Што предвидува новиот Предлог Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета | Правдико

Правдико

   

Што предвидува новиот Предлог Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е донесен во 2012 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 143/2012 од 14 ноември 2012 година, во од 22 ноември 2012 година), со што клеветата и навредата беа декриминализирани во Македонија.

Од донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во Република Северна Македонија направени се неколку оценски и експертски мисии кои или беа посебно наменети за истиот во фазата кога овој закон беше донесен, или пошироки мисии кои даваат одредени насоки или оценки кон ЗГОНК. Оценките за законот се позитивни, а дел од мисиите дале и препораки за потенцијалните слабости или точки за подобрување. За вградување на овие препораки и за остранување на лоцираните слабости во примената на законот од страна на UNOPS беше ангажиран експерт кој изготви Анализа на Законот за граѓанска одговорност од навреда и клевета и да предложи соодветни измени и дополнувања.

За да може да се даде одговор на прашањата поврзани со имплементацијата на законот, беше анализирана домашната судска пракса. Во тој контекст беа анализирани 30 правосилни судски пресуди на ниво на 4-те апелациони судови, и тоа: 14 – Скопје, 6 – Битола, 5- Гостивар и 5-Штип, а на ниво на првостепени судови застапени се пресуди од Берово, Битола, Велес, Гостивар, Делчево, Куманово, Охрид, Ресен, Скопје 2, Струмица, Тетово и Штип. За утврдување на состојбите во судската пракса беа спроведени интервјуа со судии од Основниот граѓански суд во Скопје и Основниот суд Велес, а за утврдување на состојбите од засегнатите страни беа направени интервјуа со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија. За адресирање на препораките од оценските и експертските мисии по однос на ЗГОНК, но и пошироките извештаи за РСМ, покрај анализа на тие документи, беа анализирани компаративни законски искуства од други земји и релевантна судска пракса на Европскиот суд за човекови права.

При изготвувањето на законот посебно беа анализирани и земени во предвид следниве документи:

1.    ЕУ Мисија во Скопје, 13-14 октомври 2014, автор Гавин Милер (доставено преку Постојана Мисија на РМ при ЕУ во Брисел)

2.    Коментари за ревидираниот нацрт-закон за граѓанската одговорност за навреда и клевета и нацрт-законот за изменување на криминалниот законик во Република Македонија, 30 август 2012,  автор Гавин Милер, преку Совет на Европа

3.    Оценска мисија за медиуми во Северна Македонија,Временска рамка на мисијата:  01 – 05 јули 2019 година, автор Томас Триер Хансен,  (Упатувачки код: JHA IND/EXP 68906)

4.    Република Македонија: Оценување и препораки од Високата експертска група за системски прашања за владеењето на правото 2017 година, Брисел, 14 септември 2017 година

5.    Република Македонија: Проценка и препораки на Високата експертска група за системски прашања за владеење на правото 2017 година Брисел, 14 септември 2017 година

6.    Република Македонија: Препораки на Високата експертска група за системски прашања за владеење на правото во врска со следењето на комуникациите откриени во Пролет 2015 година, Брисел, 8 јуни 2015 година

7.    Слобода на изразување, медиуми и новинари,Судска пракса на Европскиот суд за човекови права, ИРИС Теми, т. III 5-то издание, април 2020 година, Публикација на Европската аудиовизуелна обсерваторија

8.    Совет на Европа, Комитет на министри, ДЕКЛАРАЦИЈА за слободата на комуникација на Интернет, (Усвоена од Комитетот на министри на 28 мај 2003 година на 840-тиот состанок на замениците на министрите)

9.    Совет на Европа, Собрание, Резолуција 1577 (2007) Кон декриминализација на клеветата, усвоена на 4 октомври 2007 година

10.  Европски суд за човекови права, Листа на факти – Говор на омраза, септември 2020, Оддел за прес

11.  OSCE, Закони за клевета и навреда во регионот на ОБСЕ: Компаративна студија (Овластено од претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите), март 2017 година

12.  Водич за еволуција на законите за навреда во 2010 година, од Пати Меккрекен, публикација на World Press Freedom Committee и Freedom House

13.  Работен документ на Европската Комисија, SWD (2018),Мерки за поддршка на дигитална агенда за Западен Балкан, Брисел, 22.6.2018 година

14.  Заклучоци од Дигиталниот самит за Западен Балкан, 2019, Белград

15.  Венецијанска комисија, Богохулење, навреда и омраза: наоѓање одговори во демократско општество, Наука и техника на демократија, број 47, публикација на Совет на Европа

16.  Клевета и Слобода на изразување, Избрани документи, оддел за медиуми, Генерален директорат за човекови права, Стразбур, март 2003 година

17.  Меѓународни механизми за промовирање на слободата на изразување, Заедничка декларација за слободата на изразување и интернетот,Специјален известувач на Обединетите нации (ООН) за слобода на мислење и изразување, претставник на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите, Специјален известувач на Организацијата на американски држави (ОАС) за слобода на изразување и африканската комисија за човекови права и правата на луѓето (ACHPR) специјален известувач за слобода на изразување и пристап до информации,

18.  Закон за клевета на Велика Британија, 2013 година

19.  Закон за клевета на Ирска, 2009 година

20.  Клевета АБВ, Вовед во основните концепти на законите за клевета, Article 19, 2006

21.  Меѓународен Институт за печат, Надвор од рамнотежа: Закон за клевета во Европската унија – Компаративен преглед за новинарите, граѓанското општество и креаторите на политики, Јануари 2015 година

22.  Меѓународен Институт за печат и Иницијатива за правна одбрана на медиумите, Прирачник и материјали за обука за Европа, Слобода на изразување, закон за медиуми и клевета, мај 2015

Правото на слобода на изразување е едно од темелните човекови права кое што е особено значајно за постоење на демократско општество. Токму затоа, ова право е посебно разработено и во сите релевантни меѓународни инструменти за човековите права, како Општата декларација за човековите права од 1948 година (член 19), Европската конвенција за човекови права (член 10), Меѓународниот пакт за граѓански и човекови права од 1966 година (член 2) и Повелбата за темелните права на Европската унија од 2000 и 2009 година (член 11 став (1)). Во член 10 од ЕКЧП е пропишано дека секој има право на слобода на изразување. Ова право ги вклучува слободата на мислење и слободата на примање и ширење на информации и идеи без мешање на јавните власти. Особено значајна е јуреспуденцијата на Европскиот суд за човекови права согласно која правото на слобода на изразување се однесува не само на информациите и изјавите кои се примаат благонаклоно или се сметаат за неважни или оние кои не предизвикуваат штета, туку и на оние со кои се навредува, се шокира или се вознемирува.

Токму кај второво заштитата на слободата на изразување е особено значајна бидејќи таа не би постоела доколку ваквиот говор кој изразува негодување, морална осуда, па дури и спротивставување на мнозинството е целосно забранет. Многу често ваквиот говор ја тестира слободата, толеранцијата и плурализмот без кои не би можело да постои едно демократско општество. Меѓутоа, од друга страна, значајно е да се истакне дека ова право не е апсолутно и остварувањето на слободата на изразување е поврзано со одредени должности и одговорности, како и со одредени ограничувања поради легитимните цели дефинирани во ЕКЧП.

Законот содржи пет глави и 27 члена. Со оглед дека се интервенира во повеќе од 1/3 од членовите во постојниот закон, формално, заради практични, односно номотехнички причини се пристапи кон донесување нов закон.

Во првата глава се уредени општите одредби на законот. Така, дефинирани се целта и содржината на законот, основните начела и значењето на законските изрази. Новините во оваа глава се содржани во членот 5 каде што се прецизирани професионалните правила на новинарската професија кои се однесуваат на прибирање, анализа и публикување на информации утврдени од професионалната организација на новинарите, при што, се додава дека тие треба да бидат во согласност со етичките принципи на Меѓународната федерација на новинари.

Значајна новина е содржана и во членот 6 од Предлогот на законот. Имено, од подготвената Анализа и искуствата на судиите јасно се укажа за  проблемот со легитимација на странките и различната судска пракса, која може да доведе до отфрлање на тужбите. За надминување на оваа состојба, со предложеното решение мора да се запазат стандардите од Европската конвенција, но истото да даде доволно широки рамки на слободата на изразување, со оглед дека предметот на регулирање е од специфична природа. Исто така, гаранциите и почитувањето на членот 16 од Уставот на Република Северна Македонија значи слобода на изразување и забрана на цензура. При регулирање на одговорноста за навредата, работната група се определи да даде доволна широка законска рамка која ќе ги запази наведените стандарди.

Предложеното решение за измена на член 6 ставот (3) од ЗГОНК гласи: (3) „За навреда сторена преку средства за информирање на кои се објавуваат содржини на начин достапен за јавноста, можат да одговараат авторoт, уредникот или лицето кое го заменува и правното лице како издавач. Ако средството за информирање нема уредник или лице кое го заменува одговара физичкото лице или правното лице сопственик на средството за информирање.

Поимот „средства за информирање“ не регулира таксативно кои се тие средства за информирање. Европската конвенција и искуствата кои произлегуваат од праксата на ЕСЧП укажуваат дека просторот за изразување треба да биде слободен, без стриктно набројување или определување на сите средства или форми на јавно информирање. Ригорозно регулирање на медиумскиот и другиот простор претставува опасност и може да доведе до цензура. Оттука, потребно е да одговара секој кој ќе ги прекрши стандардите, но слободата на изразување мора да биде целосно оставена.

По ставот (3) се додава нов став (4) со кој се овозможува тужителот при поднесувањето на тужбата да е слободен да одлучи против кое од лицата од ставот (3) од овој член ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и надоместување на штета за навреда.

Во главата 2 е уредена материјата за одговорност за навреда и клевета. Така, детално се разработени одредбите за одговорност за навреда, за исклучување на одговорност, одговорност за клевета, докажување на вистинитоста, исклучување на одговорноста и заштитата на изворот на информацијата.  Во членот 7 кој се однесува на исклучување на одговорноста додадена е нова точка 4 согласно која нема одговорност за навреда и ако средството што ја пренесува изјавата е платформа за агрегација на медиуми. Ова е сторено од причина што агрегаторот е автоматски и не врши избор на содржини, туку по одреден алгоритам автоматски ги пренесува содржините.

Новините во членот 8 се соодветно со горенаведените новини во членот 6.

Во членот 10 направено е техничко подобрување на текстот на одредбите. Имено, во членот 10 и во сите други членови се врши бришење на зборот „јавно“ низ целиот законски текст на ЗГОНК и се воведува поимот средство за информирање. Поимот „средство за информирање“ е широк, опфаќа разни средства, форми и начини на информирање на кои се објавуваат содржини достапни за јавноста,  но го опфаќа и поимот средство за јавно информирање и другите средства кои се регулираат со Законот за медимуите. Поимот средство за информирање е поширок од поимите определени со Законот за медиумите. Со Законот за медиумите  се пропишуваат основните начела и услови што треба да бидат исполнети од страна на издавачите на медиуми утврдени со овој закон при вршење на дејноста, како и обезбедување на заштита на малолетни лица, одговорен уредник и уредништво, правото на новинар да го изнесе своето мислење и став и да одбие да изврши налог, односно задача, заштита на изворот на информации, импресум, јавност во работата на издавачот на медиум и правото на исправка и одговор на објавена информација.  Предмет на овој закон не се содржините што се објавуваат во медиум и ниту една одредба од овој закон не смее да се толкува на начин што ќе значи регулација на содржините. Оттука, треба да се прави разлика меѓу ЗГОНК и Законот за медиумите со кој се дефинираат и определуваат медиумите.

Исто така, во членот 10 се додава нов став (5) со кој се исклучува одговорноста за клевета за средството за информирање што го пронесува тврдењето ако е платформа за агрегација на медиуми, освен во случај кога платформата е формирана со цел за злоупотреба на слободата на информирање, спротивно на законите во областа на јавното информирање.  На овој начин се превенира ризик за намерно креирање на платформа со цел пронесување на невистинити и клеветнички содржини.

Со измените на Законот за медиумите во 2014 година електронските публикации беа изришани. Оттука, неусогласеноста на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета се надмина со бришењето на членот 11 од постојниот ЗГОНК.

Во главата 3 е уредена материјата за надоместување на штетата и други правни последици за одговорноста за навреда и клевета, па во тие рамки посебно за барањето за јавно извинување или јавно повлекување на изјавата, правото на реагирање, демант, одговор и исправка, надоместување на штетата за навреда, надоместување на штетата за клевета, како и висината на надоместувањето н нивната реална штета.

 

Новината во насловот и членот 12 во законот воведува право на барање за јавно извинување или јавно повлекување на изјавата или содржината пред поднесување на тужба. Со овој механизам се воспоставува ефикасен и ефективен начин на остварување на правата на лицето кое било навредено/клеветено. Овој механизам е практичен од причина што во својата суштина е сличен на медијацијата, односно се овозможува барањето и гаранција на државата за брзо и навремено право на реакција, спречување на идни штетни последици и спречување на создавање на судски и други трошоци за странката и општеството воопшто.

Една од најзначајните новини содржана во законот е значителното намалување на максималните износи кои судот може да ги досуди како надоместување на нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета од новинар во вршење на новинарска професија, од уредник или лицето кое го заменува или од правно лице. Така, за новинар овој лимит е 400 евра, за уредникот 2000 евра, а за правното лице 5000 евра во денарска противвредност.

Во главата 4 уредена е постапката за утврдување на одговорност и надоместување на штетата, и тоа: за поведување на постапката, рокот за поднесување на тужба, дефинирањето на надлежност на судот, итноста на постапката, привремените судски мерки.

Во последната петта глава се уредени преодните и завршни одредби со кои се предвидува дека започнатите постапки пред влегувањето во сила на овој закон продолжуваат согласно претходниот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета освен одредбата од членот 18 која се однесува на висината на надоместокот кој се применува и за започнатите судски постапки и во случаите на повторување на постапката согласно ЗПП.

Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико