Што предвидуваат новите измени во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување | Правдико

Правдико

   

Што предвидуваат новите измени во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sobranie-na-rm-640x360Со Предлог Законот се дефинира поимот „друг договор“ како секој вид на договор или друг акт, без оглед на нивната форма и вид, со кој се определува надоместок за извршување на физичка и/или интелектуална работа, вклучувајќи и извршување на функција на именувано или избрано лице, управител или членување во орган на управување и надзор во трговски друштва, орган на управување и надзор на државни и јавни институции и установи (агенции, дирекции, фондови, регулаторни тела, јавни претпријатија, институти, заводи и слично), учество и членување во други органи, одбори, совети, комисии, комитети, установи, тела и слично.

Имајќи ја предвид оваа дефиниција, извршните членови на одбори на директори, членови на управни одбори и управители во трговски друштва ќе подлежат на плаќање на придонеси како лица кои остваруваат приходи од друг договор за извршување на физичка и интелектуална работа, оттаму со Предлог законот се бришат одредбите од членовите од Законот во кој се уредени овие лица како обврзници за плаќање на придонесите.

Со предложените измени се врши и допрецизирање на основицата за пресметка и уплата на придонесите за остварените приходи од извршување на физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело, авторски договор или друг договор. Исто така се предвидува олеснување за обврзниците за плаќање на придонесите сами за себе, така што се пропишува наместо остварените приходи од вршење на физичка и интелектуална работа да ги пријавуваат до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во рок од 5 дена од приемот на надоместокот, тоа да го направат најдоцна до петти во месецот за примените надоместоци во претходниот месец.

Врз основа на компаративната анализа на системите за социјално осигурување на земјите од Европската унија, согласно која во најголем дел од овие земји (Австрија, Германија, Франција, Чешка, Естонија, Шпанија, Хрватска, Бугарија и други) постои лимит до кој се пресметуваат и плаќаат придонеси, со овој Предлог на закон се предлага во Законот да се утврди и највисока основица за пресметка и уплата на придонесите. Највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите ќе изнесува 12 просечни плати.

Истата ќе се утврдува одделно за примањата на обврзникот за плаќање на придонеси од работен однос, и одделно за примањата по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, остварени во тековниот месец. За самовработените лица највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите ќе изнесува осум просечни плати, ова со оглед на тоа дека се самовработени лица и самостојно вршат дејност. На износот повисок од највисоката месечна основица нема да се пресметуваат и уплатуваат придонеси. Оваа измена е од особено значење за физичките лица како обврзници за плаќање на придонесите така и за работодавачите, бидејќи истата ќе придонесе за намалување на трошоците на нивното работење.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико