Се водат истраги за потенцијални измами со пари од ЕУ-фондовите | Правдико

Правдико

   

Се водат истраги за потенцијални измами со пари од ЕУ-фондовите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Македонските институции со помош од ЕУ ја зајакнуваат контролата врз трошењето на европските пари и изработија национална стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во Македонија за периодот 2017-2020 година.

14072016114235_web_eu1

Во Македонија веќе се водат неколку истраги за потенцијални измами со средства од ЕУ-фондови, соопшти Александар Тргачевски на вчерашната презентација на проектот „Понатамошна соработка за ефикасна превенција и сузбивање на измамите и неправилностите со фондовите на ЕУ“ што го спроведуваат институции од Литванија и Македонија, во изминатите осум месеци, со поддршка од ЕУ.

Двете страни соработуваа во извршување процена на законската и институционална рамка на системот за борба против неправилности и измами со европски фондови и како тој функционира, изработка на прирачници, организирање работилници за детекција на измами и неправилности и спроведување обуки за обвинители во делот за детекција и водење истраги за измами со ЕУ-фондови.

Тргачевски, кој е проект-лидер за Македонија, истакна дека во рамките на проектот е изработен и стратегиски документ национална стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во Македонија за периодот 2017-2020 година.

Претставникот на делегацијата на ЕУ, Мартин Клауке, рече дека борбата против измами и корупција е клучен елемент во подготовката на земјата за пристап кон ЕУ, во однос на ефикасно управување со финансиите, отчетност, транспарентност и интегритет и дека поради тоа е важно посочените измени да се усвојат во законодавството за подобрување на системот против измами и неправилности.

Клауке, во однос на ИПА-фондовите за Македонија, потсети дека Европската комисија неодамна ја објасни загриженоста за непланирањето во клучните сектори и немањето политичка определба за секторски реформи и по општите определби, поради што донесе одлука за намалување на финансиската поддршка, како и да не продолжи со проектот за Коридорот 8.

– Европскиот суд на ревизори пред две недели упати на потребата да се покаже политичка волја во однос на реформите за да може поефикасна да биде европската помош и да се користат европските фондови. Стопирањата се во програмскиот дел поради немањето реформи и недоволна подготвеност и капацитет во одредени сектори – посочи Клауке.

Државниот секретар во Министерството за финансии, Игор Димитров, истакна дека преку проектот Управата за финансиска полиција добила одлична можност за соработка и помош од Министерството за финансии на Литванија.Тој посочи дека во рамките на проектот се извршени процена и анализа на законската рамка во областа на превенции и борба против измами и неправилности со ЕУ-фондови и дека за Македонија е од големо значење воведувањето на европските практики во сите сфери, особено во финансиите и затоа учењето и споделувањето искуства со твининг-партнерите се непроценливи.

Носител на проектот од Македонија е Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии, а партнери од Литванија се Министерството за финансии, Централната агенција за спроведување проекти, Управата за водење финансиски истраги, Државното обвинителство на Литванија и Специјалната служба за водење истраги.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико