Што содржат измените во Законот за кривичната постапка
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.На 35-тата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 30.10.2018г., со двотретинско мнозинство, Собранието ги изгласа измените во Законот за кривичната постапка. Целта на предложените измени е надминување на постојните недостатоци во областа на посебните истражни мерки, кои беа лоцирани во извештаите на меѓународните организации, а посебно беа обработени во двата извештаи на Прибе. Предлог Законот се заснова на истите начела врз кои се заснова Законот за кривичната постапка.
Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка содржи 16 члена.
Со членовите 1, 2, 3 и 4 во опфатот на правосудната полиција покрај постојните категории лица, се додаваат и овластените службени лица на Министерството за одбрана кои работат на откривање и пријавување на кривични дела.
Со членот 5 се врши усогласување на одредбата за укинување на притворот во однос на жалбата согласно јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права.
Со членовите 6 и 8 се предвидува основ за примена на посебна истражна мерка за лице за кое е распишана меѓународна потерница за кривично дело од член 253 од овој закон. Исто така, кај посебната истражна мерка „користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци“, се предлага и нејзино проширување со можност и за снимање, покрај постојното следење и собирање на информации и податоци, а се предлага и подобрување на текстот и појснување и на други посебни истражни мерки.
За поуспешно и поефикасно лоцирање на бегалците од законот за кои е распишана меѓународна потерница во земјите членки на ЕУ, формирани се специјализирани тимови за активна меѓународна потрага по бегалци од законот. За реализирање на оваа мерка донесени се соодветни законски решенија за примена на посебните истражни мерки за целите на меѓународната потрага по бегалците од законот во земјите членки на ЕУ. Преземените активности на Рeпублика Македонија преку Министерството за внатрешни работи во текот на 2015г. и 2016г. во областа на меѓународната кривично правна соработка, резултираше со прием на ФАСТ (Fugitive active search team) тимот на МВР на РМ во европското семејство на ЕНФАСТ (European network of fugitive active search team) Европска мрежа на ФАСТ тимови за активна меѓународна потрага по лица.
Приемот на ФАСТ МКД беше прифатен со едногласна одлука од страна на сите 28 земји членки на ЕУ и ЕНФАСТ, и од Ноември 2016г. Република Македонија претставувана од МВР-СМПС-ФАСТ е активна членка на ЕНФАСТ. Приемот на Република Македонија (МВР-СМПС-ФАСТ) во ЕНФАСТ значи и целосно исполнување на задачите и обврските кои произлегуваат од самото членство како од нормативен така и од практичен аспект. Во оваа насока во изминатиов период МВР и ФАСТ тимот преземаа мерки и активности за исполнување на обврските и задачите, при што беше направена анализа на позитивното законодавство на Република Македонија кое ја регулира областа на меѓународната кривично правна соработка особено на употребата на посебните истражни мерки за целите на активна меѓународна потрага по лица.
Во анализата беше утврдено дека постојното законско решение за употребата на посебните истражни мерки за целите на активна меѓународна потрага по лица е делумно, што беше констатирано и од страна на експертите од Основниот кривичен Суд Скопје 1, надлежните јавни обвинителства, Специјалното јавно обвинителство. За да се избегне ова, потребно е прилагодување на законодавството за целосно да ги исполнува условите и стандардите на Европското законодавство. Предложените измени произлегуваат од практичното искуство на подносителите во областа на меѓународната потрага и од направената компаративна анализа на нашето законодавство со законодавството на земјите во ЕУ (Германија, Австрија и Хрватска) каде функционираат ФАСТ тимови, пред се со цел прилагодување на домашното со европското во оваа област, преку создавање законска основа за дополнување на примената на посебните истражни мерки за целите на активна меѓународна потрага по лица.
На оваа тема во Септември 2017г. во Скопје во рамки на проектот на Европската унија „Борба против организиран криминал: меѓународна соработка во кривичната правда ИПА 2014/341-116“ („Fight Against Organised Crime: International Cooperation in Criminal Justice IPA 2014/341-116“) предводен од Италија, беше реализирана првата работилница за ФАСТ и ЕНФАСТ, на која претставниците на ФАСТ тимот на МВР го претставија концептот на ФАСТ пред претставници на сите институции на Република Македонија кои ја обработуваат оваа област и кои се дирекно инволвирани во практичната примена (Основен суд Скопје 1, надлежните јавни обвинителства, Специјалното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда). На работилницата беа елаборирани и предложени измени преку практични примери за нивна употреба, од што на крајот произлезе сега предложениот законски текст. На овој начин со минималните измени на сега постоечкото законско решение се прилагодува домашното законодавство со европското во областа на кривично правната соработка односно активната меѓународна потрага по лица. Ова практично значи дека со усвојување на предложените измени ќе се исполнат и прашањата, кои ќе се отворат преку поглавјата 23 и 24 во однос на меѓународната кривично правна соработка, а кое во иднина ќе биде и обврска, согласно аспирациите на Република Македонија кон ЕУ.
Со членот 7 од предлогот опфатот на кривични дела за кои можат да се применат посебните истражни мерки се проширува и со кривични дела против вооружените сили Глава XXIX од Кривичниот законик.
Со членот 9 се интервенира во членот 257 од Законот. Имено, се врши допрецизирање на одредбата за содржината на наредбата со додавање на зборовите „,како и идентификацискиот број за секој од нив поодделно“. Со тоа се надминуваат досегашните недоречености кои во практиката предизвикуваа одредени проблеми кога имаше наредби кои содржеа повеќе телефонски броеви, а само еден идентификациски број, што е проблем при спроведувањето на мерката. Исто така, се превидува дека анонимизираниот примерок на наредбата која се доставува до ОТА ги содржи:
– број на наредбата и органот кој ја издал;
– техничките средства кои ќе се применат;
– времетраењето на ПИМ и идентификациониот број;
– видот на телекомуникацискиот систем, телефонскиот број или друг податок за идентификација, како и идентификацискиот број за секој од нив поодделно.
Во овој член се предвидува дека анонимизираниот примерок од наредбата кој за потребите на надзорот и контролата што се врши согласно одредбите на овој закон, содржи податоци за:
- бројот на наредбата и органот кој ја издал;
- времетраење на мерката и
- идентификацискиот број.
Со овој член се пропишува и привремена писмена наредба согласно Законот за следење на комуникациите.
Анонимизацијата на податоците во наредбата, ја врши судијата кој ја донел наредбата. Во овие измени е предвидено и дека начинот на анонимизацијата и на евидентирањето во судскиот уписник на анонимизираните примероци од наредбата го пропишува министерот за правда.“
Со членот 10 се предвидува во член 258 да се измени ставот (5) и согласно овој предлог јавниот обвинител конечниот извештај и целокупната документација од ставот (3) на овој член, по донесување на јавно обвинителска одлука да ги доставува до судот. Исто така, заради прецизирање терминот „посебен извештај“ се заменува со „конечен извештај“.
Со членот 11 се интервенира во членот 261 кој се однесува на запирањето на посебните стражни мерки. Согласно предвидените измени, се предлага кога ќе се постигнат целите заради кои се определени посебните истражни мерки или ќе престанат да постојат основите заради кои се одобрени, јавниот обвинител веднаш да нареди запирање на мерките што тој ги определил, односно за тоа ќе го извести судијата и ќе побара нивно запирање. Ако јавниот обвинител се откаже од кривично гонење или ако собраните податоци со посебните истражни мерки немаат значење за водење на постапката, ќе се уништат под надзор на судијата, а за тоа јавниот обвинител ќе изготви записник.
Со членот 12 се уредува материјата за чувањето и ништењето на податоците добиени со примената на посебните истражни мерки.
Со членот 13 се допрецизира членот 287 став (8) во смисла на остварените комуникации што операторите се обврзани да ги задржуваат согласно член 178 од Законот за електронски комуникации. Исто така, во овој член покрај постојните парични казни за одговорно и службено лице, се пропишува и парична казна за правното лице.
Со членот 14 се додава нов став во членот 338 согасно кој решението за одобрување на обвинителниот акт судијата или советот за оцена на обвинителниот акт го донесува во рок од 15 дена од денот кога е одржана седницата односно рочиштето за оцена на обвинителниот акт.
Со членот 15 се пропишува дека подзаконскиот акт од член 9 ставот (6) од овој закон министерот за правда ќе го донесе во рок од 90 дена од неговото влегување во сила.
Со членот 16 се уредува материјата за влегувањето во сила на овој закон и отпочнувањето на неговата примена.
–ПРАВДИКО–