Рушливи договори и нивно поништување | Правдико

Правдико

   

Рушливи договори и нивно поништување

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

torncontractДоговорот е рушлив кога го склучило ограничено деловно способно лице, кога при неговото склучување имало мани во поглед на волјата на страните, како и кога е тоа определено со Законот за облигациони односи  или со друг пропис. Рушливите договори произведуваат правно дејство уште од своето настанување, како полноважните договори, но под услов страната која поради определени недостатоци предвидени во закон може да побара поништување на договорот, не го стори тоа, или побара поништување по изминување на рокот во кој можела тоа да го стори.

За разлика од ништовните договори за кои се внимава по службена должност, и на која може да се повика секое заинтересирано лице, кај рушливите договори поништување може да се бара само од страна на договорните страни. Причините што овозможуваат поништување на рушливите договори, се причини кои се од помало значење, па затоа самиот законодаваец предвидел рушливите договори да произведуваат правно дејство, но притоа оставајќи простор на побивање и поништување на тие договори.

Како причини за рушливост на договорите и едни од најчестите се маните во волјата на едната или двете договорни страни како што се заблуда, измама и закана. Исто така ограничената деловна способност на страната која склучила договор без претходно добиена дозвола или одобрение од нивните законски застапници ги прави склучените договори рушливи и подложни на поништување.

Договорната страна во чиј интерес е установена рушливост може да бара договорот да се поништи. Содоговарачот на таа страна може да бара од неа во определен рок но не пократок од 30 дена, да се изјасни дали останува при договорот или не, зошто во спротивно ќе се смета дека договорот е поништен.  Ако повиканата договорна страна во определениот рок не се изјасни или ако изјави дека не останува при договорот, ќе се смета дека договорот е поништен.

Последиците од поништувањето на рушлив договор се исти како и при утврдувањето на ништовен договор. Неважноста на едниот и другиот договор произведува правно дејство од самиот почеток, односно договорот се смета како да не ни настанал уште од неговото склучување.

Ако врз основа на рушлив договор кој е поништен било нешто исполнето, ќе се изврши враќање, ако тоа не е можно или ако природата на тоа што е исполнето му се противи на враќањето, ќе се даде соодветен надомест во пари.  Надоместот во пари се дава според цените во време на враќањето, односно донесувањето на судската одлука.

Во случај на поништување на договор поради ограничена деловна способност на едниот договорач, содоговарачот на такото лице може да бара враќање само на оној дел од исполнувањето кој се наоѓа во имотот на ограничено деловно способно лице, или е употребен во негова корист, како и она што е намерно уништено или отуѓено.

Одговорност за поништување на договорот

Договарачот на чија страна е причината за рушливост му е одговорен на својот содоговорач за штетата што ја трпи поради поништувањето на договорот, ако овој не знаел ниту морал да знае за постоењето на причината за рушливоста на договорот. Ограничено деловно споспобно лице одговара за штетата настаната со поништувањето на договор, ако со измама го убедило својот содоговорач дека е деловно способно односно дека има дозвола од својот законски застапник.

Престанок на правото

Правото да се бара поништување на рушлив договор престанува со истекот на рокот од една година од дознавањето на причината за рушливоста, односно од престанувањето на принудата ( Субјективен рок). Правото да се бара поништување на рушлив договор во секој случај престанува со истекот на рокот од три години од денот на склучувањето на договорот (Објективен рок).

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Претпоставки за ништовност на договорите

Препорачуваме

Партнери на Правдико