Правдико

   

Што е лобирање и кој може да биде лобист

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

handshake_2076887bЛобирање е активност насочена кон законодавната и извршната власт на централно ниво, како и кон локалната власт, заради   остварување определени интереси во процесот на донесување закони и други прописи. Како лобист се смета физичко  лице  кое  врши  лобирање  за  соодветен  паричен  надоместок, регистрирано за вршење на лобирање согласно со овој закон, или е вработено во правно лице кое е регистирано за вршење на лобирање со кое е склучен договор за лобирање.

Лобирањето  се  спроведува  доброволно,  врз  основа  на  писмен  договор  меѓу лобистот,  односно  правното  лице  кај  кое  е  вработен  лобистот  и  нарачателот  на лобирањето, како страни во лобирањето. Нарачателот на лобирањето му издава на лобистот полномошно, со кое лобистот се претставува пред органите кај кои лобира.

Лобист може да биде домашно физичко лице кое ги исполнува условите утврдени со овој закон и кое е запишано во Регистарот или е вработено во правно лице со кое е склучен договор за лобирање и притоа мора да ги исполнува следниве услови:

– да има високо образование од областа за која лобира,

– да е деловно способен и

– да не е казнет, односно да не му е изречена прекршочна санкција за забрана за вршење професија или дејност во областа за која треба да лобира.

Регистарот на лобисти , го води генералниот секретар на Собранието на Република Македонија.

Права и должности на лобистот

Лобистот има право од органите кај кои лобира да добива информации и документи поврзани со предметот на лобирање на начин, во постапка, како и во обем предвидени во согласност со Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Исто така може да оствари непосредни средби и состаноци со функционерите на органите на законодавната и извршната власт, како и со функционерите на локалната власт, во согласност со правилата за работа на тие органи.

Лобистот е должен на средбите  на функционерот да му ги изнесе податоците важни за лобирањето, а особено за кого лобира и која е целта и намерата на лобирањето.

Лобистот може да бара да ги претстави своите ставови и мислења за предметот за кој лобира во работните тела на законодавната и извршната власт на централно ниво, како и пред работните тела кај органите на локалната власт кај кои лобира.Работните тела на законодавната и извршната власт на централно ниво и работните тела на органите на локалната власт, можат по своја иницијатива да го поканат лобистот да го изнесе своето мислење во врска со предметот на лобирање.

Барањето на лобистот за средба со функционер од законодавната, извршната или локалната власт може да биде одбиено со образложение.

Лобистот може да организира и да учествува во јавни дебати, што се однесуваат на предметот за кој лобира, и исто така  може во средствата за јавно информирање да дава изјави и да објавува прилози за предметот за кој лобира.

Регистрираниот лобист е должен до генералниот секретар на Собранието на Република Македонија и до Државната комисија за спречување на корупцијата да достави писмен извештај  за  својата  работа  и  тоа  најдоцна  до 31  јануари  во  тековната  година,  за претходната година или најдоцна 30 дена од денот на бришењето од Регистарот без оглед на причините за бришење.

Активности што не се сметаат за лобирање

За лобирање, во смисла на Законот за лобирање, нема да се сметаат активностите на лицата кои   се   повикани   да   учествуваат   во   процесот на подготвувањето, односно објаснувањето/имплементацијата   на закони  или други прописи од страна на законодавната, извршната или локалната власт без оглед дали таа своја активност ја вршат со или без надоместок. За лобирање исто така нема да се сметаат и активностите како претходно, што ги преземаат и правни лица (агенции, институции, здруженија на граѓани од разни области), без оглед дали за таа своја активност примаат надоместок.

Надзорот  над  лобирањето  го  врши  Државната  комисија  за  спречување  на корупцијата.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико