Правдико

   

Што предвидуваат предлог измените во Законот за данокот на додадена вредност

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со Законот за данокот на додадена вредност е воведен данокот на додадена вредност како општ потрошувачки данок и се уредува неговото пресметување и плаќање. Со законот се определува: предметот на оданочување, даночната основа, даночните ослободувања, даночните стапки, времето на настанување на даночниот долг, даночниот должник, одбивката на претходниот данок, регистрацијата за целите на данокот на додадена вредност, административните обврски, плаќањето на данокот, како и казнените одредби.

 

Понатаму, според постојното законско решение, уредено со член 23, точка 17, потточка а) од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија” бр.44/99…198/18 – во  натамошниот текст: ЗДДВ), ослободени од данок на додадена вредност без право на одбивка на претходен данок се образовни услуги и тоа образование и воспитување на деца и младинци, со цел да се допрецизира постојната одредба се предлага ослободувањето да се однесува и за услуги на училишно и универзитетско образование.

Исто така во членот 23 од ЗДДВ се предлагаат две нови точки 17-а) и 17-б). Имено, со точка 17-а) се предлага даночно ослободување без право на одбивка на претходен данок за услуги кои се вршат кон високообразовните установи со цел да се обезбедат услови за стекнување способности и вештини за вршење научно истражувачка дејност, вклучувајќи и менторирање за изработка и одбрана на магистерски или докторски трудови.

Со цел да се стимулира развојот на научната дејност со член 23 од ЗДДВ, точка 17-б) се предлага даночно ослободувањето без право на одбивка на претходен данок да се однесува и за услуги кои се резултат на научно-истражувачка дејност согласно закон со кој се регулира научно истражувачката дејност.

Според постојното законско решение, лекови за ветеринарна медицина се предмет на оданочување со општата стапка на ДДВ од 18%. Имајќи го во предвид значењето на ветеринарната дејност за здравствената заштита на животните и нејзината улога за подобрен ефект врз здравјето на животните се предлага лековите за ветеринарна медицина да се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5%.

Според постојното законско решение, уредено со член 42 од ЗДДВ се предвидени посебни услови кога надлежниот даночен орган со решение го утврдува данокот на додадена вредност за соодветниот даночен период, при што при утврдувањето на данокот соодветно се применуваа одредбите на Законот за персоналниот данок на доход. Со оглед на тоа дека постапката на утврдување на данокот се уредува со Законот за даночна постапка, се предлага измена во членот 42, став 2), од ЗДДВ, со која се врши усогласување со истиот.

Со член 48, став (2), од постојниот ЗДДВ, е предвидено враќањето на данокот на додадена вредност на шефот на дипломатското претставништво, на членовите на дипломатскиот персонал на странското дипломатско претставништво, на конзуларните функционери, како и на нивните брачни другари, доколку овие лица стекнале добра или користеле услуги за лични потреби или за потреби на членовите на семејствата кои ги сочинуваат нивните домаќинства. Со оваа одредба не е предвидено враќањето на данокот на додадена вредност на членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни претставништва кои не се државјани во земјата или немаат постојано престојувалиште во земјата. Со предложените измени и дополнувања во член 48, став (2), од ЗДДВ се предвидува можност за враќањето на данокот на додадена вредност и за овие лица, со што едновремено се врши и усогласување со Виенската конвенција за дипломатски односи.

Дополнително, според постојното законско решение, со член 51, став (7) од ЗДДВ е предвидено даночните обврзници кои се регистрирани за цели на данокот на додадена вредност да останат регистрирани за цели на данокот на додадена вредност најмалку во рок од пет календарски години, независно од висината на вкупниот промет. Како резултат на вакво законско решение голем број на даночни обврзници во овој период поднесуваат даночни пријави за данокот на додадена вредност според кои вкупниот промет не го надминува пропишаниот праг и во истиот немаат искажано претходен данок за одбивање, со што нема значителен фискален ефект а се зголемува административниот товар за даночниот обврзник и даночната администрација. Поради истото со додавањето на став (13) во членот 51 од ЗДДВ за овие даночни обврзници се предлага намалување на рокот од пет години на две години под определени услови.

Предложените законски измени се со цел да се допрецизира и дополни даночното ослободување во делот на образованието и да се надополни и со научната дејност. Исто така се врши намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за лекови за ветеринарна медицина. Дополнително, се намалува рокот во кој е задолжително даночните обврзници да останат регистрирани за цели на ДДВ, од пет години, на две години. Како и усогласување на враќањето на ДДВ на членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни претставништва согласно Виенската конвенција за дипломатски односи.

Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико