Што содржат предлог измените во Законот за полиција | Правдико

Правдико

   

Што содржат предлог измените во Законот за полиција

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со Законот за полиција (,,Службен весник на Република Македонија” бр.114/06, 6/09, 145/12, 41/14 и 33/15), нормaтивно правно се уредуваат полициските работи, организацијата на Полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.

Имајќи ја предвид досегашната практична имплементација на Законот за полиција, како и прописите донесени во периодот по донесување на основниот текст на законот, Министерството за внатрешни работи пристапи кон ревидирање на одредени решенија содржани во Законот за полиција. Конкретно, со членот 1 од предложениот закон, се предвидува исклучок од предвидениот законски рок за доставување на барањето за асистенција, кое надлежниот орган го поднесува до Полицијата во писмена форма, најдоцна пет дена пред спроведување на извршувањето, односно пет дена пред денот за кој е утврдена потреба за давање на помош (асистенција). Имено, предложеното решение предвидува исклучок од наведениот рок за барањата за асистенција што се однесуваат на обезбедување на транспорт на пари и други вредсносни пратки, односно предмети од вредност и во тие рамки се предлага надлежниот орган да го поднесе барањето за асистенција во писмена форма до Полицијата, најдоцна 36 часа пред почетокот на транспортот, освен во итни случаи кога барањето може да го достави во рок од шест часа пред почетокот на транспортот. На овој начин, ќе се
поедностави спроведувањето на постапката при практичната имплементација на наведената одредба.

Со членот 2 од предложениот закон се врши усогласување на Законот за полиција со Законот за кривичната постапка (,,Службен весник на РМ“бр.150/10, 100/12 И 142/16), во смисла на надминување на недоследноста содржана во членот 43 од Законот за полиција, кој се однесува на примена на полициското овластување – повикување. Имено, согласно членот 43 од Законот за полиција, Полицијата е овластена писмено со покана да повикува граѓани заради собирање потребни известувања неопходни за извршување на полициските работи. Во овој контекст, во наведениот член,предвидена е можност за присилно доведување на повиканото лице само со судска наредба и само тогаш кога очигледно одбегнува да се јави на уредно доставена покана во која билопредупредено на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда. Со оглед дека во Законот за кривичната постапка не е предвиден институтот ,,присилно доведување“ во смисла во која истиот се применува од страна на Полицијата, се наметна потреба од соодветно ревидирање на членот 43 од Законот за полиција. Донесувањето на новиот Закон за прекршоците (,,Службен весник на Репуика Македонија“ бр.124/15), имплицира и соодветно ревидирање на одредбата на членот 50-а од Законот за полиција, со која се уредува начинот на преземање на полициското овластување – Задржување на лице лишено од слобода кое е под дејство на алкохол или други присхотропни супстанци, под услови утврдени со посебен закон, при што задржувањето од постојните максимални осум часа, се усогласува со максималните 12 часа предвидени согласно Законот за прекршоците (член 3 од предложениот закон). На предложениот начин се врши содржинско усогласување на Законот за полиција со новиот Закон за прекршоците во предметната одредба.

Членот 4 од законот чие донесување се предлага содржи ревидирање на одредбата на членот 61 од Законот за полиција. Имено, со наведениот член се уредува полициското овластување – сопирање, легитимирање, преглед односно претрес на лица, превозни средства и багаж. Во овие рамки, при спроведување на прегледот, полициските службеници се овластени да користат технички средства или службено куче. Целта на дополнувањето на предметниот член е да се овозможи користење на службено куче без маска, ако се има предвид дека основната функција службеното куче ја извршува преку вдишување на мирисни честички преку сетилото за мирис (носот), а предметната одредба се однесува на службени кучиња наменети за специјални намени (трагање по експлозиви и експлозивни направи, опојни дроги и наркотици, оружје и муниција, трагање по човечки мирис и друго). Користењето на заштитната маска го оневозможува извршувањето на основните функции на службеното куче и од тие причини се предлага дополнување на предметната одредба. Поради соодветно допрецизирање односно содржинско усогласување во рамки на членот 65 од Законот за полиција, кој се однесува на снимањето на јавни места, со членот 5 од предложенот закон е извршено ревидирање на ставот (1) на наведениот член, со цел негово усогласување со содржината на ставот (4) од истиот член, што се однесува на чувањето на сниманиот материјал во случаите на примена на полициското овластување – Снимање на јавни места.

Имајќи ја предвид анализа од досегашната имплементација на Законот за полиција, особено во делот со кој се уредени евиденциите кои се водат во Полицијата, со членовите 6, 7 и 8 од предложениот закон, се врши дополнување на евиденциите кои се водат во Полицијата, согласно утврдената потреба да се води евиденција и за привремено одземени и пронајдени електронски уреди, која може да биде структуриран врз основа на полициските работи и полициските овластувања што ги врши Полицијата и да се води како: евиденција за привремено одземени и пронајдени електронски уреди и евиденција за анализи и вештачења на електронски уреди. Во овие рамки, согласно потребата од пропишување соодветно време на чување на податоците од новите евиденции во законски рамки, предвиден е и конкретен рок за чување на податоците од овие евиденции. При преземањето на дејствијата во рамки на полициските овластувања, полициските службеници согласно предметниот закон, можат да употребат средства за присилба, на начин и под услови предвидени со законот. Со измените и дополнувањата на Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ број 33/15), беа предвидени дополнувања на средства за присилба кои можат да се употребат спрема група, односно се утврди дека спрема група може да се употребат: физичка сила; полициска палка; електричен парализатор; хемиски средства; гумен пиштол; службени кучиња; специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства.

По отпочнување на примената на овој закон, направени се правни анализи на примената на последните изменувања и дополнувања на Законот за полиција од страна на еминентни меѓународни правни експерти. Од страна на експертите беше забележано дискреционо право на полициските службеници при примената на овие средства за присилба и недостиг на одредби со кои се уредува рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на наведените средства за присилба. Во наведената анализа се потенцира потребата од обука на полициските службеници пред примената на средствата за присилба, особено средствата чија употреба може да резултира со смртни последици. Во овие рамки, потенцирана е потребата од преземање на мерки за претпазливост и начини кои ќе ги намалат штетните последици од примената на средствата за присилба.

Истовремено, во годишните извештаи на Народниот правобранител на Република Македонија, укажано е на потребата од додефинирање на начинот, условите и ситуациите на употреба на електричниот парализатор и гумените куршуми. Народниот правобранител на Република Македонија, во наведените извештаи редовно укажува на потребата од предвидување медицинска помош за лицата врз кои средствата се применуваат, како и обука за укажување на прва помош на вработените во Министерството за внатрешни работи кои ги примениле овие средства. Исто така, се препорачува доуредување на материјата за користење на средствата за присилба со јасно утврдени процедури и правила, траење и интензитет на користењето, ограничување кога може да се користат, како и мерки за претпазливост и заштита на здравјето.

Врз основа на наведените забелешки, Министерството за внатрешни работи изврши соодветно содржинско и концептуално доуредување на законската материја, по што се очекува хармонизирање на наведената содржина со меѓународните стандарди. Во рамки на употребата на средствата за присилба, со предложениот закон се врши ревидирање односно допрецизирање на конкретни одредби што се однесуваат на примената на средства за присилба. Конкретно, со членот 9 од предложениот закон, се дополнува членот 88 од Законот за полиција, кој ја уредува употребата на хемиски средства во точно определени случаи утврдени во законот.

Имајќи ја предвид потребата од соодветно допрецизирање на поимот ,,хемиски средства“ во функција на нивна соодветна и коректна примена во согласност со усвоените меѓународни стандарди во наведената област, со предложениот закон се врши допрецизирање на поимот ,,хемиски средства“, прецизирајќи дека под хемиски средства се сметаат солзавците, кои по престанок на дејството не оставаат последици по психофизичкото и општото здравје, како и хемиски материи со послабо дејство од солзавците (член 9 од предложениот закон). Истовремено, со наведениот член, се врши дополнување на членот 88 во смисла на ограничување на употребата на хемиските средства на начин на кој се предвидува дека истите нема да се употребуваат спрема лица кои се наоѓаат во близина на експлозивно-запаливи материи, детски и старечки домови, болници, основни училишта, мостови и други места каде не е безбедно извлекување на луѓето.
Во истиот контекст, а со цел усогласување на начинот на постапување на полициските службеници во случаите на примена на средствата за присилба со меѓународните стандарди кои налагаат безбедна употреба на средствата за присилба, со максимални заложби за спречување на евентуални сериозни повреди по здравјето и животот на лицата, за што Министерството за внатрешни работи добива конкретни укажувања од страна на Народниот правобранител во неговите годишни извештаи, со членот 10 од предложениот закон се предвидува ограничување односно забрана за употреба на средствата за присилба кон деца, очигледно болни, стари и изнемоштени лица, лица со тежок инвалидитет и жени со видлива бременост, освен ако истите се неопходни за лицето да се приведе или задржи и полицискиот службеник не може поинаку да го совлада неговиот отпор или да одбие напад или ако лицето го загрозува својот живот, животот на луѓето, имотот или ако заради други околности неговиот живот и здравје се непосредно загрозени.

Во таа насока, е извршено и ревидирање на членот 91 од Законот за полиција, со кој се уредува употребата на средства за присилба во случаите кога се воспоставува нарушен јавен ред и мир во поголем обем и тоа на начин на кој се предвидува можност во наведените ситуации покрај дел од средствата за присилба утврдени во членот 80 став (2) од Законот за полиција (физичка сила, полициска палка, средства за врзување на лица, уред за присилно запирање на возила и службено куче), да се употребат и специјални возила за јавен ред и мир, пиротехничко-експлозивни средства и хемиски средства (член 11 од предложениот закон).

Во оваа смисла, со членот 12 од предложениот закон се врши поимно определување на специјалните возила за јавен ред и мир (возила со специјални решетки за блокирање на простор, за ограничување на движење, потиснување на толпа и употреба на хемиски средства, како и специјални возила за контрола на толпа со воден млаз), пиротехничко-експлозивните средства (средства со светлосен, звучен и чаден ефект кои се употребуваат за воспоставување на нарушен јавен ред и мир, извлекување на лица од затворен простор, одвлекување на внимание или решавање на заложнички ситуации) и хемиските средства (солзавци, кои по престанок на дејството не оставаат последици по психофизичкото и општото здравје, како и хемиски материи со послабо дејство од солзавците).

Поаѓајќи од заложбата за примена на средствата за присилба на максимално професионален и децидно утврден начин кој ќе оневозможи дискреционо постапување на полициските службеници, а во правец на утврдување правила за постапување на полициските службеници во случаите на примена на средствата за присилба (утврдени во ревидираниот член 91 од Законот за полиција), се предвидува можност за употреба на средствата за присилба од членот 91 став (1) од законот (физичка сила, полициска палка, средства за врзување на лица, уред за присилно запирање на возила и службено куче) само по наредба на полицискиот службеник кој ја раководи акцијата (член 13 од предложениот закон). Со истиот член се предвидува средствата за присилба од членот 91 став (2) од законот (специјални возила за јавен ред и мир, пиротехничко-експлозивни средства и хемиски средства), да можат да се употребат исклучиво по наредба на директорот на Бирото за јавна безбедност или од него овластен работник. Во овие рамки, со наведениот член е утврдено дека пред употреба на средствата за присилба од членот 91 став (2) од законот, полициските службеници на насобраната група мора да и наредат да престане да го нарушува јавниот ред и мирно да се разотиде, како и да ја предупредат групата за употреба на средства за присилба, доколку не се почитува наредбата. Хемиските средствата и пиротехничко- експлозивни средства можат да се употребат и без наредбата од ставот (2) на наведениот член односно без предупредувањето од ставот (3) на истиот член, во случај на терористички дејствувања, кога основано се очекува вооружен отпор, киднапирање или лишување од слобода на лица кои пружаат активен отпор, напаѓаат, поставуваат барикади или на друг начин го оневозможуваат извршувањето на полициските работи. Во однос на хемиските средства, членот 13 од предложениот закон, предвидува забрана за насочување или распрснувње на хемиските средства и пиротехничко-експлозивните средства директно кон деловите од телото од витално значење, како што се: главата, вратот и гениталиите, освен кога е нужно заради директно загрозување на животот на полицискиот службеник или други лица.

Имајќи ги предвид укажувањата и препораките на Народниот правобранител, со членот 14 од предложениот закон се додава нов член 91-в, со кој се предвидува соодветна примена на одредбите 80, 81 и 82 од Законот за полиција што се однесуваат на условите за примена на средствата за присилба од страна на Полицијата.

Со членот 15 од предложениот закон, се предвидува бришење на основот за донесување на подзаконски пропис за начинот на спроведување на препознавање –предвиден во членот 128 од Законот за полиција, имајќи предвид дека за предметната материја веќе е доенсен конкретен подзаконски акт согласно одредбите од Законот за кривичната постапка (Правилник за начинот за препознавање на осомничено лице -„Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/12). Воедно, со истиот член се врши и допрецизирање на ставот (2) од наведениот член, со кој е предвидено донесување на подзаконски пропис за типовите на технички средства кои ќе се употребуваат за аудио и видео снимање од страна на Полицијата, согласно членот 93-а од Законот за полиција, со цел појаснување дека со прописот е регулирана исклучиво употребата техничките средства за аудио и видео снимање предвидени во членот 93-а на законот, а не и на сите видови технички средства за аудио и видео снимање кои се употребуваат од страна на Полицијата.

Членот 16 го предвидува влегувањето во сила на овој закон и тоа осмиот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Македонија“.

Целиот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико