Што предвидува новиот предлог Закон за прекршоците | Правдико

Правдико

   

Што предвидува новиот предлог Закон за прекршоците

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Владата на Република Македонија во ноември 2017 година ја усвои Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 со Акциски план. Реформите во прекршочно правната област се уредени во посебна глава во рамки на Стратегијата.

Постојниот Закон за прекршоците е донесен во 2015 година. Со постојното законско решение кое ја уредува прекршочната област се даде можност на органи на управата преку прекршочните комисии кои функционираат во рамки на овие органи да изрекуваат енормно високи глоби, додека судската заштита не го одлагаше нивното извршување, со што во голем обем се  отстапи од вистинското значење на поимот прекршок. Висината на глобите како и правната заштита на граѓаните и компаниите од евентуални незаконски решенија за прекршоци ги доведува во прашање доследната примена на начелата на владеење на правото, правната сигурност, правичноста и сразмерноста.

Имено по тригодише период на примената на Законот за прекршоците се утврди дека исклучокот за пропишување на повисоки глоби од рамките утврдени во Законот за прекршоци стана правило.

Во постојниот Закон за прекршоците се остави можност по исклучок да може во материјалните закони да се прпошишуваат повисоки глоби од рамките утврдени во Законот за прекршоци.  Во Законот за прекршоците не се ограничува кој е тој повисок износ на глоба кој може да се пропише со посебен закон – така што тој исклучок стана правило што доведе до ситуација прекршочните глоби неколкукратно да ги надминуваат паричните казни предвидени со Кривичниот законик. Дополнително не постои ограничувачка одредба која најтешките прекршоци односно оние кои се санкционираат со највисоки суми ќе ги стави под судска, а не под управна надлежност. Проблем претставува и правната заштита во дел од прекршочните постапки кои се условуваат како забрзани.

Жалбената постапка беше дополнително оптоварена и развлечена со воведувањето на Државна комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Со оглед на фактот дека со Законот за прекршоци од 2006 година беше обезбедена редовна правна заштита против решенијата за прекршок донесени од органи на државна управа преку правото на тужба за поведување на управен спор, како и за инспекциските постапки кои влегуваат во делокругот на управни постапки, се доведува во прашање потребата од постоење на вакво тело.

Со предложеното законско решение се предвидува подобрување на ефикасноста на прекршочната постапка, додека изрекувањето на опомена пред да биде изречена глоба се воведува како правило. Најголема промена се воведува со неколкукратно намалување на висината на глобите преку утврдување на точен распон на висината на прекршочните глоби и усогласување на сите материјални закони во правец на нивно усогласување со предвидената висина на глобите во Законот за прекршоците. Исто така во законот за првпат се прави јасно разграничување помеѓу административните и судските прекршоци.

Со новиот предлог закон се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците, и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите и  прекршочните органи.

Предлог законот содржи  135 члена групирани и систематизирани во   седум дела и 18  глави.  Главна поделба  на законот  се  состои во поделбата  на  материјално-правни  одредби  (дел први), одредби  кои  ги регулираат постапките за порамнување и спогодување (дел втори) – прекршочна  постапка –  основни одредби (дел  трети), прекршочна постапка пред   прекршочен орган  (дел четврти), прекршочна постапка пред суд (дел петти), Посебни постапки и извршување на одлуки – (дел шести) и Преодни и завршни одредби – (дел седми).

ДЕЛ ПРВИ – МАТЕРИЈАЛНО-ПРАВНИ ОДРЕДБИ

Глава 1 –  ОПШТИ ОДРЕДБИ – Предвидено е начелото на законитост во определувањето  на прекршоците и видови на прекршочни санкции, начело забрана за двојно изрекување санкции и начело на пропорционалност како и субјектите на кои може да им бидат изречени прекршочни санкции. Прекршочните санкции можат да им бидат изречени на физички лица и на правни лица. Покрај прекршочните санкции со овој закон се предвидуваат и посебни прекршочни мерки.

Глава 2 – ПРЕКРШОК И ПРЕКРШОЧНА ОДГОВОРНОСТ – Дадени се дефиниции  за поимот прекршок, одговорност на физичко и правно лице, одговорност на странско правно лице, одговорност за прекршок за друг, одговорност на службено лице во јавен орган, обидот, помагач и поттикнувач, општи правила за одмерување на санкцијата, стек, продолжен прекршок, ослободување од санкција, посебна основа за ослободување од санкција, ублажување на глобата и ослободување поради остранување на штетните последици на прекршокот.

Глава 3 – ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ ЗА ФИЗИЧКИ ЛИЦА –  Пропишани се видовите на прекршочните санкции  и тоа: 1) опомена; 2) општокорисна работа 3)глоба; 4)негативни поени; 5)престанок на важење на возачка дозвола; 6) забрана на управување со моторно возило; 7) забрана на вршење професија, дејност или должност; 8)протерување на странец од земјата,  9)забрана за влез и присуство на спортски натпревари и 10)забрана  на користење на субвенции и други средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија. Во оваа глава се пропишани и условите за нивно изрекување. Во постојниот Закон за прекршоците забраната за користење на субвенции и други средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија, не беше пропишано како санкција  а со примената на законот се покажа како целисходно  дополнување на видовите санкции и со ваков вид санкција. Согласно препораките и забелешките од Европската комисија се бришат како санкции задолжително  лекување  на  алкохоличари  и  наркомани (лица  со  болести  од зависности) и задолжително психијатриско лекување на слобода.

Глобата за физичко лице е утврдена во распон од 15 до 250 евра во денарска противвредност, а за одговорно лице во правно лице и службено лице глоба во распон од 15 до 500 евра во денарска противвредност освен во случаи кога со друг закон кој се усогласува или е усогласен со законодавството на Европската унија не е поинаку определено. За прекршоци од специфични области, а заради заштита на јавниот интерес пропишани се повисоки глоби срезмерно на степенот на општествената опасност и објектот на заштита.

Определен е рокот за доброволно  плаќање на глобата  кој изнесува 30 дена од денот на правосилноста на одлуката. Исто така, детално се разработени сите видови санкции – поединечно, условите под кои се изрекуваат нивното времетраење присилното извршување.

Глава 4 – ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ НА ПРАВНО ЛИЦЕ –  Определено е дека за прекршоци на правни лица може да се изречат  опомена, глоба и  привремена забрана за вршење одделна дејност.

Глобата се изрекува во износ кој не може да биде помал од 50 евра во денарска противвредност, ниту поголем од 2.000 евра во денарска противвредност, а а за средни и големи препријатија не може да биде помала од 250  евра во денарска противвредност, ниту поголема од 10.000  евра во денарска противвредност

Со законот со кој се пропишува прекршокот висината на глобата се изразува во распон.

За прекршоци од специфични области, а заради заштита на јавниот интерес пропишани се повисоки глоби срезмерно на степенот на општествената опасност и објектот на заштита.

За одредени прекршоци од областа на конкуренцијата, енергетиката, електронските комуникации и трговијата со забранети и/или ограничени стоки за употреба или во други области кои се усогласени или се усогласуваат со законодавството на Европската унија, може да се пропише глоба во процентуален износ, но најмногу до 10% од приходот на правното лице остварен во претходната фискална година.

Предвидени се одредби за одмерување на глобата и начинот за извршување на глобата.

Одмерувањето на висината на глобата се врши врз основа на 3 критериуми и тоа: вкупен приход остварен во претходната фискална година, просечниот број на вработени врз основа на состојбата на крајот на месецот за месецот во кој е сторен прекршокот и претходно санкционирање на сторителот.

Определен е рокот на траењето на привремена забрана за вршење одделна дејност и тоа ако  ја  изрекол  судот истата изнесува од три месеци до 2 години, а ако ја изрекол прекршочниот орган  истата изнесува од три   дена до 30 дена.

Глава  5  –  ПОСЕБНИ ПРЕКРШОЧНИ МЕРКИ –  Дефиниран  е  начинот на конфискација на имот и имотна  корист  и одземање на предмети.

Глава 6 – ЗАСТАРЕНОСТ – Пропишани се рокови за застареност на поведување  и водење на прекршочната постапка како и роковите за застареност на извршување на прекршочните санкции и водење на евиденција.

Рокот на застареност  на поведување и водење на прекршочната постапка  изнесува 3 години, за прекршоците од областа на даноци, јавни давачки, царини и јавни набавки не може да се поведе ниту да се води прекршочна постапка ако поминат четири  години од денот кога е сторен прекршокот, а за прекршоците од областа на конкуренцијата, енергетиката, трговија со забранети и/или ограничени стоки за употреба, областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културното наследство, заштита од природни и други непогоди, електронски комуникации, или придобивка  на имотна корист од користољубие не може да се поведе ниту да се води прекршочна постапка ако поминат пет  години од денот кога е сторен прекршокот.

Рокот  за застареност на извршување на прекршочните санкции изнесува 3 години, но со  закон  со  кој  се  пропишува  прекршокот,  може  за  одделни  санкции  да  се определат рокови на застареност на извршување подолги но најмногу до пет години. Застареност на прекршочното гонење настанува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време колку што според закон се бара за застареност на прекршочното  гонење односно извршување.

Судот и прекршочниот орган водат евиденција за сторителите на прекршок и за изречените санкции за сторениот прекршок. Сторителите на прекршочни санкции и изречените прекршочни санкции се бришат од евиденцијата на прекршочните санкции по истекот на времето за кое се изречени или по службена должност по истекот од една година од извршената или застарената санкција.

ДЕЛ ВТОРИ – ПОСТАПКИ ЗА ПОРАМНУВАЊЕ И СПОГОДУВАЊЕ

Глава 7 – ЦЕЛИ И НАЧИН НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПОСТАПКИТЕ ЗА ПОРАМНУВАЊЕ И СПОГОДУВАЊЕ – Целта на  забрзаните постапки е постигнување на согласност на  сторителите  на  прекршоци  и  надлежните  органи  за  отстранување  на  штетните последици на сторениот прекршок и спречување на повторно вршење на прекршоци и поради тоа избегнување на водење прекршочна постапка пред надлежниот суд, односно прекршочен орган. Постапка за порамнување се води како постапка за издавање на прекршочен платен налог, а постапка за спогодување дсе води како постапка за спогодување со физички и правни лица. Сите овие постапки се детално разработени, односно пропишани се сите дејствија кои треба да бидат преземени за успешно спроведување на овие постапки, а се со цел избегнување на водење прекршочна постапка пред суд односно прекршочен орган.

ДЕЛ  ТРЕТИ – ПРЕКРШОЧНА ПОСТАПКА

Глава 8 – ОСНОВНИ ОДРЕДБИ – Определено е дека прекршочна постапка  може да води и прекршочна санкција може да изрече само надлежен суд,  а  за одделни прекршоци за кои глобата е утврдена до најмногу 500 евра во денарска противвредност за физичко лице, одговорно  лице  во  правно  лице  и службено лице и 1000 евра во денарска противвредност за правни лица прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече прекршочен орган и тоа: органи на државната управа, организациите, самостојните регулаторни тела и другите органи надлежни согласно закон за водење на прекршочна постапка  и изрекување на прекршочни санкции. Определен е начинот  на  решавање  на  судир на надлежноста помеѓу судовите и прекршочните органи, кој ужива имунитет,  начинот на одлучување  и  што  преставуваат трошоци  на  постапката.

ДЕЛ  ЧЕТВРТИ – ПРЕКРШОЧНА ПОСТАПКА ПРЕД ПРЕКРШОЧЕН ОРГАН –

Глава 9 – ОПШТИ ОДРЕДБИ И ТЕК НА ПОСТАПКАТА – Определено е дека  постапката пред  прекршочен  орган  ја  води  комисија  за  одлучување  по  прекршок  утврдена  со  закон. Прецизирана е пшостапката за достава на писмена, определено  е  кој е овластен  подносител  на  барањето за  поведување  на  прекршочна  постапка,   услови за водење на скратена постапка, начинот и текот на постапката,  видови на одлуки за прекршок  како и  утврдување  на  надлежен орган кој ќе   постапува  по  изјавена жалба на одлука    на прекршочните органи , како и постапка за привремено одземање на предмети и привремена забрана за вршење на дејност.

ДЕЛ ПЕТТИ – ПРЕКРШОЧНА ПОСТАПКА ПРЕД СУД

Глава 10 – ОПШТИ  ОДРЕДБИ – Дефинирано е дека  прекршочната постапка во прв степен ја води судија поединец во основниот суд, а постапката по правни лекови пред второстепениот суд совет од тројца судии.  Исто така во оваа глава е пропишано кој може да биде обвинет и се регулира  застапувањето на физичко  лице, домашно и странско правно лице како и условите за ограничување на застапувањето, жртвата и нејзиното застапување, како и одредби за достава на писмената.

Глава 11 – ВОДЕЊЕ НА ПРЕКРШОЧНА ПОСТАПКА ПРЕД СУД – Дефинирани се лицата кои можат да бидат подносители на барањето за поведување на прекршочната постапка, содржината  на  барањето, дополнување на барањето,  отфрлање на барањето, спојување и раздвојување на постапката.

Глава 12 – МЕРКИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПРИСУСТВО НА ОБВИНЕТИОТ – Видови мерки што можат да се преземат спрема обвинетиот заради обезбедување присуство и за водење на прекршочната постапка се: повикување, приведување, задржување, гаранција и привремено одземање на патна исправа на странец и задржување  странец во прифатен центар.

Глава 13 – ДОКАЖУВАЊЕ –  Во одредбите на оваа глава е направено усогласување со Законот за кривичната постапка и тоа во случаи кога  обвинетиот  ќе го  признае  сторувањето  на  прекршокот  и  признанието  е  јасно  и целосно, на судот  односно на прекршочниот орган не му е потребно да собира и други докази.

Од друга страна  ако  сведокот  има живеалиште или  престојувалиште надвор од седиштето на судот сослушување на сведокот ќе се изврши по замолен пат до судот според местото на живеење или престој на сведокот, со цел да се избегнат трошоци на постапката.

Глава 14 – ПРЕКИН И ЗАПИРАЊЕ НА ПРЕКРШОЧНА ПОСТАПКА ПРЕД СУДОТ – Се утврдува  во  кои  случаи  може  да настане  прекин  и  запирање  на  постапката. Прекин настанува ако не може да се утврди живеалиштето, односно престојувалиштето на обвинетиот, и  од кои било други  причини не е достапен на јавните органи или се наоѓа во странство на неодредено време, ако кај обвинетиот настапила привремена душевна болест или привремено душевно растројство; ако за истото дело е покрената кривична постапка до завршувањето на кривичната постапка.  Исто така, во оваа глава се пропишани и условите за делумно запирање на прекршочната постпка, како и постапката за одземање на предметите.

Глава 15 – ТЕК НА ПОСТАПКАТА – Се  утврдува  кога се води скратена постапка,  рок  кога  мора  да  заврши постапката  пред првостепениот  суд  (рок  од  3  месеци), начинот и текот на водење на  устен  претрес, причини за запирање на постапката, донесување и соопштување на одлуките, видови одлуки, како и одредби за трошоците на постапката.

Глава 16 – ПРАВНИ ЛЕКОВИ – Во оваа глава е уредена материјата за правните лекови против пресудата и решението  на првостепениот суд. Пропишано е дека може да се изјави жалба до второстепениот суд. Во прекршочна постапка завршена со пресуда можат да се користат вонредни правни лекови и тоа: барање за повторување на прекршочна постапка и барање на заштита на законитоста. Рок во кој второстепениот  орган  мора  да  одлучи  изнесува  60  дена од денот  на  приемот  на  жалбата. Кога второстепениот суд постапува по изјавена жалба против одлука која еднаш била укината и вратена на повторно решавање, сам ќе го реши предметот и не е врзан за правната квалификација во одлуката.

ДЕЛ ШЕСТИ

Глава 17 – ПОСЕБНИ ПОСТАПКИ И ИЗВРШУВАЊЕ НА ОДЛУКИ – За конфискација на имот, имотна  корист и одземање  на  предмети  како и надоместок на штета и други  права  на  лицата  на  кои  им биле  изречени  санкции ќе се    применуваат одредбите од  Закон за кривичната  постапка. За извршувањето на санкциите, освен глобата, изречени во прекршочна постапка согласно се применуваат  одредбите од Законот за извршување на санкциите, а за  присилна наплата на глобата важат одредбите од Законот за даночната постапка.

ДЕЛ СЕДМИ

Глава 18 – ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ- Во оваа глава се уредни одредбите за влегувањето во сила и отпочнувањето со примена на Законот, како и датумот на престанување со работа на Државната комисија за одлучување во втор степен во  областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Целиот текст на Предлог Законот можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико