Се спушта возрасната граница за лична асистенција од 18 на шест години за деца со попреченост | Правдико

Правдико

   

Се спушта возрасната граница за лична асистенција од 18 на шест години за деца со попреченост

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

На барање на семејствата на децата со попреченост ја намалуваме возраста кога личната асистенција станува законско право – од сегашните осумнаесет на шест години, рече премиерот, Зоран Заев, на онлајн тркалезна маса на тема: „Трансформација на општеството: Заедница за сите“ што се одржа по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 Декември.

Заев во своето обраќање истакна дека Владата во изминатите три години успеала да ја оствари воспоставената цел, односно да ги направи институциите на општеството, сојузници на лицата со попреченост, од кои секогаш треба да очекуваат политики за подобрување на нивната положба.

„Денеска, со особено задоволство сакам да најавам дека од идната 2021 година услугата лична асистенција ќе биде достапна и за децата со потешка и најтешка физичка попреченост или со целосно оштетување на видот. Министерството за труд и социјална политика ги изготви измените на Законот за социјалната заштита, кои низ соодветната владина процедура, ќе бидат доставени до Собранието на усвојување и ќе овозможат лични асистенти да користат деца на возраст од шест години и повеќе. На барање на семејствата на децата со попреченост, ја намалуваме возраста кога личната асистенција станува законско право – од сегашните осумнаесет на шест години”, рече премиерот Заев истакнувајќи дека средствата за личните асистенти ќе се обезбедат од буџетот и ова ќе придонесе за стекнување со образование на децата со попреченост, како и нивна социјализација и развој на еднаква основа со нивните врсници и иден активен граѓанин во општеството.

Премиерот Заев додаде дека е воведено и правото за надоместок за лица со интелектуална попреченост и зголемен е надоместокот за скратено работно време до 50% од просечната плата, сите деца се преселени од институциите и се згрижени во групни домови или згрижувачки семејства, за првпат кај нас законски се воведоа услугите за лична асистенција, помош и нега во домот и одмена на семејната грижа, изразувајќи увереност дека со ист интензитет продолжуваат разговори и за нови законски измени и дополнувања кои се однесуваат на вработувањето на лицата со попреченост, на Националниот регистар на лицата со попреченост и на Комисиите за функционална проценка на нивната работоспособност за да можат да бидат вклучени на пазарот на трудот.

Претседателот на Националниот совет на инвалидските организации и претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, Томица Стојановски, во своето обраќање ја истакна потребата од континуирани акции за подигнување на јавната свест и информирање на јавноста за правата и потребите на лицата со интелектуална попреченост, на национално и на локално ниво, и посебно се осврна на образованието на лицата со интелектуална попреченост и за доследна имплементација на новиот Закон за основно образование кој јасно промовира инклузивно образование.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, истакна дека искрено верува во концептот „Едно општество за сите“, кој подразбира создавање  услови и можности за еднакви можности на сите граѓани за личен и општествен развој.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико