Што содржат последните измени на Законот за акцизите | Правдико

Правдико

   

Што содржат последните измени на Законот за акцизите

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

akzisПо предлог на Царинската управа и Министерството за финансии, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на ден 12.11.2014 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите. Овој закон е објавен во Службен Весник на Република Македонија бр. 167 од 14.11.2014 година и истиот ќе стапи на сила на ден 22.11.2014 година.

Најважи измени кои се извршени со овој закон се следниве:

– Се воведува ново акцизно добро – нафтен кокс од тарифните ознаки 2713 11 00 00 и 2713 12 00 00 со износ на акциза од 84,6 ден/GЈ (гигaџул);

– Се изедначува износот на акцизата по килограм за течен нафтен гас, независно од неговата намена дали истиот се употребува за греење или како погонско гориво со износ од 4,900 ден/кг;

– Се пропишува рокот за поднесување на барањето за враќање на платената акциза, односно 12 месеци од денот на набавката или увозот на течниот нафтен гас. Започнатите управните постапки на кои се однесуваат измените на Законот за акцизите ќе се завршат според прописите што важеле до денот на отпочнувањето на примена на овој закон;

– Со додавање на тарифната ознака 2710 19 21 00 во ставот 1 од членот 30 се врши усогласување, односно се додава тарифниот број на керозинот кој исто така може да содржи елементи на обележување, односно се врши усогласување со точка 4 во ставот 1 од членот 28 од Законот за акцизите;

– Со измена на ставот 2 од членот 30 се дава јасна обврска на увозникот минералните масла кои содржат материи за обележување („црвената нафта“) да бидат обележани со пропишани количини на обележувачи. За овој став е предвиден и прекршок со измените на членот 61-а;

– Со додавање на новиот став 4 во членот 31-а , трговските друштва се обврзуваат да водат евиденција на купувачите по даночен број за правните лица и единствен матичен број на граѓанинот и адреса на живеење за физичките лица кои купуваат количини над 20 литри;

– Со измената на точка 10 од став 1 во членот 61-а од Законот за акцизите се пропишува прекршочна одредба доколку при увоз на минерални масла кои содржат материи за обележување („црвена нафта“) се утврди дека не е правилно обележана со обележувач, односно не ги содржи пропишаните количини на материи за обележување согласно овој Закон и Правилникот за спроведување на законот за акцизите;

– Со измената на ставот 3 и додавањето на новите ставови 4 и 5 од членот 61-а се предвидува одземање на моторното возило кое користи обележани минерални масла при повторното сторување на прекршокот а воедно се избегнува вмешувањето на сопственикот на возилото во прекршочната постапка ако истиот не е сторител на прекршокот. Околностите дали истиот не знаел или знаел или би можел да знае дека во неговото возило се користеле минерални масла кои содржат материи за обележување можат да бидат докажувани во постапка за надомест на причинета штета согласно одредбите на Законот за облигациони односи;

– Со додавањето на новиот став 7 во членот 61-а се воведува обврска на сторителот на прекршокот задожително враќање во странство на несодветно обележаното акцизно добро, како мерка на безбедност и заштита на фискалните интереси на Република Македонија. По утврдениот прекршок, на прекршителот ќе му биде наложена обврска задолжително да ги врати во странство минералните масла (предмет на прекршокот) кои содржат материи за обележување во количини кои не се во согласност со пропишаните со Законот за акцизите;

– Со измената во ставот 1 на членот 61-в износот на глобата од 1.500 евра со 4.000 евра се пропишува изрекување на повисока глоба во постапката за порамнување за правното лице;

– Со новиот член 61-г се прецизира надлежноста за водење на прекршоците сторени по Закон за акцизите и се дефинираат роковите за застареност. За водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочна санкција за сторени прекршоци од овој Закон, надлежен е Царинскиот прекршочен орган. Прекршочна постапка за сторени прекршоци од овој Закон не може да се поведе ако поминале повеќе од пет години од денот на извршување на прекршокот. Застареноста се прекинува со секое дејствие на надлежниот орган што се презема заради гонење на сторителот на прекршокот. Со секое прекинување на рокот застареноста почнува одново да тече, но прекршочната постапка не може да се поведе ниту натаму да се води по истекот на десет години од денот кога е сторен прекршокот;

– Со новиот член 61-д изречената глоба не може да се изврши ако од денот на правосилноста поминале повеќе од две години. Застарувањето на изречената глоба почнува да тече од денот кога одлуката за прекршок станала правосилна. Застарувањето не тече за време за кое извршувањето не може да се превземе според закон. Застарувањето се прекинува со секое дејствие на прекршочниот орган што го превзема заради извршување на глобата. По секој прекин застарувањето почнува повторно да тече. Застареноста на извршување на глобата настапува во секој случај кога ќе измине двапати онолку време според кое се бара застареност на извршувањето. Во случаи на плаќање на глоба на рати застареноста почнува да тече од последната рата, а во случај на одлагање на плаќањето по истекот на периодот за кој било одложено плаќањето.

Извор: Царинска управа на РМ

Партнери на Правдико