Што предвидува новиот нацрт Закон за јавните набавки
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Со Законот за јавните набавки се уредуваат начинот и постапките за вршење јави набавки, надлежностите на Бирото за јавни набавки и на Државната комисија за жалби по јавни набавки, правната заштита во постапките за јавни набавки и за концесии и јавно приватни партнерства. Покрај законот, правната рамка која го уредува системот на јавните набавки содржи повеќе подзаконски акти кои ги носи Владата на Република Македонија и министерот за финансии.
Институционалната рамка се состои од институции кои имаат централна функција во уредување на системот на јавните набавки, институции кои имаат контролна функција, институции чии надлежности влегуваат во доменот на функционирањето на системот на јавните набавки, како и сите договорни органи и економски оператори кои учествуваат во постапките за јавни набавки. Бирото за јавни набавки е централна институција задолжена за следење на функционирањето на системот на јавни набавки. Покрај тоа, Бирото управува со Електронскиот систем за јавн и набавки, спроведува задолжителна сертификација на службениците за јавни набавки и ги координира меѓународните актвности поврзани со јавните набавки. Во делот на нормативната дејност, Бирото тесно соработува со Министерството за финансии, во чиј состав е од организациски аспект. Државната комисија за жалби по јавни набавки е централната институција за контрола во постапките за јавни набавки преку системот на правна заштита. Тука свои надлежности има и Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Комисијата за заштита на конкуренцијата и сл.
Станува збор за сложен систем кој вклучува многу засегнати страни, како од јавниот, така и од приватниот сектор, кој содржи бројни постапки низ кој се трошат многу јавни средства. Од тие причини, системот на јавните набавки се базира на начелата на јавности и транспарентност, еднаков третман на економските оператори и рационално користење на јавните средства, со што ќе се добие најдобра вредност за потрошените пари.
Постојниот Закон за јавните набавки беше донесен во 2007 година, а започна да се применува од 1 јануари 2008 година. Истиот се базираше на Директивите за јавни набавки на Европската унија од 2004 година кои беа актуелни во тој период и беше со висок степен на усогласеност. Во меѓувреме, беа донесени бројни измени и дополнувања на законот кои, според оценката на Европската комисија, истиот го оддалечија од европското законодавство во оваа област. Исто така, во 2014 година се донесоа нови Директиви за јавни набавки во класичниот јавен сектор 2014/24/ЕУ и во секторските дејности 2014/25/ЕУ.
Поаѓајќи од обврските на Република Македонија содржани во Спогодбата за стабилизација и асоцијација, се јави потребата од усогласување на прописите за јавни набавки со актуелните европски директиви во оваа област. Со новиот Закон за јавните набавки ќе се отстранат и одредени слабости кои беа забележани во досегашната примена и ќе се зголеми транспарентноста.
Со предлог – законот се врши усогласување на националното законодавство од областа на јавните набавки со европските директиви за јавни набавки. Покрај тоа ќе се воведат нови инструменти и алатки со кои се зголеми ефикасноста и транспарентноста во постапките за јавни набавки. Исто така, ќе се отстранат одредени слабости кои во повеќе наврати беа нотирани во годишните извештаи на Бирото за јавни набавки, извештаите за напредокот на земјата на Европската комисија, деталните анализи на СИГМА, забелешките од Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност од страна на Државниот завод за ревизија и извештаите на невладините организации вклучени во следење на системот на јавните набавки. Законот ќе резултира со модернизација на целиот систем на јавни набавки и воведување нови механизми на контрола кои се препознатливи во европската пракса.
Се предвидува зголемувањето на транспарентноста и ефикасноста на системот на јавните набавки, од една страна, како и воведувањето соодветни механизми на претходна контрола, од друга страна, ќе резултира со поголема рационалност во трошењето на јавни средства, односно добивање најдобра вредност за потрошените јавни средства.
Ќе се воведат одредби со кои експлицитно ќе се бара од понудувачите доследно и целосно почитување на работничките права согласно со позитивните законски прописи и меѓународните договори и конвенции за заштита на трудот како задолжителни услови за учество во постапките за јавни набавки. Исто така, ќе се разгледа можноста за воведување резервирани договори согласно со прописите од областа на социјалното претприемништво. Тоа може да има позитивно социјално влијание врз најранливите социјални групи.
Ќе се предвидат соодветни одредби кои ќе овозможат воведување одредени еколошки критериуми во постапките за јавни набавки, а согласно со прописите за заштита на животната средина. Ваквите одредби ќе бидат во согласност со соодветните одредби од директивите и европските трендови за поттикнување на „зелени набавки“.
Усвојувањето нов Закон за јавните набавки усогласен со директивите за јавни набавки е во соглансост со обврските што ги има Република Македонија од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а со самото тоа и во насока на забрзување на европските интеграции на земјата. Покрај тоа, со новиот закон се очекува постигање на зацртаните цели образложени погоре. Ќе се обезбеди поголема транспарентност и најдобра вредност за потрошените јавни средства. Законот ќе предвиди ефикасен систем на претходна контрола заснован на препознатливи искуства во некои европски земји.
Нацрт законот ќе биде отворен за консултации и коментари до крајот на февруари на ЕНЕР.
Целиот текст на нацрт законот можете да го погледнете ТУКА