Правдико

   

САД планираат кривично да ја гонат сопругата на Николас Мадуро за трговија со дрога

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Вашингтон, наводно, се подготвува да ја обвини сопругата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во наредните неколку месеци, барајќи нејзино гонење за кривични дела како што се трговија со дрога и корупција, пренесува Ројтерс.

Обвиненијата против Цилија Флорес, според четири извори наведени од агенцијата, се верува дека делумно се засноваат на нејзините врски со нејзините двајца внуци, уапсени во 2015 година по спречена трговија со кокаин. Според извештајот, Флорес помогнала во одгледувањето на внуците и одржувала блиска врска со нив.

Ефреин Кампо и Франки Флорес, кои во моментов се во затвор на Флорида, беа уапсени во ноември 2015 година на Хаити од страна на американската Агенција за борба против дрогата (ДЕА) под обвинение дека планирале да продадат кокаин во вредност од 20 милиони долари во САД. Откако се изјаснија за невини, во 2017 година и двајцата беа осудени на 18 години затвор.

Истражителите наводно располагаат со текстуални пораки помеѓу двајцата осудени внуци и Цилија Флорес, во кои, наводно, разговараат за пратка кокаин. Ројтерс признава дека не го видел текстот на наводните пораки.

Претходно, во интервјуата за Ројтерс, сега затворенит поранешен телохранител на Флорес, Јазенки Ламас, рече дека таа е свесна за активностите поврзани со дрогата на членовите на нејзиното семејство.

Екстрадиран во САД поради обвиненија за дрога во 2017 година, Ламас се спогоди со американските обвинители, признавајќи ги обвиненијата за трговија со дрога, по што стана сведок- соработник, покажува доверливиот документ на Министерството за правда, цитиран од Ројтерс.

Министерот за информации на Венецуела, Хорхе Родригез, жестоко ја критикуваше статијата за можна кривична пријава против Флорес како одвратна, клеветничка и навредлива.

Портпаролката на Министерството за правда на САД, Никол Навас, одби да даде какви било официјални коментари за статијата, а Цилија Флорес и нејзината канцеларија во Националното собрание, исто така, не понудија коментар.

Кон крајот на март, Вашингтон понуди серија награди за информации за петмина високи функционери во владата на Мадуро, вклучувајќи 15 милиони долари за Мадуро, поврзани со наводните обвиненија за трговија со дрога.

Според наводите на американските официјални претставници, Мадуро бил лидер на групата за трговија со кокаин наречена „Картел на сонцата“, во која учествувале високи политичари и припадници на венецуелската војска и судство, кои сакале да ги преплават САД со кокаин, притоа зацврстувајќи ја неговата позиција и богатство . Доказите против Мадуро, наводно, биле собрани неколку години од страна на истражителите во Мајами, Њујорк, Хјустон и Вашингтон.

Мадуро жестоко ги отфрли обвиненијата против него и неговите колеги, нарекувајќи ги политички мотивирана измислица на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Доналд Трамп, ти си мизерно човечко суштество…  Управуваш со меѓународните односи како њујоршки мафијашки изнудувач што некогаш си бил во сферата на недвижнините“, рече Мадуро во телевизиското обраќање.

И обвиненијата во март и извештајот за можни кривични пријави против Цилија Флорес доаѓаат во екот на новата кампања на притисок врз Николас Мадуро, кој заедно со својот внатрешен круг беше санкциониран од 2017 година од Министерството за финансии на САД.

Венецуела е во политичка криза од 2019 година, кога лидерот на опозицијата поддржан од САД, Хуан Гваидо се прогласи за привремен претседател со поддршка од повеќето од западните земји, кои го прогласија реизборот на Николас Мадуро во 2018 година за измама.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико