Романската Влада ги одобри спорните измени на Кривичниот кодекс | Правдико

Правдико

   

Романската Влада ги одобри спорните измени на Кривичниот кодекс

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Романската социјалдемократска Влада синоќа ги усвои спорните измени во Кривичниот кодекс, што на мноштво романски политичари ќе им дадат можност да го избегнат кривичниот прогон, пренесоа француските медиуми.

– Го усвоивме овој текст за да го усогласиме нашето законодавство со одлуките на Уставниот суд, изјави министерот за правда Флорин Јордаке.

Указот, што не фигурираше во вчерашниот дневен ред за работата на владата, влегува во сила веднаш по објавувањето во Службен весник, без да ги минува процедурите низ Парламентот.

Владата на премиерот Сорин Гринѓану, што е на власт помалку од еден месец, пред десет дена го предложи овој спорен текст, предизвикувајќи бран од улични протести низ земјата. Неговото изненадувачко усвојување може да го омасови и направи уште пожестоко протестното движење.

Указот декриминализира мноштво законски прекршувања и злоупотребата на власта ја прави казнива со затвор само доколку предизвиканата штета надминува 44. 000 евра.

Указот на лидерот на Социјалдемократската партија Ливиу Драгна, ќе му даде можност да ја избегне главната точка од обвиненијата против него во процесот што во вторникот почна за фиктивни назначувања. Обвинителите пресметале дека штетите во неговиот предмет изнесуваат 24. 000 евра.

За сметка на тоа, Владата во Парламентот го поднесе предлогот за помилување на околу 2.500 затвореници, кои одлежуваат казни до пет години затвор, без да прибегне кон итен указ, како што првично планираше.

Неколку десетици илјади Романци во неделата протестираа во повеќе градови, инсистирајќи на повлекување од овој владин проект.

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико