Правдико

   

Што предвидува Предлог законот за младински додаток?

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во Република Северна Македонија се спроведуваат активни програми и мерки за  вработување преку Оперативниот план за активни програми и мерки за  вработување. Во Оперативниот план е предвидено учеството на младите лица   до 29 години да изнесува  најмалку 30%.

Со цел да се стимулира запишување во средни стручни училишта и поттикнување на вработување после завршување на средното образование, се наметна потребата од законско регулирање на мерка за обезбедување на додаток на младите лица до 23 години кои ќе се вработат или се вработени претежно во производните области, со што  ќе се обезбеди  младински додаток  во определен износ на средства  од сметка на Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија  на сметка на младото лице осигуреникот ( работник).

Целта на законот за младински додаток е поттикнување на вработување на младите лица за вработување во дејностите  на производството  по завршување на средното образование, со што ќе се допринесе до подобрување на нивниот животен стандард  со работа и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила.

Предложените законски решенија создаваат правна рамка за исплата на определен износ на младински додаток, кога младо лице до 23 години ќе заснова работен однос во дејностите  од  производството. Законот ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, ќе го поттикне економскиот раст на економијата, а со тоа ќе се придонесе за зголемен вкупен економски раст и развој во Република Северна Македонија. Со предлог законот на системски начин се регулира начинот на добивање на младински додаток. Истовремено начинот на обезбедување на младинскиот додаток е   транспарентен, јасен, прецизен, едноставен и единствен за сите кои ги исполнуваат предвидените услови.

Со членот 1 се предвидува дека со предложениот закон ќе се уреди висината, условите и постапката на остварување на правото на исплата на младински додаток на младо лице до 23 години.

Членот 2 ја утврдува целта на законот, а тоа  е поттикнување на младите лица  да се вклучат на пазарот на труд во производствена дејност, да ги задржат работните места во Република Северна Македонија,  а преку финансиската поддршка да се обезбеди вработување на подолг временски период и подобрување на нивната економска положба.

Во членот 3 се дефинираат одделните поими кои се употребуваат во законот.

Членот 4 ги утврдува условите за стекнување со право на младински додаток, односно младинскиот додаток согласно предложениот закон ќе се исплаќа на млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование и кои се во работен однос и се опфатени со задолжително социјално осигурување во производствена дејност. Исто така, младински додаток ќе се исплаќа и на младите лица кои се отстапени кај работодавач- корисник од производствена дејност од страна на приватна агенција за вработување, како и на индивидуален земјоделец опфатен со задолжително социјално осигурување.

Со членот 5 е предвидено дека младинскиот додаток ќе се исплаќа доколку е исплатена плата и придонеси од задолжително социјално осигурување од работодавачот, односно од  самовработеното лице.

Член 6 предвидува утврдување на листа со класи согласно Националната класификација на дејности, во кои се опфатени производствени дејности.

Во членот 7 е утврдена висината на младинскиот додаток,  постапката и начинот на исплата на истиот.   Имено, младинскиот додаток изнесува  3.000 денари месечно за полно работно време и на кој износ се плаќа и данок на личен доход, а постапката се започнува врз основа на поднесено барање од младото лице во надлежниот Центар за вработување. Податоците за исполнетоста на условите, Агенцијата ги обезбедува по службена должност збирно еднаш во месецот од Управата за јавни приходи, Централниот регистар на Република Северна Македонија, Фондот на  пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија  и Фондот за здравствено осигурување на Република  Северна Македонија. Исплатата на младинскиот додаток се врши се додека младото лице е во задолжително социјално осигурување со исплата на плата, односно до навршување на 23 години старост.  Подзаконскиот акт за формата и содржината   на барањето, кое треба да го достави младото лице, ќе го пропише министерот надлежен за работите од областа на трудот во согласност со министерот за информатичко општество и администрација.

Членот 8 го утврдува рокот за донесување на решение по поднесеното барање, како и рокот за поднесување  на жалба  по донесеното првостепено решение.

Со членот 9 се утврдува надлежноста за вршење на надзор врз примента на предложениот закон, а тоа е Министерството за труд и социјална политика.

Подзаконскиот  акт и листата  од членот 6 и рокот за нивно донесување се предвидени со членот 10.

Одредбите на законот ќе започнат да се применуваат од 1 декември 2019 година.

Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико