Што предвидуваат новите измени на Законот за азил и привремена заштита | Правдико

Правдико

   

Што предвидуваат новите измени на Законот за азил и привремена заштита

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

imigranti-vrakjanjeДенеска на 56 седница на Собранието на Република Македонија, закажана во 12 часот, како единствена точка на дневниот ред е расправата за Предлог  законот  за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита, по скратена постапка.

Во легислативата на Република Македонија уставно прокламираното право на азил, што Републиката го гарантира на странците и на лицата без државјанство, прогонети заради демократско политичко уверување и дејствување (член 29 став 2 од Уставот), уредено е со Законот за азил и привремена заштита.

Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита се направи дистинкција меѓу намерата за поднесување на барање за признавање направо на азил и формалниот аспект, односно поднесувањето на барањето за признавање на право на азил, од страна на потенцијалните баратели на азил.

Според предложените измени полицискиот службеник го евидентира странецот кој искажал намера и го упатува во рок од 72 часа да поднесе барање за признавање право на азил пред овластеното службено лице во просториите на Одделението за азил во Прифатниот центар за баратели на азил. Доколку странецот не ја исполни обврската, односно не поднесе барање за признавање право на азил во рок од 72 часа од моментот кога ја искажал намерата, со него ќе се постапува согласно прописите за странците.

Во новиот член 16-а е утврден формалниот аспект односно поднесување на барањето за признавање право на азил. Барателот на право на азил може да поднесе барање за признавање право на азил пред полицијата на граничниот премин, најблиската полициска станица или во просториите на Одделението за азил во Прифатниот центар за баратели на азил.

Доколку барањето е поднесено пред полицијата на граничниот премин или во најблиската полициска станица полицискиот службеник го спроведува барателот на право на азил до Прифатниот центар за баратели на азил. Барател на право на азил, кој престојува на територијата на Република Македонија, поднесува барање за признавање право на азил до Одделението за азил. Во случаите од семејно обединување, барањето може да се поднесе до дипломатско – конзуларното преставништво на Република Македонија во странство

За извршување на предложениот закон е потребно донесување на подзаконски пропис за образецот на искажаната намера за поднесување на барање за признавање право на азил, образецот на барање за признавање право на азил, начинот на земање на отпечатоци од прсти и фотографирање на барателите на право на азил, образецот и постапката за издавање и замена на исправи на баратели на право на азил и лица на кои им е признаено право на азил или привремена заштита во Република Македонија и за начинот на водење на евиденција.

Со правилникот за образецот на искажаната намера за поднесување на барање за признавање право на азил, образецот на барање за признавање право на азил, начинот на земање на отпечатоци од прсти и фотографирање на барателите на право на азил, образецот и постапката за издавање и замена на исправи на баратели на право на азил и лица на кои им е признаено право на азил или привремена заштита во Република Македонија и за начинот на водење на евиденција, ќе се уреди образецот на намерата за поднесување на барање за признавање право на азил, образецот на барање за признавање право на азил, начинот на земање на отпечатоци од прсти и фотографирање на барателите на право на азил, образецот и постапката за издавање и замена на исправи на баратели на право на азил и лица на кои им е признаено право на азил или привремена заштита во Република Македонија и за начинот на водење на евиденција.

Подзаконскиот акт предвиден со овој закон ќе се донесе во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Препорачуваме

Партнери на Правдико