Правдико

   

Ромски семејства тужат за четири смртни случаи во затворите во земјава

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Семејствата на четирите Роми кои ненадејно умреа во македонските затвори ја тужат Управата за извршување санкции, како и Министерството за здравство, за дискриминација во нивниот пристап до здравствена нега и заштита што резултирала со смрт на членовите на нивните семејства. Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) ќе ги застапува и веќе поднесе колективна граѓанска тужба пред Основен суд Скопје 2 на 29-ти март 2018 година.

„Андриас Реџепов (21), Јусинов Ердал (25), Суткие Мустафова (46) и Беким Демир (39) починале минатата година во македонските затвори поради отсуство на квалитетна медицинска нега и надзор од затворскиот персонал. Андриас Реџепов и Јусинов Ердал умреле од предозирање со комбинација од метадон и бензодијазепами, иако ниту еден од нив не бил вклучен во програмата за метадонска терапија. Беким Демир наводно умрел од труење со таблети ’празин’ откако му била дадена некоректна доза од страна на медицинскиот персонал. Суткие Мустафова умрела откако нејзините претходни здравствени компликации биле игнорирани и таа била обвинета дека ја лажира болеста, поради што персоналот ја повлекол навремената медицинската нега. За време на аутопсијата, во телото на Суткие била пронајдена висока доза на бензодијазепами. И Управата за извршување санкции и Министерството за здравство се одговорни за обезбедување квалитетна здравствена нега на затворениците. Семејствата ги тужат овие институции за директна и индиректна дискриминација, бидејќи лошиот квалитет на здравствената нега во македонските затвори диспропорционално влијае на ромските затвореници“, информира ЕЦРП.

Организацијата почнала да го истражува диспропорционалниот број на ромски затвореници кои умираат во Македонија. Според податоците кои ги добиле од Управата за извршување санкции, Ромите претставуваат 16% од затворската популација во Македонија, а истовремено претставуваат и 50% од смртните случаи во затворите во 2017 година (четири од осум). „Кога Беким Демир умре на 25-ти декември 2017 година, тој беше четвртиот Ром кој умрел таа година. Тогаш одлучивме, заедно со семејствата на починатите, дека мора да го изнесеме нашиот случај пред суд што е можно побрзо за да спречиме смрт на други ромски затвореници“, велат од ЕЦРП.

„Сè што овие семејства сакаат е вистината“, вели Сенада Сали, правник од ЕЦПР, која ги застапува семејствата. „Повеќе од нив дури не добија ниту копија од извештајот од аутопсијата. Тие се фрустрирани, сакаат да знаат зошто нивните сакани умреле и сакаат оние кои се одговорни да бидат изведени пред лицето на правдата“.

Необезбедувањето соодветна здравствена нега за затворениците, посебно за оние од ромска националност, претставува прекршување на членовите 5 и 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Исто така, тоа претставува прекршување на членовите 9 и 39 од Уставот, членот 46 од Законот за извршување санкции и членот 2 (право на живот) во врска со членот 14 (заштита од дискриминација) од Европската конвенција за човекови права.

„Овој случај е само првиот чекор кон добивање правда за овие семејства. Позитивна пресуда со која се утврдува дискриминација од страна на властите ќе ни овозможи овој случај да го однесеме понатаму, вклучувајќи и надомест за семејствата. ЕЦПР смета дека доказите за институционално насилство врз ромските затвореници во Македонија се преголеми за да бидат игнорирани. Оваа колективна тужба, и другите случаи што се водат пред Европскиот суд за човекови права, ќе ги искористиме за да побараме промени во системот и правда за семејствата на ромските затвореници кои непотребно умреа минатата година“, се наведува во соопштението.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико