САД бараат безусловно ослободување на сите политички затвореници во Белорусија | Правдико

Правдико

   

САД бараат безусловно ослободување на сите политички затвореници во Белорусија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Безусловно ослободување на сите политички затвореници во Белорусија останува главна цел на Соединетите Американски Држави, изјави специјалната претставничка на САД за Белорусија Џули Фишер во интервју за РСЕ.

Коментарот на Фишер доаѓа по изречените строги затворски казни на група белоруски опозициски активисти.

Таа вчера во интервјуто за РСЕ рече дека САД заедно со европските партнери се фокусирани на ослободување на политичките затвореници, но ако продолжи репресијата ќе има и следен круг на санкции.

Говорејќи од Вилнус таа ги коментираше одлуките за санкционирање на опозициските активисти во Белорусија, меѓу кои и популарниот видео блогер Сјаргеј Цихануски, кој имаше намера да се кандидира против авторитарниот лидер Александар Лукашенко пред да биде дисквалификуван и уапсен. Тој е осуден на 18 години затвор за неговиот активизам. На пет други активисти, меѓу кои и блогерот и консултант на РСЕ, Ихар Лосик, им беа изречени казни од 14 до 16 години за нивниот активизам.

Фишер вели дека станува збор за неправедни и безобразно груби казни.

Цихановски е сопруг на белоруската лидерка на опозицијата Свјатлана Циханускаја, која откако тој беше уапсен, се кандидираше на изборите против Лукашенко. Резултатите од изборите во август 2020 година предизвикаа повеќемесечни протести кои брутално беа задушени, по што десетици илјади луѓе беа приведени, а дел од опозициските лидери избегаа од земјата.

Циханускаја сега живее во егзил во Литванија.

Фишер рече дека има знаци дека досега наметнатите санкции кон Белорусија имале влијание, но дека останува предизвик како да се ослободат политичките затвореници. Западот бара белоруските власти да ослободат повеќе од 900 политички затвореници и да се стави крај на политичката криза.

Претставничката на САД, која пред една година беше одобрена од Сенатот како прв американски амбасадор во Белорусија од 2008 година, рече дека ако има можност да поразговара со затворените опозициски активисти ќе им пренесе дека западните земји се солидаризираат со нив.

Фишер не може физички да присуствува во Минск, оти белоруската влада ѝ ја одби визата како одговор на острите економски санкции што Вашингтон ги воведе кон Лукашенко и другите членови на неговиот режим. Американската претставничка вели дека и покрај тоа што не може физички да биде во Минск, таа е сместена во Вилнус и може да разговара со секој што доаѓа од Белорусија и сака да разговара со неа.

Амбасадата на САД во Минск, во меѓувреме, беше принудена да работи под рестрикции, односно ограничени се можностите да се ангажира и да воспостави односи со граѓаните на Белорусија, да споделува информации, да исполни други улоги, како помагањето на граѓанското општество и да издава туристички визи.

Извор: Радио слободна Европа

Препорачуваме

Партнери на Правдико