Што предвидува Законот за финансиска дисциплина | Правдико

Правдико

   

Што предвидува Законот за финансиска дисциплина

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

financial_law-bigСо Законот за финансиска дисциплина се  уредува  навременото  исполнување  на  парични  обврски  кои произлегуваат од реализација на деловни трансакции меѓу приватните субјекти, но и помеѓу субјектите од приватниот и јавен сектор, заради спречување на неисполнување на паричните обврски во предвидените рокови.

Со овој закон се воспоставува законска рамка со фер правила на игра кои ќе бидат во прилог на субјектите од јавниот и приватниот сектор, најмногу за малите и средни претпријатија кои досега се соочуваа со проблеми во наплатата на меѓусебните побарувања. Со неговата примена се очекува да се подобри функционирање на пазарот, ликвидноста и оптималното работење на фирмите, што во крајна линија ќе ја зголеми и конкурентноста на македонските компании.

Со законот се предвидува во деловните трансакции помеѓу фирмите, рокот за исполнување на паричните обврски да не може да биде подолг од 60 дена. По исклучок, во трансакциите помеѓу економските оператори од приватниот сектор може да се предвиди рок подолг од 60 дена, но не подолг од 120 дена, доколку постои изречна писмена согласност од двете страни. Исто така во договорите помеѓу институции од јавниот сектор и фирмите рокот за исполнување на паричните обврски да не може да биде подолг од 60 дена, во случаите кога државните институции се јавуваат како должници.

Рокот за исполнување на паричните обврски започнува да тече првиот нареден ден од денот:

1)  кога  должникот  ја  примил  фактурата,  односно  друго  барање  за  плаќање  од доверителот кој ја исполнил својата договорна обврска;

2)  кога доверителот ја исполнил својата обврска, односно извршил испорака на договорената стока, услуга или работа, а притоа не може да се утврди денот на приемот на фактурата или друго соодветно барање за плаќање;

3)  кога доверителот ја исполнил својата обврска, односно извршил испорака на договорената стока, услуга или работа, а должникот ја примил фактурата или друго соодветно барање за плаќање пред доверителот да ја исполни својата договорна обврска или

4) на истекот на рокот за преглед и потврдување на стоките и услугите, односно прием на извршените работи, ако со закон или договор е предвидена постапка за преглед, потврдување или прием со која се утврдува сообразноста на стоките, услугите и работите, а должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред или на денот на потврдувањето, при што рокот за преглед на предметот не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на стоката или извршената услуга, односно работа, доколку по исклучок кој произлегува од специфичностите на стоките, услугите и работите или од природата на договорот не е предвиден подолг рок.

Доверителот има право на надоместок за доцнење при исполнувањето на паричната обврска од должникот во износ од 3.000 денари, доколку паричната обврска не е исполнета во роковите, без претходно потсетување и опомена на должникот. Правото на надоместок за доцнењето не го исклучува правото за надоместок на трошоците кои доверителот има право да ги побарува врз основа на договор или други прописи, како и на казнена камата која се пресметува и наплатува согласно со закон

Во договорите меѓу субјектите од приватниот сектор, во случај кога должникот нема да ја исполни паричната обврска во роковите предвидени со овој закон и доверителот ќе поднесе тужба до надлежен суд, предлог за извршување до извршител или предлог за платен налог до нотар, според кои се пречекорени   законските рокови за плаќање на обврските од страна на должникот, судот, извршителот или нотарот се должни писмено да ја известат Управата за јавни приходи со цел да утврди дали се прекршени одредбите од овој закон од страна на субјектот од приватниот сектор.

Доколкусубјектот од приватниот сектор поднесе тужба до надлежен суд, предлог за извршување до извршител или предлог за платен налог до нотар, според кои се пречекорени  законските рокови за плаќање на обврските од страна на субјектот од јавниот сектор, судот, извршителот или нотарот се должни писмено да го известат Министерството за финансии – Финансиска инспекција во јавниот сектор, со цел   да утврди дали се прекршени одредбите од овој закон од страна на субјектот од јавен сектор.

Глоби

– Глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на правното лице субјект од јавен сектор и правното лице економски оператор од приватниот сектор, доколку нема да ја намири паричната обврска во утврдените рокови од овој закон.

– Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на трговецот поединец, доколку нема да ја намири паричната обврска во утврдените рокови од овој закон.

Законот за финансиска дисциплина можете да го превземете ТУКА

–ПРАВДИКО–

 

 

Партнери на Правдико