Правдико

   

Што претставува јавен интерес при експропријација?

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

project-management-project-engineeringЕкспропријацијата во суштина е начин на стекнување на правото на сопственост, со кој престанува правото на сопственост на физичките и правните лица , а се стекнува право на сопственост на државата по сила на закон и заради остварувањето на јавниот интерес.Како корисници на експропријацијата Законот ги посочува државата и единиците на локалната самоуправа, односно општинитеи  градот Скопје.

При постапка за експропријација како предмет правниот систем ги прогласува единствено недвижните ствари.

Недвижности се земјишта (земјоделско земјиште, градежно земјиште и шуми), згради и инсталации подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив ако со закон поинаку не е определено;

Јавен интерес според Законот за експропријација  е уредувањето, рационалното користење и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата со градење на објекти и изведување на работи од значење за Републиката и единиците на локалната самоуправа, предвидени со актите за планирање на просторот.

Јавен интерес се утврдува за:

–  градење на објекти и изведување работи од значење за Република Македонија и

–  градење на објекти и изведување на работи од локално значење.

Во одредени случаи јавен интерес се утврдува и за одземање на градежно земјиште на кое право на користење имаат физички лица, а кое според актите за планирање на просторот со кои се дефинира градежна парцела е надвор од дефинираната градежна парцела, а кое не може да биде предмет на приватизација, согласно со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Јавен интерес од значење за Република Македонија  се утврдува заради:

–  градење на нуклеарни електрани, термоцентрали и хидроцентрали со капацитет од и над 1МВ, далноводи со напонско ниво од и над 35КВ, градење на објекти за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до и над 1МВ, трафостаници со напонско ниво од и над 10КВ и брани со акумулации,

–  градење на нафтоводи, продуктоводи, магистрални гасоводи, гасоводни мерни станици,

–  градење на секундарна гасоводна мрежа,

–  поставување на оптички кабли за потребите на државните органи, -градење на железнички пруги и железнички станици, аеродроми, државни патишта и

–  мостови,

–  градење на депонии за неопасен и депонии за опасен отпад,

–  градење на објекти за потребите на одбраната, државните органи, агенциите и фондовите основани од Република Македонија,

–  градење на објекти за потребите на дипломатско-конзуларни претставништва и меѓународни организации,

–  градење на технолошки индустриски развојни зони основани од Владата на Република Македонија,

–  градење на телекомуникациски центри за прием на сателитски сигнали,

–  градење на гранични премини,

–  градење на регионални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување,

–  градење на објекти со инсталации за производство на топлинска енергија,

–  градење на езерски и речни пристаништа,

–  градење на стадиони и спортски сали со капацитет од над 10.000 гледачи,

–  градење на објекти и изведување на работи за потребите на државните јавни служби во областа на образованието, воспитанието, науката, културата, здравството и социјалната заштита;

–  градење на населби при големи природни катастрофи (земјотреси, поплави, пожари и лизгање на земјиште) и преселување на населби (потопување и еколошки причини) и

–  експлоатација на минерални суровини од стратешко значење за Република Македонија.

Исто така јавен интерес од значење за Република Македонија согласно со овој закон се утврдува и за експропријација на објекти, постројки и водови за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија или пренос и дистрибуција на природен гас, постројки и системи за производство и дистрибуција на топлинска енергија, како и водостопански објекти и постројки, заради обезбедување на јавна услуга.

Јавен интерес од локално значење се утврдува заради:

–  градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни слу­жби во областа на образованието, воспитанието, науката, културата, здравството и социјалната заштита,

–  градење на далноводи со напонско ниво до 35КВ и трафостаници со напонско ниво до 10 КВ,

–  градење на трамвајски пруги,

–  градење на објекти за противпожарна заштита,

–  градење на локални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување,

–  градење на стадиони и спортски сали со капацитет до 10.000 гледачи,

–  градење на катни гаражи и

–  градење на објекти за општа употреба и тоа: општински патишта, плоштади, јавни пар­кови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта.

Пред да се пристапи кон поднесување на предлог за експропријација, предлагачот е должен да му понуди на носителот на правото на сопственост на недвижноста предвидена за градење на објекти или изведување на работи од јавен интерес склучување на договор за размена или договор за продажба, како и утврдување на надоместокот кој во секој случај му следува кој неможе да биде понизок од пазарната вредност на недвижноста.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико