Што предвидуваат предлог- измените во Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Постапката за пријавување на живеалиштето или престојувалиштето на граѓаните се води согласно принципите и правилата на основниот процесен закон, односно согласно Законот за општата управна постапка, од страна на Министерството за внатрешни работи како орган кој ја води евиденцијата за живеалиште, промена на адреса на станот и престојувалиште.
Со овој закон предвидено е дека при при промена на живеалиштето, граѓанинот е должен да го одјави претходното живеалиште и да го пријави новото живеалиште во рок од осум дена од денот на иселувањето. Исто така, граѓанинот е должен во рок од осум дена да ја пријави промената на адресата на станот во живеалиштето. Пријавување и одјавување на живеалиштето, како и промена на адресата на станот во живеалиштето за малолените деца го врши родителот или старателот. По исклучок, лице постаро од 15 години живот кое е вработено или склучило брак, лично го пријавува, односно одјавува живеалиштето и промената на адресата на станот.
Со постојниот закон се дефинира живеалиштето како место во кое граѓанинот се населил со намера во него постојано да живее и во кое има обезбедено стан за живеење. Исто така, се утврдува дека граѓанин има обезбедено стан за живеење , ако тој или член на неговото семејство има вселив стан по основ на сопственост или договор за закуп во согласност со закон. Престојувалиштето според одредбите на законот е местото на кое граѓанинот привремено престојува, надвор од општината во која се наоѓа неговото живеалиште.
Тргнувајќи од ограничувачкиот карактер на дефинициите на живеалиштето и престојувалиштето содржани во постојниот закон, а соочени со секојдневните проблеми со кои се соочуваат вработените во Министерството за внатрешни работи при нивната практична примена, се пристапи кон нивно редефинирање.
При определувањето на точното значење на овие поими се настојуваше прецизно да се наведе нивната содржина. При прецизирање на законската содржина на живеалиштето и престојувалиштето се имаа во предвид и соодветните законодавни компаративни решенија на Република Словенија и Република Хрватска. За потребите на новото дефинирање на живеалиштето и престојувалиштето, се врши прецизирање на значењето на поимите „место“ и „адреса“.
Соочени со потребата од инклузија на граѓаните од социјално ранливите групи, со предложениот закон предвидени се одредби со кои оставена е можност граѓанин кој трајно е сместен во социјална, односно здравствена установа, да пријави живеалиште на адреса на социјалната, односно здравствената установа. Со тоа се исполнети предусловите овој граѓанин да може да поднесе барање за издавање на лична карта, во која ќе биде наведено новото живеалиште на граѓанинот.
Истата законска можност предложена е и за бездомниците, како посебна категорија на социјално загрозени граѓани. Од уредно пријавено живеалиште и поседување на лична карта, ќе зависи остварувањето на права на многу бездомници. Компаративно, слични законски решенија се содржани во законодавството на Република Хрватска.
Со предложениот закон се врши проширување на законските основи за пријавување на живеалиштето. Имено, покрај сопственоста и закупот, граѓаните располагаат со други правни инструменти со кои бараат да се уреди живеалиштето на одредена адреса (како договорот за послуга, договорот за доживотна издршка со кој се воспоставува заедница на живеење, писмена потврда од општината за постоење на бесправно изграден објект за живеење, решение за данок на имот со доказ за платен данок на имот за објектот во кој се живее). Исто така, со предложениот закон предвидено е доколку граѓанинот не може да достави некој од предвидените докази, истиот да може да достави изјава од сопственикот на станот.
Со изјавата, сопственикот се согласува подносителот на барањето да пријави живеелиште на адресата на неговиот стан. Наведената изјава се дава пред вработените во соодветната служба на Министерството за внатрешни работи или пред нотар. На овој начин, Министерството за внатрешни работи прави напори, секој граѓанин да има уредно пријавено живеалиште на адресата на која реално живее.
Со предложениот закон, освен суштинските промени во поглед на дефинирањето на поимите и правните основи за остварување на живеалиштето, се врши прецизирање на постапката на стекнување на ова право. Во поглед на постапката за остварување на ова право, постои разлика дали се менува живеалиштето, односно адресата на станот на територија на различни општини или на територија на една иста општина односно на територијата на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа.
При промена на живеалиштето на територијата на различни општини, по спровена постапка и исполнети услови, на подносителот на барањето му се издава решение, против кои има право на жалба. Доколку подносителот на барањето го менува живеалиштето на територијата на градот Скопје, односно на територијата на различни општини, промената му се евидентира во евиденцијата на живеалиште.
Со предложениот закон се врши дефинирање на податоците кои се содржани во барањето за пријавување и одјавување на живеалиште и адреса на станот, како и барањето за пријавување на престојувалиште, како и утврдени се доказите кои се доставуваат кон наведените барања.
Со оглед дека граѓаните кои привремено престојуваат во странство многу често не го пријавуваат заминувањето и враќањето во државата се изврши прецизирање на обврска за пријавување, односно одјавување, со цел нејзино доследно почитување.
Непостоењето на законска можност Министерството за внатрешни работи да го поништува живеалиштето на граѓанинот кога врз основа на оперативни сознанија и теренска проверка ќе утврди дека граѓанинот не живее во пријавеното живеалиште, претставува една од утврдените слабости на овој закон. Од тие причини, се предвидува наведената можност.
Со предложениот закон се врши законско уредување на евиденциите кои ги води Министерството за внатрешни работи во делот на живеалиштето и престојувалиштето, личните податоци кои се содржани во овие евиденции и рокот на чување на податоците.
Заради надминување на практичните пробелми со кои се соочува надлежната комисија за водење на прекршочните постапки на Министерството за внатрешни работи се прецизира дека доставувањето на известувањата, поканите и одлуките се врши согласно Законот за општата управна постапка, а покрај тоа се предвиде и начин на доставување преку објавување на огласната табла во седиштето на комисијата.
Од тие причини, со предложените изменувања и дополнувања на предметниот закон, се пристапува кон целосно уредување на наведените состојби и односи на предложениот начин.
–ПРАВДИКО–