Што предвидуваат новите предлог-измени на Законот за лична карта?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Материјата за личната карта е регулирана со Законот за личната карта, според кој, личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството на Република Македонија, живеалиштето и адресата на граѓанинот на Република Македонија, како и дека граѓанинот може да има само една лична карта.
Надлежен орган за издавање на лична карта согласно предметниот закон е Министерството за внатрешни работи според подрачјето на кое граѓанинот има живеалиште. Личната карта како јавна исправа граѓанинот е должен да ја носи со себе и да ја покаже на барање на службеното лице кое со закон е овластено да легитимира.
Со предметниот закон предвидена е законска обврска секој граѓанин со наполнети 18 години живот да има лична карта, како и предвидено е дека не е дозволено давање на лична карта на друг на послуга, односно послуга со туѓа лична карта како со своја.
При практичната примена на законот, се утврдија бројни проблеми. Имено, голем број на граѓани евидентираат на живеалиштето од претходен стан, се до истекот на важноста на личната карта. Заради избегнување на одредени законски обврски, одреден број на граѓани и при замена на личната карта не ја пријавуваат промената на живеалиштето. Непостоењето на обврска за граѓаните, да поднесуваат доказ за живеалиштето при секое поднесување на барање за издавање или замена на лична карта, создаде простор за свесно избегнување на одредени законски обврски на граѓаните. Сето ова, резултираше со непрецизни евиденции за издадени лични карти, кои се водат од страна на Министерството за внатрешни работи.
Со Законот за личната карта предвидено е дека барањето за идавање на лична карта граѓанинот го поднесува лично во Министерството за внатрешни работи според подрачјето на кое граѓанинот има живеалиште. При практичната примена на законот се утврди потребата за овозможување на граѓаните наведеното барање да го поднесат во надлежната организациона единица на Министерството за внатрешни работи според местото на престојување на граѓаните. При конципирање на ова решение се имаа во предвид пред се интересите на граѓаните, но се имаше за цели и заживување на престојувалиштето, како законска категорија.
Практичната примена на законот појави законска неможност во однос на поднесување на барање за издавање на лична карта надвор од просториите на Министерството за внатрешни работи. Соочени со барањата на граѓаните, кои од одредени лични причини не можат да поднесат барање во просториите на Министерството за внатрешни работи, се утврди потреба за промена на законот во тој дел. Со оглед на трошоците кои би се предизвикале за надлежниот орган, наведениот начин на поднесување на барањето ќе биде проследен со утврдување на дополнителен надоместок за оваа услуга.
При водење на прекршочната постапка, како еден од проблемите се јавува и доставувањето на известувањата, поканите и одлуките на комисиите кои ја водат прекршочната постапка.
Од тие причини, Министерството за внатрешни работи предлага да се пристапи кон изменувања и дополнување на Законот за личната карта.
–ПРАВДИКО–