Што претставува договорот за закуп и кои лица го склучуваат? | Правдико

Правдико

   

Што претставува договорот за закуп и кои лица го склучуваат?

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

20113006-dogovor-potpis-privatni-univerzitetiДоговор за закуп се склучува кога некое лице има потреба од употреба и користење одреден предмет што не е во негова сопственост.  Преку овој договор, закуподавецот (физичко или правно лице во чијашто сопственост е предметот) му предава определен предмет на закупувачот (физичкоили правно лице што ќе го користи дадениот предмет), за што добива договорена сума на пари од страна на закупувачот. Таа цена, односно сума на пари, кај договорот за закуп се нарекува закупнина.

Најчест предмет на договорот за закуп е недвижен имот (куќа, стан, деловен простор, градежно земјиште, земјоделско земјиште). Но, под закуп може да се даде и движна ствар (на пример: пијано, багер). Во секојдневниот говор, многу често се користат и следните, веќе одомаќинети, термини за закуп и закупнина: рента (од англискиот збор rent) и кирија (од турскиот збор kira). И државата може да се јави како договорна страна кај договорот за закуп, било како закуподавач, било како закупувач. Доколку државен орган е закуподавач, во тој случај се применуваат одредбите содржани во Законот за користење и располагање со стварите на државните органи. Волјата на државниот орган како закуподавач е ограничена со овие одредби, што предвидуваат недвижната ствар да се даде во закуп преку постапка за јавно наддавање или, во исклучителни ситуации, во постапка со преговарање.

Управата за јавни приходи ја определува висината на закупнината, која во случај на јавно наддавање претставува почетна цена.

Кои се главните обврски на договорните страни?

Како и кај повеќето други договори, склучувањето ваков вид на договор произведува права и обврски за двете договорни страни. За закуподавачот е обврска да го предаде предметот во исправна состојба и да го одржува во таква состојба, додека трае и се применува договорот за закуп. Со цел да се избегнат сите можни подоцнежни недоразбирања или злоупотреби, препорачливо е договорните страни да состават и потпишат записник за примопредавање на предметот.

Главна обврска на закупувачот е плаќањето на закупнината во редовен рок. Закупнината се плаќа во парични средства, освен ако страните не се договорат поинаку. Препорачливо е парите да се  уплаќаат на банкарска сметка на закуподавачот. Притоа, на договорениот нето износ на закупнина, се плаќа персонален данок на доход (ПДД), кој во моментов изнесува 10% од даночната основица (нето закупнината).

Формален обврзник за плаќање на данокот е закуподавачот, но вообичаена практика кај нас е договорање бруто износ на закупнина, при што закупувачот при префрлање на нето износот на сметката на закуподавачот, истовремено го плаќа и износот на ПДД како јавен приход Нема правило кога се плаќа закупнината, односно дали пред, за време или по користењето на предметот. Во практиката, најчесто се плаќа авансно (однапред). Притоа, може да се плаќа од месец за месец, но, понекогаш, особено кога се работи за подолгорочен закуп, се плаќа и за подолги временски периоди (за 3 или за 6 месеци однапред).

Што е подзакуп? Дали закупениот предмет може да се отуѓи?

Начелно, закупувачот може закупениот предмет да го даде во закуп на друго лице – подзакуп. Доколку закуподавачот не се согласува со давање на предметот во подзакуп, законски е обврзан да даде оправдана причина за тоа. При постоење на договор за подзакуп, одговорноста за предметот за сето време ја има закупувачот. Закуподавачот може да одлучи за време на траењето на закупот предметот да го отуѓи (продаде) на трето лице. Но, тоа не значи дека веднаш се раскинува договорот за закуп.

На закупувачот треба да му се гарантира одредена правна сигурност. Поради тоа, договорот за закуп, особено ако е склучен во писмена форма, продолжува да важи и да се применува сè до моментот за кој е договорен закупот. Доколку новиот сопственик (прибавувач) на предметот инсистира на раскинување на договорот за закуп, тогаш тој треба да му даде на закупувачот отказен рок.

Колку изнесува отказниот рок и периодот на закуп?

Најчесто, страните определуваат отказен рок во самиот договор (на пример, 15 или 30 дена), а доколку таков не е определен, тогаш се применува законскиот рок од 8 дена. Вообичаено, секој договор за закуп содржи временски период за закуп. Тоа значи дека со истекот на тој рок престанува да важи договорот за закуп и предметот му се враќа на закуподавачот. Но, доколку закупувачот продолжил да го употребува предметот и по истекот на рокот, тогаш се смета дека страните премолчано го обновиле договорот на неопределено време.

Извор:  УЧИМЕ право : клиничка програма. – [Скопје] : Младински образовен Форум

Препорачуваме

Партнери на Правдико