Се предлага патарина за цела ЕУ | Правдико

Правдико

   

Се предлага патарина за цела ЕУ

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Додека баварската ЦСУ упорно бара странските возачи на патнички автомобили да плаќаат патарина во Германија, европскиот комесар за енергетика Гинтер Етингер предлага воведување на единствена патарина во цела ЕУ.

eu

Баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) повторно лови гласови со иницијативата за наплаќање патарина во Германија. Не е ниту чудо, со оглед на тоа што изборите за Европскиот Парламент се на прагот. Се разбира, ЦСУ не сака да ги налути германските возачи, туку бара патарина за користење на германските автопати да плаќаат само странците.

Со оглед на тоа што е речиси невозможно ова да се усогласи со прописите на ЕУ, се размислува за наплата преку вињети, каде износот на патарината би се одземал од данокот на патничките возила за германските граѓани.

Жителите на најјужната германска покраина се лути поради тоа што практично цела Европа се вози по нивните автопати, што во сезона на годишни одмори значи сообраќајни гужви и колони од по неколку десетици километри. Во тие колони има и многу возила од други земји, а баварците од тоа немаат – ништо! Најголемиот дел од тие автомобили само минува низ Баварија, дури без притоа да наполни и бензин.

Расправата во Германија трае

Патарината за патнички возила всушност влезе и во коалициониот договор на актуелната влада на Ангела Меркел. Истовремено, поради проблемот што треба да се воведе патарина, а притоа да не се оптоварат германските возачи, има малку политичари кои се залагаат енергично за спроведување на тој проект. Идејата за намалување на данокот за Германците, има недостатоци: сопствениците на еколошки возила и онака плаќаат минимален данок, а некои воопшто не ѝ плаќаат на државата за поседување патничко возило. Тогаш, како со нив? Наспроти ова, германскиот министер за сообраќај Александер Добринт (токму човек на владеачката ЦСУ) повторно најавува патарина за странци и тоа можеби веќе од 2016 година.

eu2Такви идеи за дискриминација на странските возачи во ЕУ има сѐ повеќе. Неодамна и француската министерка за заштита на природната средина и енергетика Сеголен Ројал најави наплата на патарини за странски товарни возила, дури и во случај тие да не користат автопат, туку локални патни правци кои минуваат паралелно со главните сообраќајници.

На европскиот комесар за енергетика Гинтер Етингер од партијата на Меркел, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), ваквите иницијативи му здодеаја, па за весникот „Велт“ тој се заложи за заедничка европска патарина која би важела во сите земји на ЕУ.

Обединета Европа на четири тркала

На европските патишта навистина владее прилична бркотница. Одделни земји наплаќаат паушално за користење на сообраќајната мрежа. Во некои се плаќа само возење по одделни делници, а некои земји воопшто не бараат патарина. Постои и долгорочен проблем околу износите, каде некои земји, како што е Словенија, наплаќаат несразмерно многу за своите автопати.

Одделни земји наплаќаат паушално за користење на сообраќајната мрежа

Еврокомесарот Етингер не навлезе во детали за заедничката европска наплата за користење на автопатите, но тврди дека ЕУ не сака да „се омрси“, туку дека приходите ќе бидат пренасочени во националните каси. Друг аргумент на Етингер е дека набрзо и приватници ќе вложуваат во изградба на сообраќајници, а тие инвеститори ќе сакаат да ја собираат и добивката, па сега е нужно да се создадат единствени европски правила на игра за такви приватни автопати.

Сепак, идејата на еврокомесарот не наиде на големо разбирање меѓу политичарите на ЦСУ од Баварија. Тие сметаат дека процесот на усогласување на сите членки на ЕУ околу заеднички норми и стандарди ќе трае долго. Генералниот секретар на ЦСУ, Андреас Шојер, преку весникот „Велт“ веќе му порача на европскиот комесар за енергетика дека е подобро убаво да се одмори за време на велигденските празници, отколку да ѝ „попува“ на цела Европа.

Извор: DW

Препорачуваме

Партнери на Правдико