Сѐ било испланирано, освен датумот, рече обвинителката Русковска во завршните зборови за 27 април | Правдико

Правдико

   

Сѐ било испланирано, освен датумот, рече обвинителката Русковска во завршните зборови за 27 април

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Обвинителката Вилма Русковска во завршните зборови кажа дека Обвинителството успеало да докаже, дека обвинетите во предметот „Организатори на 27 април“, ги сториле загрозување на уставниот поредок. Таа ги објасни улогите на Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Владимир Атанасовски кои според неа, произлегле од материјалните докази и сведочењата. Русковска кажа дека стотиците сведоци кои кажале пред судот дека никој не ги организирал дале лажен исказ, што е кривично дело.

„Се се знаело, се било испланирано, само не се знаел датумот. Обвинетите знаеле што прават, не биле изманипулрани. Се фрлиле на една карта, да се спречи избор на претседател на Собранието и да се спречи формирање на Влада од веќе обезбеденото парламентарно мнозинство“, рече Русковска.

„Обвинителството докажа дека обвинетите кои седат до вас, изготвиле план за да го загрозат уставниот поредок на Македонија, а со акти на насилство да оневозможат мирно предавање на власта. Слушнавме сведоци, видовме и прочитавме многу материјални докази. Сето тоа, единствено што допринесе е да се потврди обвинението. Обвинителството докажа дека секој од обвинетите имал своја улога, како пред настаните, така и на 27 април. Улогата на Вељаноски била да се спречи избор на претседател на Собранието, на Спиро Ристовски и Миле Јанакиески е да ги организираат протестите ‘За заедничка Македонија’ и да се спречи изборот, а на Владимир Атанасовски со акти на насилство да се спречи изборот“, рече Русковска.

Обвинителката ги цитирање исказите на сведоците кои ги предлог и Обвинителството, но и обвинетите. Таа посочи дека сите сведоци од ВМРО-ДПМНЕ го збореле истото. Таа цитираше членови од Деловникот со тврдење дека Вељаноски не го почитувал, па дозволувал реплики и контра реплики за „тиранската платформа“, иако таа точка не била на дискусија.

„Со право можеме да поставиме прашање зошто тогаш Вељаноски не само како претседател на Собранието, туку и правник по вокација не реагирал. На сите ни е јасно зошто предлогот на Оливер Спасовски не го ставил на гласање, а тоа е по секоја цена да се спречи избор на претседател на Собрание и мирно предавање на власта. И самиот сведок кажа дека имало усогласеност на претседател, заменик-претседател. Што имало тука да се дискутира?“, рече Русковска.

„Обвинетите Јанакиески и Ристовски биле од самиот впечаток вклучени во организирање на протестите ‘За заедничка Македонија’. Вељановски редовно бил информиран за истите. Владимир Атанасовски со Никола Бошкоски и сведокот Александар Василевски, договарале во случај на обид за избор на претседател на Собрание да се предизвика насилство и да се спречи изборот. Ова произлегува од делот на исказот на сведокот Александар Василевски кој рече: ‘Лично Владимир Атанасовски, по тврдење на Јане Ченто и неговото однесување, кога тргаа во организирани групи по 20-30 луѓе, сите доаѓаа со амблеми, маици, црни униформи. Се правеа проекти на кои учествуваа платеници од ВМРО, сите беа со поддршка на директорот Атанасовски. Едноставно тие се спремаа ако дојде до нешто такво, да реагираат. Бидејќи претходно се формираа 22 здруженија и сите се спремија и кажаа дека со сите сили и средства, насилни и ненасилни ќе се брани Македонија и тие беа искористени од директорот на УБК, Атанасовски’“, додаде Русковска.

„Обвинетиот Спиро Ристовски во своја одбрана, наведува дека не познава никој од водачите на ‘За заедничка Македонија’ освен Богдан Илиевски, не го познава сведокот Александар Василевски. Исто така кажа една интересна работа, ‘во една таква хиерархиска поставеност’. Ако не го познава Александар Василевски, како ќе го објасни фактот што на 27 април во 20:23 часот, Александар Василевски го бара на телефон? Па не се јавуваш на некој што не го познаваш“, рече Русковска.

Русковска ги споредуваше исказите на обвинетиот Владимир Атанасовски и сведокот на Александар Николовски-Нинџа, за кој кажа дека во детали објаснил се она што претходно го кажал Атанасовски. Обвинителката ги цитираше и пораките меѓу пратениците како Трајко Вељаноски, Димитар Стевананџија, Миле Јанакиески, Елизабета Канческа-Милевска. Пораки меѓу Елизабета Канческа-Милевска, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески исто така се цитираа одново, кои според Русковска, потврдуваат дека обвинетите се организаторите на 27 април. Во нив се збори за ангажирање на уметници за говорници на протестите.

„На 18 март 2017 година, Димитар Стевананџија: ‘Вечер или утре најкасно, договорено е’. Обвинетиот Трајко Вељаноски: ‘Ќотекот дупли нека биде’. И беше. Сите го видовме. На сите медиуми“, кажа Русковска, цитирајќи ги пораките.

„Со жив ѕид ќе спречиме ако треба, нема да има Влада“, кажа Русковска цитирајќи порака од Трајко Вељаноски, додавајќи: „Ете го живиот ѕид“. Русковска продолжи со завршните зборови: „И сега што правиме со делот на исказот на Милошоски каде кажува дека немало одлука на ВМРО-ДПМНЕ да се оневозможи избор на претседател на Собрание? Ама имало. Уште првиот ден од започнување на протестите.

„Сето ова како од исказите на сведоците, но и материјалните докази, јасно произлегува дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиески не само што ги организирале протестите, туку биле вклучени и месните комитети. И сега што правиме со стотиците сведоци, кои сведочеа дека иако се членови на ВМРО-ДПМНЕ, никој не ги организирал да одат на протести. На судот му е познато дека постои кривично дело, давање лажен исказ“, додаде Русковска.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико