Селмани: Правото на изразување е правило, а ограничувањето исклучок | Правдико

Правдико

   

Селмани: Правото на изразување е правило, а ограничувањето исклучок

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Пресудата од Европскиот суд на правдата од Стразбур дека новинарите незаконски биле избркани од галеријата за следење на собраниски седници во декември 2012 година, е потврда дека прекршувањето на правото на слобода на изразување во Македонија не е повеќе прашање на перцепција, туку е ноторен факт утврден од релевантен европски суд, сметаат од Здружението на новинари на Македонија.

„Верувам дека институциите во Македонија ќе извлечат поука и во иднина нема да ги попречуваат новинарите во нивната работа. Тие мора да сфатат дека во демократското општество институциите имаат обврска да создаваат поповолни услови за непречена работа на новинарите“, рече Насер Селамни, претседател на ЗНМ, кој заедно со уште пет новинари тужеше во Стразбур.

Посочи дека пресудата нè соочи и со една вистина дека во Македонија нема демократски институции кои можат да ги заштитат граѓанските слободи кога тие ќе бидат прекршени од власта.

Имено, Уставниот суд во Македонија пресуди дека правото на новинарите на слобода на изразување на 24 декември 2012 година не било загрозено.

„Судот ја пропушти историската шанса да утврди едно очигледно прекршување на слободата на изразувањето. Сега е време за соочување со одговорноста. Ако малку останало човечки и професионален интегритет и кредибилитет кај уставните судии, веднаш би си поднеле оставка“, смета Селмaни.

Тој рече дека Здружението на новинарите нема да остави оваа пресуда да се заборави за една недела, туку дека ќе биде важна алатка во рацете на новинарите во идните разговори со институциите кои ќе треба да воспостават механизми да им обезбедат нормални услови за работа на новинарите.

Планира во следниот период да се разговара со сите релевантни институции околу нивниот став по ова прашање, без оглед на тоа што во Македонија во моментот нема Влада, но има избрано Собрание, а таму постојат пратенички групи кои треба да заземат став.

Инаку, на 24 декември 2012 година,  на седницата за донесување Буџет, пред Собранието имаше протести на опозицијата. Носењето на Буџетот беше проследено со тензија помеѓу власта и опозицијата. Атмосферата на оваа седница кулминираше откако опозициски пратеници го опкружија претседателот на Собранието, кој му нареди на обезбедувањето да го осигури редот во законодавниот дом. Следејќи ја наредбата, обезбедувањето од собраниската сала ги отстрани опозициските пратеници, но и новинарите од собраниската галерија, вклучувајќи ги и новинарите жалители во Стразбур.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико