Правдико

   

Се договорија: Предвремени избори на 24 април со 100 дена преодна влада

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Лидерите на четирите политички партии, со посредство на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, по повеќечасовни преговори доцна утрово постигнаа договор за излез од политичката криза во државата.

lideri-sredba

– Постигнавме договор, потпишан од лидерите на најголемите четири партии и задоволен сум од постигнатото – изјави Хан по средбата со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ, Али Ахмети, и на ДПА, Мендух Тачи.

Хан нагласи дека лидерите се согласиле за предвремени парламентарни избори и оти фокусот понатаму ќе биде на имплементација на извештајот на Прибе и на другите препораки на Европската комисија.

Премиерот Никола Груевски рече дека политичката криза во Македонија е решена.

– Европските перспективи на Република Македонија остануваат отворени, а економијата се ослободува од наметнатите стеги од политичката криза и ќе продолжи да се зголемува, што значи нови работни места и нови инвестиции – изјави Груевски.

Тој појасни дека во согласност со постигнатиот договор, како системско решение, отсега па за сите наредни парламентарни избори 100 дена пред сите изборите владата ќе се повлече и ќе се формира влада за спроведување на изборите. Во нашиот случај, посочи, ова ќе значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер за периодот од 100 дена, почнувајќи од 15 јануари 2016 година до изборите кои ќе се одржат на 24 април 2016 година.

– За да не може некој да има алиби и изговори за резултати од изборите, се согласивме, почнувајќи од 20 октомрви, па до изборите, СДСМ во претходна консултација со ВМРО-ДПМНЕ и со ДУИ да даде предлог за технички министер за внатрешни работи, што значи личност која на никој начин не се поврзува со ниту една политичка партија – рече Груевски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека со денешниот договор се потврдило сè што неговата партија и коалициските партнери го посочиле во проектот „Вистината за Македонија“ и дека освен во МВР, СДСМ ќе предложи и министер за труд и социјална политика. Во министерствата за финансии, земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество, ќе бидат назначени заменици-министри со право на вето.

На 15 септември ќе биде избран специјален обвинител, кој ќе биде задолжен да спроведе истрага за содржините, доказите и за аргументите од прислушуваните телефонски разговори.

– Новиот јавен обвинител со целосни автономни овластувања ќе ги добие материјалите кои на транспарентен начин треба да бидат процесуирани, паралелно преку собраниските комисии, исто така нивната содржина ќе биде достапна до јавноста. Најважно од сè е што ќе има правна последица по сите докази и аргументи – рече Заев.

Опозицијата на почетокот на септември ќе се врати во Собранието.

Хан најави дека следната недела во Брисел ќе се одржи состанок на Советот на ЕУ, на кој ќе се разгледаат потребните реформи, дијалогот на високо ниво ќе продолжи во септември, а потоа ќе следува и извештајот за напредокот на земјата.

– Вечерашниот договор ќе даде можност за понатамошно продолжување на препораката за почеток на преговори. Ова треба да им помогне на некои земји-членки кои имаа отпор и го блокираа отворањето на преговорите, да се убедат да ја отворат вратата за европската перспектива на земјата – рече еврокомесарот Хан.

Тој имал и телефонски разговор со помошничката на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Викторија Нуланд.

– Ова беше потврдено и од нашите американски пријатели, но мора да се каже дека ова е европски договор и оти сите партии придонесоа за овој договор – рече Хан.

Извор: Мета.мк

Партнери на Правдико