во притвор со лисици на рацете.

Свеж ветер во Романија

Без оглед на овие недвојбени напредоци на антикорупциската служба, до пред кратко владееше впечаток за недопирливост на некои од личностите од јавниот живот. Дури откако стапи на функцијата новиот претседател Клаус Јоханис, кој во ноември 2014 година изненадувачки победи во вториот круг претседателски избори против социјалдемократскиот премиер Виктор Понта, започнаа одамна неопходните постапки. Претседателот со германско потекло, поранешен градоначалник на Сибиу, на своите гласачи им вети подобар живот, меѓу другото и преку транспарентност и праведност. Надежите врзани за тоа се многу големи.

Последниот случај, кој предизвика возбуда, е барањето на антикорупциската служба за истражен затвор за Елена Удреа поради поткупување и перење пари. Барањето е одобрено од парламентот (09.02.2015). Оваа пратеничка беше двапати министер и тесен соработник на поранешниот шеф на државата, Трајан Басеску. Уште повеќе: таа уживаше негова целосна поддршка, кога во 2014 година настапи како кандидатка за претседателската функција. Басеску им ја препорача на гласачите како „искрена“ личност во изборниот натпревар, остро критикувајќи ги другите кандидати. Меѓу другото, од оваа причина може да се зборува за независно судство во истрагата за двата корупциски случаи против Удреа.

Истрага околу бруталните напади во 1990 година

Многу ветувачка е и повторно обновената истрага во врска со бруталниот напад на романските рудари врз членови на опозицијата, врз студенти и дури и луѓе со наводно „интелектуален“ изглед-со бради и очила, во јуни 1990 година. Како важен двигател на конците во овие напади се смета поранешниот романски претседател Јон Илиеску, антикомунист кој ја презеде власта по соборувањето на диктаторот Николае Чаушеску. Демократската опозиција во Букурешт била замолчена со помош на рударите, гласи сомневањето.

Според експертите, актуелниот развој во борбата против корупцијата е дефинитивно неповратен. Додека порано се стравуваше од двојни аршини во примената на антикорупциските закони и блокирање на државното обвинителство, во моментов се чини дека изборната победа на Клаус Јоханис ги охрабри пратениците да ја поедностават постапката за укинување на имунитетот на парламентарци, министри и државни шефови. Во неговиот прв говор пред Парламентот, Јоханис пледираше во понеделникот за натамошно забрзување на постапката.

Тој повеќепати се изјасни во корист на постоење независно судство.На почетокот на годината тој апелираше до судиите и обвинителите: „Не дозволете да бидете заплашувани преку политичко влијание или закани. Оваа земја има шанса само како етаблирана правна држава и ако постои независно судство. Независно какви проблеми треба да се надминат и колку се тие тешки, искрените судии и државни обвинители во мене ќе најдат верен партнер зада ги совладаат.“

Останува да се надеваме Јоханис да може да ги одржи неговите изборни ветувања.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико