Сентенца на Врховен суд: Утврдување постоење или непостоење на правен однос | Правдико

Правдико

   

Сентенца на Врховен суд: Утврдување постоење или непостоење на правен однос

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Сентенца

Утврдување постоење или непостоење на правен однос

Член 177 став 2 од Законот за парничната постапка 

Кога тужбено барање се однесува на утврдување на непостоење на должничко доверителски однос, не се работи за утврдување на факт, туку за барање за утврдување на непостоење на обврзувачки правен однос, за што тужителот има правен интерес за поднесување на тужба.

Образложение

Ревизијата е неоснована.

Неоснован е ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право, ако се има предвид утврдената фактичка состојба. Во конкретниот случај тужбеното барање на тужителот се однесува на утврдување на непостоење на правен однос помеѓу тужителот и тужениот, од кој за тужителот би произлегла обврска да му го плати на тужениот фактурираниот долг поради неовластено користење на електрична енергија.

Пониските судови во текот на постапката, меѓу другото, утврдиле дека тужителот поседува деловни простории во ТЦ Л. – С., кои се снабдуваат со електрична енергија од тужениот, преку мерно групно место со три мерни уреди-струјомери (електрични броила) кои се наоѓаат надвор од имотот на корисникот – тужителот, сместени во голем ормар заедно со броила на сите локали од ламелата. На ден 19.04.2011 година, застапникот по закон на тужителот, пријавил кај тужениот и во полиција дека на мерните уреди на тужителот и на другите  корисници, недостасуваат пломби и контролни маркички. Претставници на тужениот, по извршена контрола на броилата број 46830177, број 46830106 и број 46830174 од 17.05.2011 година, на записници за комисиска проверка, констатирале дека истите се манипулирани, дека немале државен, ниту фабрички жиг и дека куќиштата на броилата биле претходно отварани. Притоа, биле поставени нови броила, за што бил изготвен формулар НМ1 од 19.04.2011 година, и фотографии од броилата пред и по промената.

По извршена комисиска проверка на старите броила во просториите на службата за баждарење на мерни уреди, на ден 17.05.2011 година, било утврдено дека истите се манипулирани и пристигнати без државна и фабричка пломба, што било потврдено и со вештачењето на Бирото СВ 316/2012 од 07.09.2012 година и неговите дополненија СВ 316/2012 од 04.02.2013 година и 25.04.2013 година и СВ 124/2013 од 22.11.2013 година. Тужениот на ден 13.06.2011 година, му доставил на тужителот предупредувања за констатирано неовластено користење на електрична енергија со број 09-6200/13, број 09-6200/14 и број 09-6200/15, сите од 07.06.2011 година, и фактури за неовластено користење на електрична енергија со број 8000005306-0 на износ од 805.841,00 денари, број 8000005305-3 на износ од 750.176,00 денари и број 8000005304-7 на износ од 619.728,50 денари, сите од 06.06.2011 година. На ден 01.07.2011 година, тужителот добил ново предупредување од тужениот за констатирано неовластено користење на електрична енергија број 09-6840/203 од 01.07.2011 година, со фактура број 8000005804-0 од 30.06.2011 година на износ од 748.287,00 денари и прилог формулар НМ1 од 08.01.2010 година. Тужителот благовремено вложил образложени приговори, кои од страна на тужениот биле одбиени, по што на ден 28.07.2011 година, ја поднел предметната тужба.

Врз основа на вака утврдената фактичка состојба од страна на првостепениот суд, која е во целост прифатена од второстепениот суд, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови правилно го примениле материјалното право кога, повикувајќи се на одредбите од член 22, член 59, член 60 и член 62 од Правилникот за услови за снабдување со електрична енергија и член 47, член 117 и член 134 од Мрежните правила, го усвоиле тужбеното барање на тужителот и утврдиле дека меѓу странките не постои должничко доверителски однос од кој би произлегол долг на тужителот спрема тужениот по предметните фактури.

Имено, согласно член 76 став 2 од Законот за енергетика, мерните уреди се во сопственост на операторот на дистрибутивниот центар, а согласно член 22 од Правилникот за условите за снабдување со електрична енергија и член 47 став 2 и став 3 Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија, во случај кога мерното место е надвор од имотот на корисникот, мерниот ормар и мерните уреди се во сопственост на дистрибутерот и истиот е должен да ги одржува на свој трошок.

Во оваа насока, со оглед да предметните броила кои се наоѓале надвор од имотот на тужителот, биле необезбедени и притоа било утврдено дека на истите била вршена манипулација, по наоѓање на овој суд, правилен е заклучокот на пониските судови дека, фактот што тужителот е корисник на броилата, сам по себе не може да значи дека истиот извршил манипулација и дека неовластено користел електрична енергија. При состојба на работите кога, тужениот како дистрибутер на електрична енергија и сопственик на мерните уреди, не повел законска постапка во која би се докажало дека манипулацијата на броилата била извршена од тужителот, не може да се земе за утврдено дека меѓу тужителот и тужениот настанал правен однос од кој би произлегло право на тужениот да побарува од тужителот надомест за неовластено користење на електрична енергија, согласно одредбите од член 59, член 60 и член 62 од Правилникот за услови за снабдување со електрична енергија донесен од Р. комисија на Р.М. и член 134 од Мрежните правила.

Имајќи го предвид наведеното, овој суд ги оцени како неосновани ревизиските наводи дека пониските судови погрешно го примениле материјалното право кога одлучиле на наведениот начин, од причина што правото на тужениот да утврдува неовластено користење на електрична енергија и притоа да изготвува и доставува фактури, произлегува од Законот за енергетика и Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија, врз основа на кое утврдува граѓанскоправна одговорност на корисниците во случај на манипулација на броило.

Врховниот суд на Република Македонија ги оцени како неосновани ревизиските наводи на тужениот дека во конкретниот случај не се исполнети законските претпоставки за иницирање на предметниот спор, со оглед да предмет на тужбеното барање на тужителот е утврдување на факти. Ова, од причина што прецизираното тужбено барање се однесува на утврдување на непостоење на правен однос меѓу тужителот и тужениот од кој би произлегол долг по предметните фактури, од што произлегува дека тужителот бара утврдување на непостоење на обврзувачки правен однос. При состојба на работите кога тужениот му доставил на тужителот предупредувања во кои било наведено дека доколку надоместокот за неовластено потрошена електрична енергија не биде платен во рок од осум дена од денот на приемот, ќе се пристапи кон исклучување на објектот од дистрибутивниот систем во смисла на член 62 од Правилникот за условите за снабдување со електрична енергија, според наоѓањето на овој суд, тужителот има правен интерес за поднесување на ваква тужба, во смисла на член 177 став 2 од Законот за парничната постапка.

Врз основа на наведеното, следуваше Врховниот суд на Република Македонија да одлучи како во изреката на пресудата, согласно член 384 став 1 од Законот за парничната постапка.

Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев1.бр.170/2016 од 26.10.2017 година.

База на сентенци од Врховен суд на РМ

Препорачуваме

Партнери на Правдико