Секој нов објект мора да го тресе вештачки земјотрес – Измени во Законот за градење
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Додека Комората на овластени инженери остро реагира на законските измени, од ИЗИИС сметаат дека ќе станеме едни од најдобрите во регионот во начинот на проектирање
Измените во Законот за градење што се однесуваат на сеизмиката ќе донесат уште поголема сигурност кај граѓаните кои купуваат станови. Ова е позитивно решение, за кое пред 20-30 години за најголем број од проектите се доаѓаше на контрола во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Сега, со Закон е воведено пред да се добие дозвола за градба да се издаде и дополнително теренско мислење од Институтот дали проектот е соодветно направен по прописи“, рече директорот на ИЗИИС, Михаил Гаревски, кој вчера присуствуваше на втората симулација на земјотрес на зграда на „Адора“ во општина Аеродром.
Измените воведуваат задолжителна дополнителна контрола од аспект на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите. За секоја градба со површина од над 300 квадрати задолжителни се дополнителни сеизмички мислења, вклучувајќи го и она во текот на изведба на 50 отсто од носечкиот конструктивен систем. Гаревски смета со новите ригорозни сеизмички контроли Скопје и Македонија ќе станат едни од најдобрите во регионот во начинот на проектирање. Сепак, неодамна Комората на овластени архитекти и инженери остро реагираше на измените. Таа испрати писмо до министерот за транспорт, Миле Јанакиески, во кое нагласи дека измените во Законот за градење се технички неиздржани и можат да создадат монополска позиција на пазарот за ИЗИИС.
„Измените на легислативата ќе доведат до можност за значително пролонгирање на роковите за проектирање и за добивање одобренија за градење, а документацијата ќе биде задолжителна за апсолутно сите градби, од индивидуални куќи до мостови и брани. Тие се практично неспроведливи и технички неиздржани, бидејќи не е можно да се прави контрола на сеизмичка стабилност на половично завршен објект, бидејќи не постои проект за 50 отсто изведеност врз основа на што би се вршела споредба на резултатите“, стои во писмото од Комората.
ИЗИИС, пак, тврди дека веќе имаат контролирано околу 150 објекти. За нив мерките се ефективни и за кратко време ќе се воведеле нови стандарди во проектирањето. Со контролите се зголемувал квалитетот на разбирање меѓу ИЗИИС и проектантите.
„На тој начин ние продолжуваме со контрола на објектите до завршување на карабината. Натаму нас не не’ интересира. Бидејќи за нас е важна конструкцијата, а вграденоста на плочките и сличните работи не се важни за оценување на сеизмичката стабилност. Мислам, се создава добар процес. Но, има и проекти кои треба да се коригираат и доста од нив ги вративме на дополнителни поправки“, вели Гаревски.
Извор: Утрински