Романија во времето на Чаушеску | Правдико

Правдико

   

Романија во времето на Чаушеску

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

2Поминаа повеќе од две децении од падот на Чаушеску, а се уште може да се наслушне по нешто за него, за неговото владеење или, пак, за неговото наследство, не само врз Романија и романското општество, туку и врз целиот источен блок. Па така, доколку некој би сакал да дознае, зошто илјадници романци го ризикуваа животот против него во 1989 година, треба најпрво да се навлезе во самото романско општество под власта на Николае Чаушеску.

Каков бил обид за анализа на романското општество, не може, а да не помине без политичката слобода односно, недостигот од истата во оваа држава. Животот за време на Чаушеску и не бил така исполнет, особено ако се има предвид фактот дека телевизиските програми траеле околу два часа, а за време на тие два часа, истите биле исполнети со политичката пропаганда на режимот. Култот на личноста кој се градел околу водачот, бил сеприсутен. Телевизиите, радиопрограмите и весниците биле речиси секојдневно исполнети со коментари за големината и добрината на претседателот, а особено за тоа дека станувало збор за еден голем државник и редок гениј кој ја водел таа држава и кој за своја добрина бил обожуван од целиот романски народ. Ваквиот вид на пропаганда не ги поштедил ниту училиштата, каде децата уште од рана возраст учеле песни со кои се возвишувал претседателот.

1Културата во романското општество била под целосна доминација на партијата, а цензурата била присутна насекаде, па дури и во музиката. Власта во оваа држава, отишла дотаму што ги забранила и различните жанрови музика, рок музиката на пример била забранета, и тоа не поради некакви политички причини, туку едноставно таквиот вид музика не им се допаѓал на главните луѓе во Романија. Историјата исто така, не останала недопрена, па така и таа претрпела големи измени, за кои дури и зборот фалсификување би бил мал. Особено значење во новата романска историја било дадено на партијата и се разбира на Чаушеску, на кој му биле припишани огромни историски успеси. Старите историски книги, и воопшто сите книги кои би можеле да поттикнат некакво критичко размислување, биле недостапни по библиотеките.

Поради менување на минатото и креирање на јавното мислење во државата. На нивно место дошле нови книги и нови учебници кои биле создадени по волја на тогашната власт, кои на директен или индиректен начин ги глорифицирале лидерот и партијата. Цензурата во литературата не поштедила никого, па така, книгите кои не биле политички коректни, од партиска гледна точка, не биле дозволени за печатење. Преводите на книги од други јазици биле доста ретки, а тие ретките што воопшто и биле преведувани, морале да бидат коректни и во склоп со тогашната политика.

Дури и класичните романски писатели биле забранети, интересен пример за ова е Михаил Еминеску, познат романски поет од 19 век, чии што дела биле делумно забранети. Дозволени биле само тие кои биле во некаква согласност со политиката од тоа време. Еминеску, бил дури и обвинуван дека со своите дела не ја поддржувал партијата на власт (иако комунистичката партија на Романија не постоела во негово време, а човекот починал уште во 1889 година)

3Кога станува збор пак, за економската состојба, ситуацијата одела од лошо во полошо. Но, и покрај тоа, медиумите постојано известувале за големите економски достигнувања на нивната земја, а особено за тоа како Романија во поглед на економијата била лидер во комунистичкиот блок, иако реалноста за жал била сосема поинаква. Во реалноста, народот во оваа држава бил соочен со се поголем недостиг од производи. На пример, цената на млекото не била висока, но за да се добие млеко, граѓаните морале да чекаат во ред и по неколку часа во денот.

Економската ситуација, се разбира дека била поинаква за тие кои биле блиски со власта, или пак имале некаква поврзаност со луѓето од власта, но дури и тие не биле поштедени од честите рестрикции на струја. Во суштина, целиот систем бил базиран на личната моќ на еден човек, претседателот Николае Чаушеску. Елена, неговата жена била член, па дури и претседател на Академијата на науките и уметностите (иако немала завршено основно образование), а неговите браќа биле генерали, едниот во војската, а другиот во тајната полиција (секуритате). Пропагандата велела и дека говорите на Чаушеску биле позначајни од тие на Маркс.

Што се однесува пак до изборите, на сите организирани избори во Романија, Чаушеску победувал со 99% од вкупните гласови. Тука не смее да се заборави и фактот дека само една партија смеела да учествува на тие избори, неговата. Дури и да имало два кандидата кои се бореле за парламентарно место, и двајцата биле од истата партија, а програмата се разбира, им била речиси идентична и во најголем дел се однесувала на достигнувањата на претседателот и неговата сопруга (кон крајот на диктатурата, сите официјални лица на режимот биле обврзани, во своите говори, покрај за претседателот со пофалби да говорат и за неговата сопруга Елена).

Најефективниот начин како да се одржи режимот бил токму преку партиските вработувања. Секој кој сакал да се вработи, морал најпрво да биде член на партијата на власт. Како резултат на тоа, огромен број луѓе се зачлениле од опортунистички причини, без воопшто и да веруваат во идеологијата на партијата од која станале дел. Ефектот од тие партиски вработувања, најдобро можел да се забележи за време на романската револуција, кога голем дел од членовите на комунистичката партија, биле меѓу првите кои се бореле против режимот. Со оглед на тоа што секој аспект од романското општество бил под директна државна контрола, тие кои што биле во некаков конфликт со власта во тоа време, не можеле да најдат пристојна работа за себе.

Без разлика на образованието или пак на квалитетите и можностите кои ги поседувале луѓето, доколку тие не биле верни послушници и членови на партијата на власт, за нив многу тешко се наоѓала работа. Под судир со режимот, некогаш доволно било и да не се учествува на митинг за подршка на режимот. Ваквите митинзи биле доста чести, бидејќи власта во тоа време сакала да му докаже на надворешниот свет, дека ужива силна поддршка од романскиот народ.

Токму на еден таков митинг, започнува и падот на Чаушеску. Настаните започнале во Темишвар, каде што граѓаните први се побуниле против власта. Одговорот на оваа побуна бил на некој начин и очекуван од страна на диктатор. Полицијата веднаш започнала да ги апси побунениците, а набрзо потоа започнала да користи и огнено оружје, притоа убивајќи голем дел од своите граѓани. Пред останатиот дел од јавноста сето тоа било прикажувано како игра на некакви странски служби, а граѓаните кои ги загубиле својот живот, како странски платеници, иако тоа воопшто не било така. Но, наеднаш многу работи се смениле, тензијата која започнала во Темишвар, не можела така лесно да се смири.

Како одговор на тоа што се случило во Темишвар, Чаушеску организирал уште еден, овој пат за него кобен народен собир, во центарот на Букурешт. Голем дел од граѓаните кои дошле на тој собир, биле под присила од властите во тоа време, а најголемиот дел од нив дошле од причина што се плашеле да не ја загубат својата работа. Говорот кој го одржал Чаушеску, овој пат имал сосема спротивен ефект Колку и да ја возвишувал својата работа, и делата кои ги направил, од граѓаните собрани на плоштадот тој ден (околу 100.000) полека започнало да се слуша свирење и викање, нешто на кое што долгогодишниот диктатор не бил навикнат, а посебен ефект имало скандирањето на Ti-mi-șoa-ra! градот во кој започнало се, Темишвар. Реакцијата на Чаушеску била таква што тој сега започнал да им ветува на граѓаните повисоки плати, придонеси и пензии, но веќе било доцна.

Па така, во еден од најневеројатните настани во историјата, во живо, пред целата нација, на собир организиран од страна на диктаторот, народот започнал да се врти против него. За да бидат работите уште поинтересни, изгледот на лицето на Чаушеску, го прикажал во вистинско светло, наеднаш пред целата јавност, бил прикажан еден збунет и исплашен старец, кој бил далеку од херојот, создаван низ годините со партиската пропаганда. Крајот на Чаушеску, понатаму на сите ни е познат. Романија е единствената држава од источниот блок, која насилно ја срушила државната власт, и го егзекутирала својот лидер. Но, денес Романија е дел од ЕУ и НАТО, а иднината и е далеку по светла од времето на Николае Чаушеску.

Автор: м-р Јован Ѓорговски

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико