Само виновни лица се спогодуваат со обвинителите | Правдико

Правдико

   

Само виновни лица се спогодуваат со обвинителите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Најчесто ова законско решение го прифаќаат тие што се сигурни дека ќе ги осудат, па подобро им е да ги скратат времето и трошоците на редовната судска постапка и да си ја намалат казната, коментира дел од адвокатската фела за примената на институтот – спогодбена пресуда.

javno-obvinitelstvo

Според искуствата на адвокатите

Граѓанин што направил кривично дело и бил пријавен за тоа, а потоа се договорил со обвинителството за тоа каква ќе му биде пресудата и колкава казна ќе му биде изречена е случај што стана дел од секојдневната практика во македонското правосудство откако беше донесен новиот закон за кривична постапка.

Ова го покажуваат и податоците на Јавното обвинителство на Република Македонија, според кои, од стапувањето во сила на законот во декември 2013 до крајот на февруари годинава македонските обвинителства склучиле 339 спогодби со обвинети лица. Колку за илустрација, во Србија за истиот период се постигнати само педесетина спогодби.

Овие спогодбени пресуди се однесуваат само на кривичните дела за кои е пропишана казна затвор до десет години. Тие се донесуваат уште пред да биде поднесен обвинителниот акт, што значи дека значително се намалува целосната постапка за случаите.

Од Советот за владеење на правото велат дека статистиките на судот покажуваат оти лани судиите на претходна постапка верификувале пресуди по предлог-спогодба најчесто за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, 18 спогодби. Следни на листата се 13 спогодби за кривичното дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Шест погодби за тешка телесна повреда и по една помалку за делата разбојништво и овозможување употреба на наркотични дроги.

– Во одделот за претходна постапка специјализирано одделение за гонење организиран криминал и корупција, судиите на претходна постапка најчесто верификувале пресуди врз основа на предлог-спогодба за кривично дело шверцување мигранти – одговорија од Советот.

Случајот се затвора за еден месец

– Придобивките во употребата на спогодбата во кривичната постапка се во економичноста, односно намалувањето на трошоците, намалувањето на нејзиното времетраење, односно брзи постапки што завршуваат најмногу за еден месец од кривичната пријава до донесувањето на правосилната пресуда или започнување на издржувањето на казната, помал број предмети во судовите – велат од Основното јавно обвинителство.

Помеѓу придобивките е и тоа што на осомничениот граѓанин му се намалува и казната, но таа не може да се снижи повеќе од законски пропишаната минимална санкција. Покрај затворската казна, дел од спогодбата може да биде и материјалната штета што обвинетиот треба да ѝ ја надомести на оштетената страна.

Спогодбите ги одобрува надлежниот суд и врз основа на нив се донесува пресудата, а Основниот суд Скопје 1 првата ваква спогодба ја одобри нецели два месеци по стапувањето во сила на законот. Пресудата беше донесена 27 јануари лани за кривично дело шверц на мигранти, а помеѓу последните одобрени спогодби е онаа од актуелниот случај „Пуч“, со која на еден од осомничените му се изрече казна затвор од три години.

– Спогодбите даваат некоја шанса што е добра ако тоа го гледаме од економичен аспект. Но јас лично сум наклонета повеќе кон тоа да се изведуваат доказите – коментира адвокатката Светлана Савиќ.

Во постигнувањето на споменатите 339 случаи судијата ниту можел ниту смеел да има некаква улога, но тој, сепак, ја одиграл клучната улога бидејќи тој е оној што одлучува дали пресудата ќе биде прифатена или не.

Кој сака спогодби?

Како дел од спогодбите е и изјава од осомничениот, кој кажува дека се согласува со висината на казната и го признава кривичното дело за кое се товари. За да се прифати спогодбата и да се донесе пресудата, граѓанинот истата изјава подоцна ја потврдува и на рочиштето што го закажува судијата за претходна постапка. Ова го наметнува и прашањето во кои случаи некој би прифатил казна без можност да го докаже спротивното или да поднесе жалба.

– Придобивките се скратување на постапката и намалување на казната и кон спогодба оди тој што е сигурен дека ќе добие казна, а и има можност да му се намали казната – вели адвокатката Марина Спирковска.

Во прилог на констатацијата на Спирковска е и искуството со случаите во Србија, каде што има значително помалку спогодбени пресуди отколку во Македонија, само 38 лани, односно десетина во првите два месеци од оваа година.
Според мислењето на адвокатска фела, на овој чекор се одлучуваат осомничените што се свесни дека против нив постојат неоспорни докази. Тие се соочени со изрекување долги затворски казни и се согласуваат во замена за неколку години помалку да го признаат делото за кое се товарат.

Според информациите на српското обвинителство, во првите два месеци годинава само неколку од постигнатите спогодби не се однесувале на кривични дела поврзани со илегалните мигранти. Кажано со други зборови, дури во десет случаи вина признале осомничени за нелегален премин на државната граница и шверцување мигранти. За овие дела српските закони предвидуваат казни и до 12 години затвор, но со спогодбите изречени се казни од една до пет години. Дополнително осомничените имале и парични санкции од 500 до 5.000 евра.

Кога станува збор за случајите во Србија, еден од најинтересните случаи, стар неколку години, што ѝ е познат и на македонската јавност е постигнатата спогодба помеѓу обвинителството и позната српска пејачка Светлана Ражњатовиќ. Таа беше осомничена за злоупотреба на службената положба и нелегална продажба на фудбалери. Во случајот пејачката призна дека парите што ги добивала од продажбата на фудбалерите на клубот Обилиќ ги префрлала на приватни сметки. Како надомест на штета и казна, Ражњатовиќ на државата ѝ плати 1,5 милион евра и доби домашен притвор од осум месеци, односно на ногата ѝ беше ставена електронска алка и таа можеше да се движи само во еден дел од нејзината семејна куќа.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико