Што предвидуваат новите предлог измени во Законот за данокот на додадена вредност | Правдико

Правдико

   

Што предвидуваат новите предлог измени во Законот за данокот на додадена вредност

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

taxСо Законот за данокот на додадена вредност е воведен данокот на додадена вредност како општ потрошувачки данок и се уредува неговото пресметување и плаќање. Со законот се определува: предметот на оданочување, даночната основа, даночните ослободувања, даночните стапки, времето на настанување на даночниот долг, даночниот должник, одбивката на претходниот данок, регистрацијата за целите на данокот на додадена вредност, како и казнените одредби. Исто така во законот се регулира и прометот на добра во слободни зони, како и даночните ослободувања при внесување добра од увоз во слободни зони, како и ослободувањето на прометот на добра кои се превезуваат или испраќаат од земјата во слободните зони.

Со измените и дополнувањето на Законот за данокот на додадена вредност се предлага да се дефинира  поимот “промет наменет за крајна потрошувачка во слободни зони“. Воедно се предлага внесувањето на добра од слободните зони во земјата, да не се третира како увоз на добра, при што прометот на добра со надомест, а кои се со статус на домашна стока согласно Царинскиот закон, и кои се превезуваат или испраќаат од слободните зони во земјата ќе се смета за промет остварен во земјата, односно како и секој друг промет што се врши во земјата.

Воедно во функција на поттикнување и административно олеснување на трговската соработка при промет на добра од компании од земјата кон корисници на слободна зона, се предлага прометот на добра (од компании од земјата кон корисници на зони) да не биде ослободен од данок на додадена вредност доколку вкупниот износ на надоместокот за извршениот промет без данокот на додадена вредност, е еднаков или помал од 60.000 денари.

Со измените се врши и допрецизирање/доуредување на даночниот третман на прометите во постапките за извршување и присилна наплата согласно Законот за извршување и Законот за даночна постапка.

Враќањето на платениот ДДВ, на странски дипломатски или конзуларни претставништва (како и кон нивните членови) и на меѓународни организации  (и нивните членови) е пропишано во член 48 и 49 од постојниот Закон за данок на додадена вредност, а додека поединостите на постапката за враќање на данокот е пропишана со Правилник за спроведување на законот за данокот на додадена вредност.

Понатаму, во членот 13 и 14  од Правилникот е пропишано дека барањето за враќање на платениот ДДВ, за  странски дипломатски или конзуларни претставништва (како и кон нивните членови) и од меѓународни организации  (и нивните членови), да може да ги поднесуваат најдоцна до 30-ти јуни од календарската година која следи по календарската година во која подносителот на барањето го извршил прометот, според пропишан образец кој се поднесува до Министерството за надворешни работи.

Поради специфичноста и важноста на субјектите и нивното значење за Република Македонија, со предложените законски измени и дополнувања се предлага барањата за враќање на платениот ДДВ, странските дипломатски или конзуларни претставништва (како и кон нивните членови) и меѓународните организации (и нивните членови), да може да ги поднесуваат во подолг рок ,односно најдоцна во рок од 5 години после истекот на календарската година во која е извршен прометот кон подносителот на барањето. Истото, се предлага со цел да им се овозможи подолг рок за да го извршат повратот на платениот ДДВ.

Данокот на додадена вредност според Законот за данокот на додадена вредност се пресметува со примена на пропорционални даночни стапки врз даночната основа за оданочивиот промет на стоки и услуги и увоз и тоа според општата даночна стапка од 18%, и според повластената даночна стапка од 5%.

Во членот 30 од Законот за данокот на додадена вредност е пропишана листата на добра и услуги за кои се применува повластена даночна стапка.

Според член 30 став (1) точка 14 од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија” бр. 44/99, 86/99, 8/01, 21/03, 19/04, 33/06, 101/06, 114/07, 103/08, 114/09, 133/09, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12, 12/14, 112/14, 130/14 и 15/15) повластена стапка од 5% се применува на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата.

Оваа одредба беше воведена со Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија” бр. 135/11)  и во него е предвидено дека ова одредба ќе се применува од 1 јануари 2012 година до 31 декември 2015 година.

Основна причина заради која се врши изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е да се изврши пролонгирање на рокот на примена на повластената стапка од 5% на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата.

Со Предлог на Законот се врши пролонгирање на рокот за уште три години, односно од 1 јануари 2016 година до 31 декември 2018 година.

Воедно, за отпочнатите, а незавршени постапки кои се однесуваат на враќање на данок на додадена вредност на странски дипломатски или конзуларни претставништва (како и кон нивните членови) и на меѓународни организации (и нивните членови) ќе се применуваат одредбите од овој закон.

Со наведениот предлог ќе се даде силен придонес во заживувањето на целокупниот градежен сектор во земјава, а воедно со продолжување на рокот на важноста на повластената стапка  на првиот промет на стамбени згради и станови, и понатаму се создаваат услови за пониски цени на становите и можност за поголема нивна достапност до крајните купувачи.

Препорачуваме

Партнери на Правдико