Правдико

   

Се вжештува битката за законот за абортус во католичка Полска

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Жестоката расправа околу законот за абортус во Полска каде што е силно влијанието на католичката црква, ќе продолжи во четвртокот кога парламентот ќе расправа за спротиставените иницијативи, првата за либерализација на законот за абортус и втората за уште построг закон, иако сегашниот се смета за еден од најригоризните во Европа.

abortus-polska

Владејачката десничарска партија Право и справедливост (PiS), која има мнозинство во парламентот, генерално заговара забрана на абортусот, но нејзините челници се свесни дека голем дел од Полјаците го поддржуваат сегашниот закон.

Усвоен во 1993 година, сегашниот закон дозволува абортус само во случаите на силување или инцест, доколку бременоста претставува ризик за здравјето на мајката или доколку фетусот е тешко деформиран. Испитувањето на јавното мнение објавено оваа седмица во списанието Newsweek Polska, покажува дека 74 отсто од Полјаците сакаат актуелниот закон да остане на сила.

Меѓутоа, активистите од кампањата „За живот“ би дозволиле абортус само доколку животот на мајката е загрозен, и бараат да се зголеми максималната казна затвор за оние кои го извршуваат од две на пет години.

Граѓанската иницијатива која во парламентот ја поднесе здружението „Запрете го абортусот“, сојуз на различни групи против абортусот, предвидува и мајките кои направиле абортус да бидат осудени на затвор, иако судиите би можеле да се откажат од казните во таквите случаи.

Католичката црква, којашто е многу влијателна во Послка, ја одобри таа иницијатива претходно оваа година, иако бискупите се изјаснија против одредбите за затворање на мајките.

Овој предлог, кој Советот на Европа го нарече „сериозно назадување во правата на жените“, поттикна неколку големи поворки на поборниците на правото на избор во случајот на абортусот, како и иницијативата за либерализација на постојниот закон за абортус.

Полска, којашто има 38 милиони жители, има помалку од 2.000 легални абортуси годишно, но групите за женските права проценуваат дека дури 100.000 до 150.000 такви зафати се вршат илегално или во странство.

Предлогот против абортусот собра околу половина милион потписи за поддршка, многу повеќе отколку што е потребно за отворање на парламентарна расправа за тоа. Освен казнувањето на лекарите кои извршуваат абортуси, ќе се бара и државните и локалните власти да понудат поддршка за жените и за семејствата со хендикепирани деца и оние кои се родени како последица на силување или инцест.

„Се надеваме дека таа мерка ќе биде усвоена што е поскоро можно и дека ќе стапи на сила пред крајот на годинава“, изјави за AFP активистката против абортусот, Силвија Зборовска. Таа е оптимист бидејќи PiS поддржа слична иницијатива која на крајот пропадна, бидејќи партијата тогаш беше во опозиција, а на власт дојде ланскиот декември. Меѓутоа, оваа партија сега е претпазлива, затоа што целосната забрана на абортусот нема широка јавна поддршка.

Иако составот на парламентот не оди во прилог на надежите на активистите за правото на избор, тие не се откажуваат. Го основаа здружението „Спасете ги жените“ и поднесоа иницијатива во парламентот која би дозволувала абортус до 12-та седмица од бременоста. За тоа собраа 215.000 потписи.

Парламентот, исто така, ќе расправа и за предлог законот кој го предложија пратениците, а чија цел е да го ограничи вештачки потпомогнатото оплодување. Доколку овој закон мине, замрзнувањето на ембрионите би станало илегално. Предложувачите на законот сметаат дека новото живо суштество настанува во моментот на оплодувањето. Законот би дозволувал вештачко оплодување само на едно јајце по циклус, што значително би ги намалило изгледите за остварување на бременоста.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико