Што предвидува предлог Законот за амнестија | Правдико

Правдико

   

Што предвидува предлог Законот за амнестија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела е познат во правните системи, како овластување на држацвата под услови пропишани со закон, против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во неприкосновеното право на казнување на државата, од каде произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело.

Казната претставува справедлива одмазда за извршеното дело, додека амнестијата преставува простување, израз на добра волја и милост кон осудените лица да се помогне во процесот на нивната ресоцијализација. Овој институт постои и се применува во многу европски држави. Во Уставот на Франција, е пропишано дека надлежен орган за давање амнестија е собранието. Според Уставот на Италија законот за амнестија се донесува со двотретинско мнозинство.

Во Италија е позната општа амнестија која ги опфаќа сите затвореници. Ваков акт е донесен во 2006 година и со него, на осудените лица им биле скратени три години од изречената казна. Амнестијата како акт на милост е позната и во правниот систем на Швајцарија и Турција, а поинакви правила важат во Обединетото Кралство, каде актите на милост му припаѓаат на кралот, иако, Парламентот во неколку наврати досега усвоил закони за амнестирање на затворениците и на учесниците во конфликти. Во Словенија, закон за амнестија е донесен во 2001 година и со него било предвидено ослободување за една четвртина од изречената казна затвор на лицата кои со правосилна пресуда биле осудени на казна затвор, а кои сè уште не ја извршиле казната. За специјалните повратници (лица осудени за кривични дела од ист вид), Законот предвидувал намалување за една петтина од изречената казна.

Во Србија, Закон за амнестија е донесен во 2010 година, и во 2012 година. Во Република Македонија од моментот на нејзиното осамостојување донесени се повеќе закони за амнестијата. Првиот закон за амнестија е донесен во 1991 и со него биле опфатени осудените лица кои се наоѓале на издржување на
затворска казна, како и оние кои се уште не биле упатени на издржување на
казната.

Законот за амнестија од 1999 година се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела казниви со Кривичниот Законик и со друг закон на Република Македонија, на кои од страна на домашен суд им била изречена единствена казна затвор, како и лица осудени со правосилна пресуда од суд на поранешните југословенски републики, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната во казнено-поправните установи во Република Македонија.

Во 2002година е донесен Законот за амнестија како резултат на потребата од поставување соодветна правна рамка како инструмент за реализација на Охридскиот договор. Законот предвидувал ослободување од гонење, запирање на кривичните постапки и потполно ослободување од извршувањето на казната
затвор на граѓаните на Република Македонија, лицата со законски престој, како и на лицата кои имале имот или семејство во Република Македонија, а за кои постоело основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година.

Амнестијата се однесувала и на лицата кои и пред 1 јануари 2001 година подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година. Со актот на амнестија не биле опфатени меѓународните злосторства за кои е надлежен Хашкиот трибунал. Законот содржел и основ за ослободување од извршувањето на казната затвор за 25% од неиздржаниот дел во поглед на лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија, ако и на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржувањето на казната затвор во казнено-
поправните установи во Република Македонија. Закон за амнестија е донесен и во 2003 година (ревидиран во 2004 година), а неговите одредби се однесувале на граѓаните на Република Македонија кои не ја извршиле воената обврска.

Со оглед на наведеното се оцени за потребно да се предложи донесување на нов Закон за амнестија како израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица, а со цел за нивна ресоцијализација и растеретување на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна воедно имајќи ги во предвид и условите во казнено-поправните установи во државата.

Воедно напоменуваме дека со предложениот текст на закон не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик, кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа: (член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 191-а, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194 од Кривичниот законик, за кривични дела против државата (член 305-327) од Кривичниот законик, за кривични дела злосторничко здружување (член 394-394-г), од Кривичниот законик и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право (член 403-418-а, 418-в до 422 од од Кривичниот законик.

Целите што ќе се постигнат со донесување на Закон за амнестија се

– ресоцијализација на сторителите на кривични дела;
– финансиско растеретување на Буџетот на Република Македонија, во однос на издржувањето на затворската популација.

Основна цел на Законот за амнестија е потребата за јакнење на рехабилитативниот концепт и помагање на процесот на реинтеграција на осудените лица.

Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико