Се што ве интересира за постапката пред Европскиот суд за човекови права | Правдико

Правдико

   

Се што ве интересира за постапката пред Европскиот суд за човекови права

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

echrКој може да поднесе жалба пред Судот?

Конвенцијата прави разграничување помеѓу два вида на жалба: индивидуална жалба, поднесена од страна на некое лице, група на поединци, компанија или невладина организација, кои што поднесуваат жалбени наводи за повреда на неговите или нејзините права, како и меѓудржавна жалба,поднесена од една држава против друга држава.Од основањето на Судот, речиси сите жалби се поднесени од страна на поединци кои се обратиле со нивните случаи директно до Судот, сметајќи се за жртви на една или повеќе повреди на Конвенцијата

Против кого се поднесуваат жалби?

Жалбите пред Судот може да бидат поднесени само против една или повеќе држави кои што ја ратификувале Конвенцијата. Секоја поднесена жалба, на пример, против друга држава или против поединец, ќе биде прогласена за недопуштена.

На кој начин се поднесуваат жалбите пред Судот?

Жалбите може да се поднесуваат директно од страна на поединци. Помош од страна на адвокат не е неопходна на почетокот на постапката. Доволно е до Судот да се испрати правилно пополнетиот образец за жалба, како и потребните документи во врска со жалбата. Меѓутоа, регистрирањето на жалбата од страна на Судот не претставува гаранција дека жалбата ќе биде допуштена или дека предметното прашање ќе биде основано.Системот на Конвенцијата обезбедува „лесен“ пристап до Судот, овозможувајки му на секој поединец да поднесе жалба, дури и доколку тој или таа живее во далечен регион на државата членка или ако истиот или истата не поседува никакви финансиски средства.

Имајќи го во предвид горенаведеното, не постојат никакви трошоци кои што се плаќаат за постапка пред Судот.

Која е разликата помеѓу индивидуална жалба и меѓудржавна жалба?

Најголемиот број од жалби поднесени пред Судот се индивидуални жалби поднесени од страна на приватни лица. Една држава може исто така да поднесе жалба против друга држава членка на Конвенцијата. Овие жалби се наречени меѓудржавни жалби.

Дали е потребно поднесителите на жалба да бидат застапувани од страна на адвокат во судската постапка пред Судот?

Правното застапување не е неопходно на почетокот на постапката. Секој може директно да го изнесе случајот пред Судот. Сепак, помошта од страна на адвокат станува неопходна доколку Судот за случајот ја информира Владата на државата во прашање, за да истата ги поднесе своите видувања во врска со случајот. Почнувајќи од таа фаза на постапката, ако е потребно, на жалителот може да му биде обезбедена правна помош.

Кои лица имаат право да достават законски поднесоци пред Судот?

Не постои листа на овластени адвокати кои што може да достават писмени или усни поднесоци пред Судот. Жалителот може да биде застапуван од страна на секое лице кое што е квалификувано за пракса на адвокат во една од државите членки на Конвенцијата или кое што по однос на ова, е овластено од страна на претседателот на Судскиот совет.

 Кои се различните фази на постапката пред Судот?

Постојат две главни фази во разгледувањето на случаи поднесени до Судот: фазата на допуштеност и фазата на основаност на жалбата (односно, разгледување на суштината на жалбените наводи). Самата обработка на жалбата поминува исто така низ неколку различни фази.Во рамките на форматот на судија поединец, Судот ќе ја прогласи за недопуштена жалбата чија што недопуштеност е јасна уште од самиот почеток. Оваа одлука не може да се обжали.Одборите донесуваат конечна одлука или пресуда во случај кој што е предмет на долго воспоставената судска практика на судот.

Еден од Судските совети ќе ја информира за случајот Владата на засегнатата држава, за да истата ги поднесе своите видувања во врска со случајот. Двете страни поднесуваат писмени видувања. Потоа, Судот одлучува дали е соодветно да се одржи јавна расправа на случајот во прашање. Сепак, имајќи го во предвид бројот на разгледувани жалби од страна на Судот, оваа можност е исклучителна.

На крајот, Судскиот совет ќе донесе одлука која што ќе стане конечна само по истекувањето на рокот од три месеци за време на кој жалителот или Владата може да побара упатување на случајот пред Големиот судски совет за истиот да биде одново разгледуван. Доколку барањето за упатување на случајот пред Големиот судски совет е прифатено од страна на Групата од судии на Големиот судски совет, случајот ќе биде одново разгледуван и доколку е неопходно, ќе се оддржи јавна расправа. Пресудата на Големиот судски совет ќе биде конечна.

Кои се условите за допуштеност на жалбите?

Жалбите треба да задоволат одреден број на критериуми за да можат да бидат прогласени за допуштени од страна на Судот. Во спротивен случај, жалбите нема воопшто да бидат разгледувани. Жалбите пред Судот може да бидат поднесени само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства. Со други зборови, поединците кои што се жалат на повреда на нивните права, мора, пред да се обратат до Судот, да поднеле жалба во врска со истиот случај пред домашните судови на засегнатата земја, и тоа до највисокото можно ниво на јурисдикција.

На овој начин, ќе ѝ биде дадена можност на државата,најпрво таа самата на национално ниво да ги надомести наводните повреди.Наводите на жалителот мора да се однесуваат на едно или повеќе од правата предвидени со Конвенцијата. Судот не може да разгледува жалби кои се однесуваат на повреди на други права.  Жалбите мора да бидат поднесени пред Судот во рок од шест месеци сметано од датумот на кој што е донесена последната судска одлука во случајот, што пак вообичаено е пресудата на највисокиот суд во засегнатата земја.

Жалителот мора да бил, лично и директно, жртва на повредите на Конвенцијата и мора да претрпел значителна штета. Се разбира, не треба да се заборави дека жалбите може да бидат поднесени само против една или повеќе држави членки на Конвенцијата, а не против било која друга држава или поединец.

Дали на невладините организации или на државите им е дозволено да учествуваат во постапката?

Да, невладините организации, како и државите, имаат право да поднесат жалби. Покрај тоа, на истите може да им биде дозволено од страна на претседателот на Судот да интервенираат во постапката како трета страна.

Што е интервенција на трета страна?

Претседателот на Судот може да му дозволи на друго лице, различно од жалителот, како и на секоја држава членка на Конвенцијата, различна од таа против која што е поднесена жалбата, да интервенира во постапката. Оваа ситуација е наречена интервенција на трета страна. Лицето или државата во прашање има право да достави поднесоци и да учествува на јавните расправи.

Дали Судот може да назначи експерти или да сослушува сведоци?

Да. Во исклучителни ситуации, Судот може да одлучи да преземе истражни мерки и да патува во одредени држави со цел да ја разјасни фактичката ситуација на дадени случаи. Делегацијата на Судот може да сослушува сведоци и да врши истрага на терен.Судот повремено назначува експерти, на пример, кога е потребно доктори-експерти да ги прегледаат жалителите кои се наоѓаат во затвор.

 Дали Судот оддржува јавни расправи?

Судот има во основа писмена процедура, меѓутоа повремено, во одредени случаи, тој може да одлучи да оддржи јавна расправа.Расправите се оддржуваат во зградата на човековите права во Стразбур. Тие се јавни, освен доколку не е поинаку одлучено од страна на претседателот на Судскиот совет или на Големиот судски совет, во зависност од случајот во прашање.

Како резултат на тоа, на медиумите и на јавноста им е најчесто дозволено да присуствуваат на јавните расправи, тие едноставно само треба да ја покажат својата новинарска легитимација или лична карта при влегување во Судот.Сите расправи се снимаат и се емитуваат на веб страната на Судот истиот ден, со почеток од 14.30 часот (локално време).

Дали Судот може да изрече привремени мерки?

Кога Судот ќе прими одредена жалба, тој може да одлучи дека државата против која истата е поднесена, треба да преземе одредени привремени мерки, додека во меѓувреме Судот го разгледува случајот. Овие мерки вообичаено се состојат од барање до државата да таа се воздржи од спроведување на одредени дејствија, како што е на пример да не се испорачуваат поединци во земја за каде што има наводи дека истите би се соочиле со смрт или мачење.

Дали разгледувањата на случаи од страна на Судот се отворени за јавноста?

Не, разгледувањата на случаи од страна на Судот се секогаш тајни.

Дали некогаш државите имаат одбиено да соработуваат со Судот?

Постојат случаи каде што одредени држави пропуштиле или дури одбиле да му обезбедат на Судот одредени информации и документи потребни во разгледувањето на жалбата.Во такви случаи, Судот може да одлучи дека засегнатата држава го повредила членот 38 од Конвенцијата (обврска на државите да му ги обезбедат на Судот сите неопходни услови).

Колку време вообичаено траат постапките пред Судот?

Невозможно е да се каже колку време ќе трае постапката пред Судот.Судот се труди да ги реши случаите во рок од три години од поднесувањето на жалбата. Сепак, разгледувањето на одредени случаи може да трае подолго, а други може да се обработат за многу пократко време.Времетраењето на постапката пред Судот очигледно варира во зависност од случајот, форматот на Судот на кој случајот му е доделе за разгледување, сполнителноста на страните во обезбедувањето на информации пред Судот и многу други фактори, како што се оддржување на јавна расправа или доставување на случајот пред Големиот судски совет.

Некои жалби може да бидат квалификувани како итни и нивното решавање е приоритетно. Ваква е ситуацијата, особено во случаи каде што има наводи од страна на жалителот дека тој или таа се соочува со непосредна опасност од физичка повреда.

Извор:ЕКЧП во 50 прашања

Препорачуваме

Партнери на Правдико