Се предлагаат измени во Законот за просторно и урбанистичко планирање
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со предложените одредби се уредува начинот на изработување и донесување на просторниот план, урбанистичките планови, урбанистичко-планските документации, проекти за инфраструктура како и архитектонско урбанистички проекти, при што се утврдува освен постапката за изработување и донесување на просторните планови, сите други постапки да се спроведуваат во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, кој ќе биде востановен од страна на Министерството за транспорт и врски, а ќе го користат сите субјекти кои се вклучени во предметните постапки.
Сите видови на плански документации, освен просторните планови ќе се изработуваат во електронска форма, комуникацијата помеѓу субјектите кои се вклучени во постапките за изработување и донесување на истите, ќе се спроведува во електронска форма, јавната анкета и стручната расправа истовремено ќе се спроведуваат и во електронска форма и во писмена форма, мислењата и согласностите ќе се издаваат во електронска форма, советниците на советите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, ќе имаат увид во планската документација во електронска форма, а целокупната документација ќе се потпишува со дигитални потписи.
Исто така извршени се одредени измени и допрецизрања по однос на досегашните постапки и процедури а се со цел поедноставување на постапките и поефикасно донесување на урбанистичките планови, урбанистичко-плански документации како и урбанистичко-проектни документации.
Во таа насока извршени се промени во постапката за издавање на услови за планирање на просторот, при што како надлежен орган за издавање на решение за услови за планирање е утврдена Агенцијата за планирање на просторот.
По однос на постапката за Стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето утврдено е дека истата се спроведува само доколку во планскиот опфат се уредува простор за изградба на градби со намена Г (производство, дистрибуција и сервиси) и градби со намена Е (инфраструктура) и/или доколку во планскиот опфат постои заштитено подрачје или споменик на природата.
Во делот на постапката за пренамена на земјоделско земјиште утврдено е дека оваа постапка се спроведува паралелено со постапката за донесување на урбанистичките планови и урбанистичко-плански документации, а урбанистички план односно урбанистичко-планска документација чија изработка е финансирана од буџетот на Република Македонија, урбанистичко-планска документација од посебен интерес како и проект за инфраструктура може да се донесе односно одобри и доколку не е дадена согласност за трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно.
Понтаму, пропишани се обврски секоја општина четири пати во текот на една година да распише јавни повици за доставување на иницијативи од страна на правни и физички лица и прецизно е уредено постапувањето по поднесените иницијативи.
По однос на фазите на изработка утврдено е дека просторниот план и генералниот урбанистички план се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план, а деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план за вон населено место се изработуваат во една фаза, како предлог на план, а пропишан е нов начин на донесување на регулациски план на генерален урбанистички план (претходен урбанистички план за четврт).
Исто така извршена е промена на содржината на урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план за вон населено место, со тоа што се предвидува при донесување на овие планови да не се утврдуваат градежни парцели и површини за градење односно катастарската парцела да претставува градежна парцела, а доколку градежната парцела се состои од две или повеќе катастарски парцели или на една катастарска парцела се предвидуваат две или повеќе градби, градежната парцела и површините за градење да се утврдуваат со архитектонско-урбанистички проект.
Со предлог законот не се предвидува да се врши ревизија на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација бидејќи од досегашната пракса произлезе дека истата не е целисходна.
Во насока на зголемување на бројот на инвестиции и побрзо реализирање на истите се предвидува нов вид на урбанистичко-планска документација која ќе се изработува за градби од посебен интерес утврдени од страна на Владата на Република а ќе се одобрува од страна на министерството за транспорт и врски.
Исто така извршено е допрецизирање на одредбите од постојниот закон кои се однесуваат за изработка на сите видови на урбанистичко-плански документации, архитектонско-урбанистичкиот проект и проектот за инфраструктура.
Со предлог законот се предвидува Агенцијата за катастар за недвижности по донесување на урбанистичките планови, урбанистичко-планските документации и урбанистичко-проектните документации да врши дигитализација односно пренесување на регулационите и градежните линии од донесен урбанистички план, одобрена урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација на ажурирани геодетски подлоги во дигитална форма.
Со предлог законот се пропишуваат и прекршочни одредби за сите субјекти кои се вклучени во предметните постапки, доколку не постапуваат во согласност со нивните законски обврски.
Имајќи во предвид дека треба да се востанови информацискиот систем преку кој ќе се спроведуваат предметните постапки и потребно е да се спроведат обуки за користење на истот на сите вклучени субјекти, се предвидува овој закон да отпочне со примена од 1 јануари 2015 година.
Целиот текст на Предлог измените можете да ги превземете ТУКА